Македонија
Изменет режимот на сообраќај на клучките кај Петровец и Катланово
Сообраќајот на сите државни патишта се одвива по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.
Oд ЈП за државни патишта, информираа за новиот режим на сообраќај кој од понеделникот се применува на клучките Петровец и Катланово.
Клучка Петровец:
Исклучувањето и приклучување на автопатот А4 кон и од Петровец, на патниот правец Скопје – Велес, ќе се врши пред наплатна станица Петровец.
Исклучувањето и приклучувањето на автопатот А4 кон и од Петровец, на патниот правец Велес – Скопје, ќе се врши после наплатна станица Петровец.
Клучка Катланово:
Исклучувањето од автопатот А1 кон Катланово, на патниот правец Скопје – Велес, ќе се врши по постоечкиот крак за исклучување. Приклучувањето на автопатот А1 од Катланово кон Велес се забранува, односно се затвара кракот за приклучување на автопатот А1, во правец кон Велес.
Исклучувањето од автопатот А1, од Велес кон Катланово, на патниот правец Велес – Скопје, се забранува, односно се затвара кракот за Катланово. Приклучувањето кон автопатот А1, од Катланово кон Скопје, ќе се врши по постоечкиот крак за приклучување.
Поради појава на свлечиште на патниот правец А3 Прилеп – Ресен, на обиколницата на Битола, сообраќајот е сеуште во прекин. Возилата се пренасочуваат низ градот Битола.крај/амсм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Нема поголема минимална плата, доаѓаат „економски работници“
Поголема минимална плата? Нема да има. Нема пари ниту за минимална плата, ниту за земјоделците, ниту за пензионерите, велат од СДСМ.
„Очигледно сите ќе мора да се навикнеме дека поголеми плати нема да има.
Ни доаѓаат „економски работници“. Според договорот кој го објавија британски медиуми треба да им се обезбедат плати, сместување, пензии. Ако нема работа мора да им се плати, што значи нема да има ниту за плати ниту за пензии. Така вели договорот.
Не, тоа не се мигранти. Економски работници. Затоа и Законот за странци го сменија.
Може да ги нарекуваме економски работници додека Мицкоски не им даде пасоши, а потоа ќе станат рамноправни граѓани на Македонија.
Што да се прави, договор си е договорот“.
Како што нагласуваат од СДСМ, засега во буџетот недостига само една милијарда евра.
„Само ВМРО-ДПННЕ не се грижи. Има пари до крајот на мандатот за уште криминални тендери“.
Македонија
Сиљановска-Давкова ја прими албанската министерка Спиропали: Заедничката европска перспектива да стане реалност
Регионот како целина треба да се интегрира во Европската Унија без натамошно одложување, заклучија на денешната средба претседателката Гордана-Сиљановска Давкова и министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во официјална посета.
Сиљановска-Давкова го поздрави напредокот на Албанија во пристапниот процес, укажувајќи дека во актуелниот геополитички контекст, напредокот на секоја земја има позитивен ефект врз регионалната евроинтеграциска динамика.
Претседателката потсети дека, по 20 години кандидатски статус, македонскиот пристапен процес станува исцрпувачки маратон, со постојано одложување на целта.
Таа потенцираше дека Копенхагенските критериуми мора да бидат единствените услови за членство и дека билатерализацијата создава опасен преседан, овозможувајќи блокирање на европскиот пат и на други земји кандидатки.
Албанската министерка искажа силна поддршка за македонските евроинтеграции и уверување дека земјите од Западниот Балкан споделуваат идентични цели и вредности и треба заеднички да чекорат кон европското семејство.
Обете се согласија дека регионалната соработка е клучна за стабилноста, добрососедските односи и
инфраструктурното поврзување, а особено за реформски процеси неопходни за членството во ЕУ.
Во трилатералниот меморандум потпишан меѓу нас, Бугарија и Албанија, препознаваме јасно дефинирана временска рамка и динамика за реализирање на активностите врзани за Коридорот 8.
Воспоставувањето на систем со едно застанување „One Stop Shop“ на сите гранични премини меѓу двете земји, сметаат дека ќе придонесе за брза заедничка контрола и јакнење на меѓусебната соработка.
Соговорничките укажаа на потребата од засилена економска соработка и се заложија за продолжување на одличната соработка во НАТО.
Почитувањето на правата на малцинските заедници е додадена вредност за пријателските македонско-албански односи.
Македонија
МЗШВ: Исплатени се 335.963.096 денари кон 1.211 сточари
Денеска е извршена исплата на средства во вкупен износ од 335.963.096 денари кон 1.211 сточари, согласно Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Во однос на корисниците на кои не им се исплатени средства по основ на субвенции за 2023 година, информираме дека е потребно истите да се обратат до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, со цел да се изврши детална проверка и разгледување на секој поединечен случај. Грижата за земјоделците продолжува“, велат од таму.

