Македонија
Ивановски: Соработката со Мајкрософт нуди можности за вработување на младите
Во наредните три години ќе се обучат двесте илјади студенти од Република Македонија за користење на најновите технологии што ќе им помогнат да бидат поконкуретни на пазарот на трудот.
Ова го најави министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, во вторник, во рамките на втората Мајкрософт конференција „Недела на јавниот сектор“ што се одржува во Скопје. Активноста е во рамките на програмата Youthspark на Мајкрософт Македонија.
Дополнително продолжува соработката во програмата наречена „Партнери во учењето“, преку која се обучени голем број на наставници. Трет проект е сите алатки и апликации кои им се потребни на едно средно или мало претрпијатие, Мајкрософт бесплатно да им ги дава и да минуваат низ циклус на обуки.
Ивановски ги претстави владините активности на планот на обезбедување поквалитетни административни услуги, со цел излегување во пресрет на потребите на граѓаните и деловните субјекти.
„Со донесувањето на Законот за отворени податоци усвоен минатата година институциите се обврзуваат во определен временски период, податоците со кои што располагаат во дигитален формат да ги направат достапни за граѓаните. Овој процес ќе му помогне на приватниот сектор и на граѓаните, а очекуваме тоа да поттикне нови работни места и нови иновации. Искористувањето на овие податоци може да им помогне и на студентите, односно младите претприемачи“, рече Ивановски.
Тој се осврна и на проектите и резултатите во областа на Е-владата, како програма која Република Македонија ја воведе со цел обезбедување на поквалитетни административни услуги.
„Паралелно со ова работиме на развој на електронски систем за обуки на администрацијата, планирање на отворени услуги каде клучен фактор е приватниот сектор кој треба да и даде дополнителна вредност на услугата на институциите, анализа на можностите и исплатливоста за различни форми на cloud владини решенија итн“, додаде министерот Ивановски.
Пред почетокот на конференцијата Ивановски во својот кабинет оствари работна средба со потпретседателот на Мајкрософт за јавниот сектор за Европа, Средниот Исток и Африка, Џо Макри, со кого сподели мислења и идеи во насока на создавање услови за зголемување на можностите на младите луѓе за вработување и започнување на сопствен бизнис.
Инаку, на дводневната конференција во Скопје, експерти од Мајкрософт за јавниот сектор ќе презентираат некои од најновите ИТ решенија за јавниот сектор и ќе модерираат дискусии на тркалезни маси за предизвиците на модерните влади. интеракција со граѓаните, сајбер безбедноста и дигиталниот криминал.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

