Македонија
Изгласани новите министри за внатрешни работи и транспорт и врски
Собранието на Република Македонија им изгласа доверба на новите министри на ресорите за внатрешни работи и за транспорт и врски, со 74 гласа `за` и 4 `против`.
Со МВР ќе раководи досегашниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, а со транспорт и врски Владо Мисајловски, досегашен директор на Јавното претпријатие за државни патишта.
Собранието на седницата во средата се изјаснуваше за предлогот на премиерот Никола Груевски за избор на нови министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, откако доцна вечерта во вторникот Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески си поднесоа оставки од должностите.
Оставка поднесе и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.
Во своето образложени на почетокот на седницата, премиерот Груевски рече дека двајцата министри биле пример за раководење на тешки позиции и работливост.
„Се работи за личности кои дадоа огромен личен влог, во развојот на стабилноста и безбедноста на државата. Јанкулоска и Мијалков беа осум години на многу ризични и тешки за раководење позиции. Покажаа професионалност и патриотизам, смиреност, неверојатна лојалност кон државата и подготвеност секогаш да застанат на браникот на татковината. Под нивно раководство граѓаните видоа како се одговара на најсложените и најкомплицираните предизвици, како и последната успешна акција во Куманово, тие секогаш цврсто стоеа зад интересите на македонскиот народ, но и заштитата на безбедносните сили на Македонија. Тие се бореа за нив, а не праќаа насилници да ги навредуваат“, рече Груевски.
Според премиерот, поради нивната цврста одлучност за справување со криминалот и корупцијата, ги довело во ситуација да е трн во окото на секој криминалец, осуден или аболициран.
Груевски рече дека дел од акциите кои ги спровеле Јанкулоска и Мијалков ќе влезат во учебниците како пример за идните генерации, а благодарение на посветеноста на Јанакиески, градежништвото придонело најмногу за целокупниот раст на целата економија.
„Миле Јанакиески како министер е фанатичен работник, неверојтно брз, човек кој помагаше секаде каде што ќе стигне. Многу ќе ни недостига во Владата. Работеше по 15 часа дневно и не се штедеше ниту за празниците“, рече Груевски.
Премиерот смета дека Јанакиески ќе биде запаметен како министер кој е заслужен за растот на градежништвото, а рече дека покрај неговите законски обврски „тој беше најактивниот министер во кризни ситуации во државата, независно дали биле поплави, пожари, снежни наноси, Миле Јанакиески секогаш беше на чело“.
Задоцнети и недоволни се оставките на министрите за внатрешни и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, смета пратеничката Солза Грчева, затоа што оставки требало да дадат порано, на што таа повикувала уште во февруари, кога почна објавувањето на прислушуваните разговори од страна на опозицијата, а за тој период се покажало дека се некомпетентни за функцијата. Затоа, смета Грчева „ни се случија серија инциденти“, од кој секако, најголем е оној во Куманово, кога во полициска акција за сузбивање на терористи загинаа осум полицајци.
Премиерот Груевски за нов министер за внатрешни работи го предложи Митко Чавков, сегашен директор на Бирото за јавна безбедност, а за нов министер за транспорт и врски Владо Мисајловски, директор на Јавното претпријатие за патишта.
„Убеден дека ќе дадат одлични резултати во своето работење ве молам да дадете поддршка на овие двајца кандидати за министри“, рече Груевски.
За Митко Чавков, кој 28 години работи во полицијата, смета дека е доволно упатен во секторот, и дека токму поради тоа е соодветен избор за министер за внатрешни работи, а за Владо Мисајловски рече дека се докажал како одличен менаџер на чело на Јавното претпријатие за државни патишта, а претходно и во Министерството за надворешни работи и во Општина Центар.
Според пратеничката Солза Грчева, Чавков е соодветен на функцијата, но Мисајловски бил млад за министер, но и некомпетентен затоа што ќе раководи министерство за транспорт и врски, а е дипломиран политиколог.
За да бидат изгласани новите министри треба да бидат поддржани од мнозинството пратеници од вкупниот број.
Пратениците од коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, партијата на Албанците, ДУИ, исто така, гласаа за новите министри, иако претходно постоеја медиумски шпекулации дека нема да ги поддржат предлозите на премиерот.
Во јавноста се отвори дилемата само околу предлогот за нов министер за внатрешни работи, затоа што според член од Уставот, за министер за внатрешни работи не смее да биде избран човек кој е вработен во МВР, туку треба најмалку три години да е цивилно лице.
„Согласно Член 97 од Уставот на РМ, со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години. Орган на државната управа во областа на полицијата е МВР, а раководното лице е министерот за внатрешни работи. Според тоа, за да биде избран за министер, Чавков морал да биде цивилно лице најрано од април 2012 година. Имајќи предвид дека сè до мај 2013 година тој бил полициски началник, произлегува дека Чавков не го исполнува условот предвиден во Член 97 од Уставот на РМ“, стои во предупредувањето од Хелсиншкиот комитет од каде велат дека евентуалното прифаќање на предлогот на премиерот од страна на мнозинството пратеници би претставувало јасно, свесно и недвосмислено прекршување на Уставот./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и на Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, а до 80 метри на планинскиот превој Стража.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.

