Македонија
Jавен повик за проектни идеи за прекугранична соработка сo Aлбанија
До 1-ви август е отворен јавниот повик за проектни идеи за реализација на стратешки проект во рамките на ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија. Средствата ги обезбедува Европската Унија. По двата веќе објавени јавници повици, на располагање има уште 4 милиони и 930 илјади евра. Дали средства ќе бидат апсорбирани за реализација на еден или повеќе стратешки проекти ќе зависи од проектните идеи кои што ќе можат да бидат доставувани до 1-ви август годинава, соопшти на денешната прес-конференција министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.
,,За првиот јавен повик во рамките на Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија беа резервирани 2,9 милиони евра, за вториот исто 2,9 милиони евра и за стратешкиот проект, како што реков се резервирани скоро 5 милиони евра. Во првиот повик беа одобрени и се во фаза на реализација 9 проекти, а проектните апликации од вториот повик се во фаза на оценување. Сега е актуелен третиот повик за проектни идеи за стратешки проект.
Ги повикувам сите заинтересирани субјекти, вклучително и институциите да покажат интерес и да понудат проектни идеи за решавање на суштински и приоритетни прашања во овој пограничен регион, што ќе има директно влијание на неговиот развој и на квалитетот на живеење на граѓаните”, рече министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.
Со Програмата за прекугранична соработка се опфатени пелагонискиот, полошкиот и југозападниот плански регион, а во Албанија регионите на Корча, Елбасан и Дибра. Стратешкиот проект, територијално, би требало да биде имплементиран во тие рамки и да решава проблем на граѓаните кои што живеат во пограничниот регион.
Согласно критериумите проектните идеи треба да се однесуваат на следните области:
-Поттикнување на туризмот и заштита на културното и природното наследство
-Зајакнување на конкурентноста, бизнисот, трговијата и инвестициите, и
-Заштита на животната средина, превенција од климатските промени, превенција и управување со ризици.
Министерот Фазлиу истакна дека тематските области се широки, што остава простор за голем број на различни проектни идеи. Ќе бидат организирани и четири информативно-консултативни сесии во Скопје, Тетово, Тирана и Корча во првата половина на месец јуни, со цел да се обезбедат детални информации и практични совети за подготовката и поднесувањето на апликациите. Дополнителни четири сесии ќе бидат организирани во втората половина на јуни, соопшти Министерството за локална самоуправа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

