Македонија
Jаневска на Самит за образование, иновации и култура во Будимпешта, ќе се продлабочува соработката помеѓу Западен Балкан и Унгарија
Академската титула е достигнување за кое размислува мнозинство од младите денес и наша должност е да им обезбедиме квалитетно високо образование. Целта полесно се остварува ако со некого разменувајќи искуства, заедно чекорите по патот, а уште полесно е ако ве води некој што веќе го поминал тој пат. Унгарија е земја која со добро обмислени реформи го унапреди високообразовниот систем, може да биде добар пример и да им помогне на земјите од Западен Балкан.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на Самитот на министри за образование, иновации и култура на земјите од Западен Балкан и Унгарија, што денес и утре се одржува во Будимпешта, а во чиј фокус е унапредување на соработката во овие области помеѓу земјите учеснички.
„Самитот е уште еден исчекор кон јакнење на релациите меѓу земјите од Западен Балкан. Размената на искуства решава предизвици и ни ја подобрува меѓународната конкурентност како регион. Од друга страна пак, повисоката цел е јакнење на соработката со Унгарија и со Европската Унија“, рече Јаневска.
Министерката нагласи дека македонската влада основаше Национално координативно тело за реформи во високото образование, кое ќе ги дефинира промените што ќе го забрзаат неговиот развој. Како што рече, во план е промена на моделот на финансирање на високообразовните установи и законски измени за објавување на повеќе научни трудови како услов за напредување во звања кои пак, истовремено ќе го подигнат и рејтингот на нашите универзитети на глобалните ранг листи. Ќе се стимулира модернизација на постојните студиски програми, како и воведување повеќе програми на англиски јазик.
Според Јаневска, и развојот на науката станува национален приоритет. Во таа насока, буџетот за наука за 2025 година е речиси двојно зголемен споредбено со 2024.
„Имаме Стратегија за паметна специјализација и активно работиме на остварување на целите дефинирани во овој документ. Чест ми е да споделам дека пред само три дена го отворивме првиот Европски дигитален иновациски хаб, со кој, ја јакнеме истражувачката и иновациска инфраструктура што треба да ја сочинуваат иновациски центри, центри на извонредност и хабови во областите дефинирани со стратегијата“, рече Јаневска, додавајќи дека се работи и на подготовка на нова Национална програма и нов Закон за научно-истражувачка дејност, а следуваат и активности за исполнување на обврските од Планот за раст и реформската агенда за Западен Балкан, но и од новата Европска агенда за иновации.
„Јас сум сигурна дека ќе ги оствариме целите и визиите, затоа што Македонија има голем научен потенцијал. Имаме многу квалитетни научници – млади, но и искусни, дома и во светот. За пофалба е дека шест од нив во 2021 година, се најдоа и на листата на топ 2% највлијателни светски научници, публикувана од Универзитетот Стенфорд од САД. Работиме на нивно обединување и стимулација, бидејќи единството, сплотеноста на идеите и вреднувањето на трудот, можат да донесат развој на нашето општество, придонес кон регионалниот, но и кон глобалниот развој“, додаде министерката.
На иницијатива на Јаневска која беше прифатена од учесниците, во рамки на следниот самит ќе се организира средба меѓу претставници на најдобрите универзитети и научни институти од земјите од Западен Балкан и Унгарија, од кои се очекуваат нови иницијативи за воведување на заеднички студиски програми (двојни дипломи) и истражувачки проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

