Македонија
Ивановски: Македонија во чекор со глобалните трендови во ИКТ областа
Успешна година во информатичката област во Македонија, особено во делот на користењето на интернетот и неговата распространетост во земјата, како и скок на меѓународната рејтинг листа за информатичка технологија.
Ова е генералната оценка која министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, ја изнесе на денешната прес-конференција, на која ги сублимираше резултатите и постигнувањата во ИКТ областа.
„Учеството на домаќинствата со широкопојасен интернет во вкупниот број на домаќинства е зголемено од 65 % во 2013 година, на 67,7% во 2014 година. Речиси сите или 99,1 % домаќинства со интернет пристап, имале широкопојасно (фиксно или мобилно) поврзување на интернет. Од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, компјутер користеле 67,6%, a интернет користеле 68,1 %. Интернет најмногу користеле учениците и студентите, односно 96,3 %.“, рече Ивановски сублимирајќи ги податоците од Државниот завод за статистика.
Република Македонија оваа година, во 13-то издание на Глобалниот извештај за информатичка технологија објавено од Светскиот Економски Форум е рангирана на 57 место, што претставува напредок за 10 места од минатата 2013 година.
„Според бројот на интернет корисници во вкупното население, Македонија е на 43 место, според бројот на мобилни корисници на 82 место, потоа според домаќинствата што имаат интернет сме на 49 место, широкопојасен интернет на 48, домаќинства што имаат компјутер 55 место итн.“, додаде Ивановски.
Исто така, министерството годинава започна со подготовка на две ИКТ стратегии – едната на краток рок до 2017 година и втората на подолг рок до 2020 година. Се подготвува и стратегија за креирање на Дигитална одржлива економија, која ќе биде вклопена во ИКТ стратегиите.
„Сите статистики, анализи и стратегии во подготовка, претставуваат добра основа и во наредната 2015 година, да го подигнеме степенот на развој на информатичкото општество во земјата, кое покрај другото ќе стимулира и нови работни места и зголемување на националниот економски раст“, рече Ивановски. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Годинава стартуваме нови проекти со пензионерите, „Носталгија за корзо“, екскурзии, едукативни работилници и Спортски игри 2026
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска во просториите на Здружението на пензионери на Општина Центар присуствуваше на одбележувањето на 72 години од постоењето на организацијата.
Пензионерите му врачија благодарница на градоначалникот за одличната соработка и партнерскиот однос со Општина Центар.
„Чест е да се добие вакво признание токму од првото здружение на пензионери формирано во Македонија. Навистина соработката е одлична. Годинава ни претстојат заеднички активности со здружението на пензионери на Општина Центар, меѓу кои: „Носталгија за корзо-сеќавање на едно убаво време“, екскурзии низ Македонија, едукативно-креативни работилници за домаќинство, Пензионерски спортски игри, а во план е и изградба на Дом за стари лица“, истакна Герасимовски.
Дополнително, како што е соопштено од неговиот кабинет, локалната самоуправа реализира низа успешни и популарни проекти наменети за сениорите, како што се „Центар се грижи за возрасните“, „Итно копче“, бесплатен превоз до здравствените установи, како и еднократна парична помош, која годинава е зголемена на 5.000 денари.
„Општина Центар останува партнер на Здружението и продолжува да поддржува активно стареење и вклученост на повозрасните граѓани во политиките на локалната самоуправа и во животот на заедницата“.
Македонија
Почна реконструкцијата на улицата „Перо Наков“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска официјално го означија почетокот на целосната реконструкција на улицата „Перо Наков“.
„После речиси три децении запоставеност, започнуваме со целосна реконструкција на улицата „Перо Наков“. Денес, заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, ја започнавме целосната реконструкција на оваа значајна сообраќајна артерија, која секојдневно ја користат илјадници жители. Станува збор за улица од исклучително значење за локалното население и за целата општина, која со години беше во катастрофална состојба и претставуваше вистински предизвик за безбедно и нормално движење“, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека реконструкцијата опфаќа изградба на нови тротоари од двете страни на улицата, доизградба на атмосферската канализација, поставување нов асфалт, современо осветлување и подземно поставување на операторските мрежи.
Македонија
Од денес извод на родени, починати, венчани или потврда за слободна брачна состојба се вадат со неколку клика
За извод од матична книга на родени, починати, венчани или потврда за слободна брачна состојба граѓаните од денес не мораат воопшто да се појават на шалтер на Управата за водење матични книги. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски извести дека постапката за овие документи е целосно дигитализирана.
„Што се однесува до услугите од Управата за водење матични книги од денес и тие се целосно мигрирани на националниот портал uslugi.gov.mk што ќе го забрза нивното користење и се целосно дигитални, за разлика од претходно. Тоа значи дека извод од матична книга на родени, од матична книга на венчани, умрени и новата услуга потврда за слободна брачна состојба од денеска се целосно достапни на порталот и со неколку клика граѓаните можат да ги добијат и тие услуги. Тоа ќе значи поголема ефикасност на Управата за водење матични книги и поголема контрола од нас како ресорно Министерство на темпото на издавање на овие документи“, рече министерот Андоновски.
Тој заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денес промовираше четири нови услуги на порталот uslugi.gov.mk. За правните лица, за првпат е овозможена електронска услуга за издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување, целосно дигитална и достапна во секое време. Физичките лица, пак, електорнски можат да извадат потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување, потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес и потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.

