Македонија
Јанева ги прогласи изборите за нелегитимни, за Зврлевски ЈО е пандан на романскиот НАД
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева на прес – конференцијата што ја одржаа заедно со романската обвинителка Лаура Ковеси и републичкиот јавен обвинител, Марко Зврелвски ги прогласи изминатите избори за нелегитимни, додека Зврлевски во своето обраќање на конференцијата го прогласи Републичкото јавно обвинителство за пандан на Националниот антикорупциски директорат (НАД) во Романија.
Романската обвинителка Кавеси која е позната по тоа што има покренато обвиненија против премиери, министри, пратеници не ја коментираше конкретно ниту работата на Јавниот обвинител, Зврлевски, ниту работата на Специјалната обвинителка, Јанева. Таа се задржа на искуствата од својата земја и на тоа што има таа сработено.На Јанева и порачала да продолжи со својата работа и покрај пречките со коишто се соочува. И Кавеси се соочувала со проблеми и имало случаи кога одредени институции не им ги давале потребните документи, но институциите во Романија биле свесни дека доколку не соработуваат ќе следуваат одредени реперкусии.„Ние како обвинители никогаш не се сомневаме дали институцијата ќе соработува или не бидејќи имаме Закон според кој треба да се раководиме и да го почитуваме. Додека не бидат променети одредени закони кои се однесуваат на организацијата на одредена институција ние го применуваме стариот закон. Најчесто имаме добра соработка, но има и случаи кога имаме проблеми. Има ситуации кога институциите нема да ни дадат потребни документи, но имаме и други начини на кои можеме да добиваме одредени документи. Овој дел од законот кој им дава до знаење на институциите дека треба да соработуваат со нас е јасен и тие се свесни дека доколку не соработуваат ќе имаат соодветни реперкусии“, вели Ковеси.Во своето обраќање на конференцијата „Ефикасна борба против високата корупција: прашање на личност или на систем“ Ковеси порача дека не е доволно да се отвори само истрага за еден случај, туку преметот треба и да се затвори. Во Романија само минатата година биле отворени 1.250 предмети од кои 970 се затворени. Со истите се опфатени еден премиер, пет министри, 16 пратеници, 97 градоначалници, 32 директори на државни компании, сенатори, општински советници и други функционери, соопшти Ковеси.Зврлевски во обраќањето на конференцијата го прогласи Јавното обвинителство за пандан на романската НАД и потсети дека и ова обвинителство има покренато обвиненија против премиери, министри, директори на јавни претпријатија. За роднинската врска меѓу Јован Илиевски, главен обвинител во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков Зврлевски како и претходно повтори дека во овој случај не гледа ништо спорно бидејќи Илиевски бил избран за обвинител пред Мијалков да биде актуелен во политиката и дека за сите предмети во кои е вклучен тој, Илиевски се иззема.Зврелвски негираше дека предметот за „Маѓар телеком“ се чека да застари, а Јанева директно го праша зошто овој предмет иако СЈО го побарало за да одлучува за неговата надлежност не им е доставен. Тој предмет е во Советот за јавни обвинители и за неговата надлежност треба да одлучува ова тело. Специјалното обвинителство поднесло претставки и до Советот на јавни обвинители и до Судскиот совет за несоработка со Јавното обвинителство и судовите. Јанева на прес-конференцијата ги прогласи изминатите избори циклуси за нелегитимни, а Претседателот, Уставниот суд и Собранието се нелегитимни институции„Се работи за осомничени лица за изборни нерегуларности и тоа за 2011, 2012, 2013 година. Со самите истраги за овие лице кои биле и се на високи позиции во Владата на Македонија и со 80 отсто од доказите кои располагаме го докажуваат обвинението со кое имаме намера во иднина да настапиме. Јас лично, а и членовите од мојот тим, сметаме дека самиот избор и на Претседателот и на Уставни судии и на пратениците е доведено во прашање. Мислам дека сите овие се нелегитимни институции и треба да го почитуваат Специјалното обвинителство и нивните истраги за да ја утврдиме вистината“, изјави Јанева.Таа најави дека ќе следи проширување на истрагата за случајот „Титаник“. „Не се плашиме од судот, кога ќе дојде редот за прифаќање на обвиненијата. Тоа ќе биде посебна борба, која ќе видиме како ќе се одвива кога ќе дојде редот за тоа “, додаде Јанева.Таа категорично изјави дека нема да оди да го образложува извештајот за својата работа ниту пред Собранието, ниту пред Советот на јавни обвинители. „Сметам дека извештајот содржи сè што е потребно. Не станува збор за некој обемен документ. Доколку претставниците на овие институции имаат некакви забелешки, нив можат да ги достават до СЈО, а ние ќе ги разгледаме и може да ги вклучиме во наредниот шестмесечен извештај“, рече Јанева.Одговарајќи на новинарско прашање за нејзиниот имот таа изјави дека поседува два стана на име на нејзините деца, и најави дека нејзиниот имот ќе се зголемува, како што рече, „на сметка на моите родители и на овие десет прсти“./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

