Македонија
Јанкулоска: Заев објавува креирани материјали
По новите наводно прислушувани разговори коишто во вторникот ги објави опозицијата, а во кои наводно се слуша гласот на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска како договара изборни нерегуларности, како се врши притисок на луѓе да гласаат за владејачката партија, Јанкулоска изјави дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев објавува креирани материјали кои се се прибавени на незаконски начин.
На денешната прес-конференција на којашто министерството за внатрешни работи презентриаше над 100 килограми запленета дрога, Јанкулоска на новинарските прашања дали ќе поднесе оставка од функцијата, дали нејзниот глас на објавените снимки во јавноста е автентичен даде ист одговор. „Лидерот на опозицијата е соочен со сериозни сомневања за сторени тешки дела, врши активности кои се спротивни на законските прописи на Македонија. Со помош на креирани материјали коишто се прибавени на незаконски начин се обидува да создаде впечаток во јавноста кој не кореспондира со реалноста. Опозицијата секогаш има легитимно право да бара оставка од владата и од поедини функционери, меѓутоа постапката за барање оставка е институционална и таа оди преку Собранието. Во мојата политичка кариера СДСМ и други политички партии во повеќе наврати иницирале таква постапка и во таква една процедура институциите се изјасниле во однос на тоа. Секогаш кога зборуваме за било каков вид на одговорност треба да се следи институционалниот пат на разрешување на проблемите или одговор на сето она што можеби е недоумица“ изјави Јанкулoска.Таа испрати апел до јавноста, внимателно да ги следи случувањата и да донесе сопствен суд врз основа на фактите, а не врз основа на она што го тврди опозицијата.На почетокот на трибината на СДСМ во Универзалната сала, Министерството за внатрешни работи истовремено свика прес – конференција на којашто соопшти дека Заев е осомничен за корупција, односно дека барал поткуп од 200.000 евра од струмички бизнисмен. „Станува збор за случај на класична корупција и во овој случај лицето кое е осомничено за стореното кривично дело во својство на службено лице на друго лице му побарало подарок во значителна вредност за да заврши службено дејствие. Тоа е казниво, коруптивно дело. Делото кај нас беше предмет на обработка подолго врме со оглед на тоа што оштетениот го пријавил делото на крајот од 2013 година до надлежен јавен обвинител, а потоа по наредба на обвинителот спроведени се соодветни активности за обезбедување на докази, документирање и финализирање на овој предмет во смисла на поднесување на кривичната пријава“ изјави Јанкулсока за случајот со лидерот на СДСМ.
На новинарско прашање зошто нема снимка од земањето поткуп, како што тоа е случај за кривични дела поврзани со други лица, Јанкулсока изјави дека Министерството ги предочило доказите на истражните органи заедно со кривичната пријава.Заев на вчерашната трибина обвини дека власта сакала да го „намести“ исто како Љубе Бошкоски. Тој го соопшти и името на бизнисменот, за кој тој тврди дека бил провокатор, а станува збор за Иво Сачевалиев од Струмица од фирмата „Иво“ за конзервна храна.„Последната година јас сум под посебни истражни мерки, намерата беше да направат со мене исто како за Љубе, да местат бизнисмен да дава пари за кампања“ рече Заев.
Според Јанкулоска, именувањето на бизнименот претставува директна закана од страна на Заев.„Не би ги коментирала сите изјави на Зоран Заев посебно заради тоа што тие се менуваат од ден на ден и зависат од неговото расположение и целта која проценил дека во текот на тој ден треба да ја постигне. Самото спомнување наименично, спомнување на нивните семејства на митинг на неговата партија не би можело да се протолкува никако поинаку освен како директна закана кон лицата кои беа поименично споменати“ рече Јанкулоска. Во овој момент лидерот на СДСМ, Зоран Заев се наоѓа во Обвинителството за организиран криминал, каде што го дава својот исказ во врска со аферата „Пуч” во којашто е четвртоосомничен за насилство врз раководни функционери. Во вторникот исказ за овој случај даде и првоосомничениот, поранешниот диркетор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

