Македонија
Jавното обвинителство: За предметот со австриската фирма се постапува исклучително ажурно
Јавното обвинителството тврди дека се постапува исклучително ажурно за предметот со австриската фирма „АММА ДОО Хоенемс“ за која зборуваше австрискиот амбасадор во земјата, Георг Вуцас.
Реакцијата следува по обвинувањето на Вуцас дека се одложува процесот за наплата на долг од 4,5 милиони евра, што фирма поврзана со експремиерот Зоран Заев го има кон австриската. Амбасадорот бараше смена на судии и обвинители.
Од Обвинителството информираа дека компанијата поднела три кривични пријави.
„Наведеното правно лице во 2021 година до Основното јавно обвинителство Гевгелија поднело кривична пријава за кривично дело измама и злоупотреба на службената положба. Надлежниот јавен обвинител, по проверка на сите наводи, не утврдил елементи на наведените кривични дела, туку елементи на граѓанско-правен однос за кој оштетените воделе постапка, која е завршена пред Меѓународниот центар за арбитража во Виена, Австрија. По изјавената жалба на решението, предметот се наоѓа на постапување во Вишото јавно обвинителство Скопје.
Во меѓувреме, истото правно лице поднесе пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија за кривично дело оштетување или повластување доверители. Пријавата е примена на 26.5.2023 година и надлежниот јавен обвинител веќе постапува, прибира докази, а по потреба, ќе нареди и соодветни вештачења.
До Основното јавно обвинителство Скопје, пак, истото правно лице, на 23.6.2023 година поднесе кривична пријава против непознати службени лица во Агенцијата за катастар за недвижностите за несовесно работење во службата, фалсификување службена исправа и компјутерски фалсификат. Пријавата веќе е распоредена кај јавен обвинител, се проучува и се преземаат дејства со цел да се испитаат наводите, да се обезбедат докази и да се идентификуваат евентуални сторители. Иако во конкретниот случај во основа станува збор за граѓанско-правен однос меѓу правните субјекти, а нивните права се обезбедуваат во соодветни судски и други постапки, по поднесените кривични пријави, се постапува исклучително ажурно“, велат од Обвинителството.
Претходно, Судскиот совет објави дека формирал работни групи за увид во списите во предметот што се воделе за австриската фирма за која реагира австриската амбасада. Според членовите на овој Совет, незадоволството од постапувањето на амбасадата е насочено кон Јавното обвинителство.
Вчера се огласи и експремиерот Заев, кој рече дека ќе го тужи амбасадорот ако уште еднаш го спомене неговото име во негативна конотација. Тој се огради од каква било инволвираност во овој спор и верува дека судот ќе донесе законита одлука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

