Македонија
Јанева подготвена пред пратениците, имала поддршка од Груевски
Комисијата за политички систем во собранието почна со разгледувањето на шестмесечниот извештај за работата на Специјалното јавно обвинителство и на годишниот извештај на Јавниот обвинител за 2015 година, кои се на дневен ред на иста седница, но Катица Јанева не доби шанса да одговара на прашања, затоа што не беше утврден редоследот на поставување прашања.
Специјалната обвинителка Јанева од говорницата рече дека по 13 години како обвинител, чест и е што првпат денеска во историјата на Република Македонија, таа претставува обвинителство пред Собранието.„Не сум видела досега од оваа говорница да се обрати јавен обвинител. Ќе бидам кратка во образложувањето на мојот извештај за да ви оставам повеќе време за ваши прашања“, им рече Јанева на членовите на Комисијата за политички систем, кои бурно реагираа на најавата за кусо образложување на извештајот.„Не се плашам од тоа да ви дадам одговор на вашите прашања, најмногу поради тоа што ја имам поддршката од поранешниот премиер Никола Груевски“, додаде Јанева.Специјалната јавна обвинителка Јанева, пред собраниската Комисија за политички систем соопшти три барања кои според неа ќе ја олеснат работата на Обвинителството. Јанева побара измена на Законот за Специјалното јавно обвинителство односно на член 22 и да се пролонгира рокот од 18 месеци за да може до крај да се истражи кој незаконски прислушувал. Јанева повторно го повика собранието да ги донесе измените на Законот за заштита на сведоците за да може да ги истражи случаите, почнатите истраги и предистраги и дејствијата поврзани со нелегалното прислушување, за да се дојде, како што рече, до вистината кој прислушувал, во кој период и за какви цели.Координаторот на пратеничката група на ВМРОДПМНЕ, Илија Димовски, во реплика постави низа прашања до Јанева, но таа не одговори на ниту едно бидејќи пратениците не беа договорени за редоследот на обраќања. Кога Јанева доби можност за одговор рече дека ќе се произнесе на крајот од седницата.Координаторите на парламентарните групи, во меѓувреме, до претседателот на Комисијата Влатко Ѓорчев доставија предлог за редослед на обраќања на пратениците. Седницата е прекината на барање на Рафиз Алити од ДУИ.На седницата присутен беше и државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, кој пак ќе го презентира Годишниот извештај за работата на Јавните обвинителства во Република Македонија за 2015 година.
Собраниската седница, пак, на која ќе бидат разгледувани извештаите на обвинителствата, претседателот на Собранието ја закажа за понеделник, 26 септември.
Специјалната обвинителка Катица Јанева минатата недела изјави дека е подготвена да го презентира вториот шестмесечен извештај пред Собранието на Република Македонија и пред Советот на јавни обвинители./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Конкретни решенија за една изборна единица, а не само декларативност
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) во пресрет на најавената меѓупартиска лидерска средба закажана за 14 јануари 2026 година од премиерот Христијан Мицкоски, ја поздравува можноста за дијалог за суштински политички консултации околу важни реформски закони и процеси што треба да ја зајакнат нашата држава и демократија.
„Како партија цврсто и доследно стоиме зад нашата долгорочна заложба за системски промени во изборното законодавство кои ќе обезбедат пообјективно и пофер политичко претставување на граѓаните на Република Македонија. Во таа насока, апелираме и бараме на агендата на лидерската средба да се стави и да се разговара конкретно за:
· Промена на изборниот модел, односно наместо постоечкиот пропорционален систем со шест изборни единици да се воведе изборен модел со една изборна единица.
ДОМ продолжува со своите заложби и иницијативи за една изборна единица како модел што го поддржуваме со години и сметаме дека е неопходен за подобра репрезентативност и еднаков глас за секој граѓанин:
* Една изборна единица гарантира еднаков глас за сите — без регионални нееднаквости и нерамноправности во вредноста на гласот на гласачите од различни делови на државата.
* Овој модел го зголемува степенот на пропорционалност во распределбата на мандатите, што е клучно за воспоставување пофер и поквалитетно демократско претставување.
* ДОМ ја поддржува идејата изборниот модел да биде со отворени листи и без праг за да се поттикне поголема одговорност на кандидатите кон граѓаните наместо кон партиските врвови.
* 50% жени на листите бидејќи родовата рамноправност не е само бројка, туку цивилизациска вредност. Затоа сметаме дека жените неопходно е да бидат рамноправно претставени во политиката и во процесите на донесување одлуки со цел доследно почитување на сите демократски вредности и приниципи на инклузивност.
За ДОМ ова не е партиски интерес туку општествена потреба што ќе го зајакне демократскиот процес и ќе овозможи гласовите на сите, без исклучок да се рефлектираат реално и праведно во составот на парламентот, како и можност, а во исто време и право на сите политчки субјекти рамноправно да ги презентираат и промовораат своите програмски определби пред сите граѓани. Сето тоа придонесува за поголема доверба на граѓаните во политичкиот систем.
Ја повикуваме власта и сите парламентарни групи да излезат од своите удобни позиции и да ја прифатат оваа заложба и иницијатива за рамноправен простор за сите политички субјекти. ДОМ како вонпарламентарна партија која долги години се залага за воведување една изборна единица ги става на располагање сите свои експертски и организациски ресурси со цел активно да придонесе во обликувањето на законските измени и во спроведувањето на неопходните реформски процеси“, велат од ДОМ преку соопштение.
Македонија
СДСМ ги повикува институциите да постапат по обвинувањата за тендери во општини под контрола на ВМРО
Антикорупцискиот тим на СДСМ очекува реакција од надлежните институции по, како што наведуваат, објавувањето на сомнежите за тендерски злоупотреби во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Според СДСМ, една иста фирма – „Пирамид билдинг солушнс“ – во периодот од 2022 година до денес добила 51 тендер во вредност од над 16 милиони евра, исклучиво од општини раководени од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата наведува дека станува збор за модел на „тендерска пирамида“, во кој јавните средства завршуваат кај фирми блиски до владејачката партија.
„51 тендер. 16 милиони евра. Само една фирма“, се наведува во соопштението, со оценка дека додека нема средства за зголемување на платите и пензиите, пари има за тендери.
Од СДСМ јавно прашуваат зошто Јавното обвинителство, Финансиската полиција и Државната комисија за спречување на корупцијата не преземаат ништо, и бараат одговорност за наводните злоупотреби.
Партијата најавува дека ќе продолжи да објавува докази за, како што наведува, мрежа на сомнителни тендери и дека, според нив, „работата не е завршена“.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка и во Крушево
Најголема снежна покривка до 7 часот утринава е измерена на Попова Шапка – 26 сантиметри, а 15 сантиметри снег има во Крушево, информира УХМР. Снежна покривка е евидентирана и во Ѓуриште (4 см), Тетово (2 см) и Берово.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а ќе дува слаб до умерен ветер, претежно од западен правец. Максималната дневна температура ќе се движи од -1 до 7 степени.
Во Скопје, исто така, се очекува променливо облачно време со сончеви периоди, а дневната температура ќе достигне до 5 степени.

