Македонија
Јанева упати на претседателката на Врховниот суд да каже зошто не се открива кој прислушувал
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, која трет ден пред собраниската комисија за политички систем го образложува шестмесечниот извештај за работата на СЈО, во петок го обвини Основниот суд Скопје 1 дека не дозволува да се открие кој прислушувал во Македонија.
Таа хронолошки со датуми појасни дека во рок од шест месеци Основниот суд Скопје 1 го блокирал почнувањето на случајот „Пуч“, со тоа што не му ги давал на СЈО доказите за „Пуч“ по датуми, за да може таа да ги проучи и за да може да почне конечно судењето за овој случај.Јанева го прочита и решението на Апелациониот суд Скопје од 7-ми април годинава, со кое носи одлука да му се дадат доказите на СЈО и во кое го поучува Основниот суд Скопје1, дека немал законска основа да се повикува на обврската на Обвинителството на Марко Зврлевски и на Јован Илиевски за чување на класифицираните информации.„Но и по оваа одлука Основниот суд Скопје 1 ни ги достави доказите дури на 30-ти јуни годинава. Толку биле обемни доказите кои не ги давал Кривичниот суд, што на СЈО му требале две недели да ги фотокопира“, рече таа.„Затоа, ве молам ,прашајте ја претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова и Судскиот совет, кој е виновен што не почнува судењето за ‘Пуч’, кое треба да одгатне кој прислушувал масовно во Република Македонија“, упати Јанева.Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски ја обвини специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева дека направила злоупотреба на службената доложност, бидејќи со тоа што му кажала на пратеникот Антонијо Милошоски дека го слушала неговиот глас во прислушуваните разговори всушност се заканувала.„Ние пратениците ви ги изласавме тие 4 милиони евра, мора да кажете како сте ги искористиле парите. Госпоѓо Јанева, колку земате плата, вие, вашите колеги и советници? Треба да се направи споредба на вашите плати и платите на останатите обвинители. Сета ваша неспособност се темели дека не сте имале услови за работа. Па во какви услови работевте претходно? Вие госпоѓо специјална јавна обвинителке си играте мајтап со нас, она што ви одговара сте го доставиле, плус лажете и недозволиво се заканувате“, рече Мукоски.Пратеникот Мукоски рече дека покрај лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, поддршка на СЈО дале и лидерите на останатите три најголеми политички партии со цел да се разреши дилемата кој прислушувал, а не, како што рече, Јанева „да отвора случаи за шамари“.Јанева, одговарајќи му на пратеникот Мукоски врз кои докази е пуштен од притвор Зоран Верушевски и врз кои докази во домашен притвор бил битолскиот градоначалник Владимир Талески рече дека за притворите одлучува судот, а не обвинителот.„Специјалното обвинителство како и секое друго обвинителство преку докази бара притвор, или бара ослободување на некое лице од притвор, а Судот е тој, што врз база на тие докази става некого во притвор, или ослободува од притвор. Судот му одреди мерка притвор на градоначалникот на Битола Владимир Талески и за тоа сме му многу благодарни. Судот е тој што го ослободи од притвор Зоран Верушевски“, му одговори Јанева на Мукоски.Таа и на денешното продолжение на комисиската расправа за 6-месечниот извештај, потсети на меѓународните конвенции што ги потпишала РМ и со кои се обврзала мерката притвор да трае што е можно помалку.Во понеделник, закажана е пленарна седница во Собранието, на која ќе се разгледува Извештајот на Специјалното обвинителство/крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

