Македонија
ЈО: Не е точно дека не сoработуваме со Специјалното обвинителство
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Основното јавно обвинителство – Скопје тврди дека не е точно дека ова Обвинителство не соработува со Специјалното јавно обвинителство.
„До сега на сите барања доставени од Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите овие две обвинителства постапиле соодветно и навремено. Сите првично побарани предмети се доставени со севкупната расположлива документација во законски утврден рок за што јавноста беше информирана. Имајќи ја предвид одредбата од член 7 став 3 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, мал дел од дополнително побараните предмети од страна на Основното јавно обвинителство – Скопје се проследени до Советот на јавните обвинители како единствено надлежен орган пред кој Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е одговорно за законито постапување. За оваа постапка Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и јавноста беа писмено известени“, реагираат од Обвинителството.Оттаму велат дека Специјалното обвинителство во секое време може непречено да изврши увид на предметите во просториите на Основното јавно обвинителство – Скопје.„Воедно, Основното јавно обвинителство – Скопје ја известува јавноста дека по повод поднесените кривични пријави против лицата од Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, до истото упати повеќе покани што согласно Законот за кривична постапка треба да бидат доставени до лицата за кои се наменети. За сите покани до Основното јавно обвинителство – Скопје е одговорено од страна на Јавниот обвинител што раководи со Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите дека цитираме: „Во врска со поканата упатена до …, Ве известуваме дека лицето нема да даде исказ во означеното време како што е наведено во поканата. Согласно одредбите од Законот за кривична постапка и чл.10 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите потребно е детално да ме известите за причините за повикување на …. и тогаш ќе биде врачена поканата“, додаваат од Обвинителството.Јавното обвинителство заклучува дека Специјалното јавно обвинителство не соработува и постапува спротивно на законот спречувајќи го расветлување на случаите што се во надлежност на Основното јавно обвинителство – Скопје, а во кои се инволвирани лица од ова Обвинителство. „Во тој контекст, ја подржуваме иницијативата за воведување на ново кривично дело – Попречување на правдата со цел да се отстранат опструкциите со кои се соочува Основното јавно обвинителство – Скопје во своето постапување, а кои во иднина може да се појават и во надлежно постапување и на другите обвинителства“, се вели во реакцијата./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петрушевски: Раководството на ЕСМ местело тендери и перело милиони евра
Поранешниот директор на ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, Бујар Дардишта, и уште 32 лица се осомничени за перење пари во износ од околу 2 милиони евра, стекнати преку, како што се тврди, наместени тендери вредни околу 8 милиони евра. Ова на прес-конференција го соопшти пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Според Петрушевски, криминалното раководство на ЕСМ во 2023 година, под водство на тогашната власт на СДС и ДУИ, наместило јавна набавка за „СКАД ормари – мониторинг ормар со ГСМ контролор за топлинска станица“ за потребите на ЕСМ Дистрибуција. За таа цел, како што наведе, биле договорени две правни лица од Скопје и Куманово да учествуваат на тендерската постапка.
Фирмата од Куманово, според тврдењата, аплицирала со непотполна документација и со повисока цена, додека скопската фирма, која требало да го добие тендерот, понудила речиси идентичен износ со проценетата вредност на јавната набавка, иако таа не била јавно објавена во огласот.
На овој начин, како што обвини Петрушевски, било овозможено правно лице од Скопје да се стекне со противправна имотна корист од речиси 8 милиони евра.
Дополнително, за прикривање на кривичните дела, осомничените пуштиле во оптек, примиле и пренеле финансиски средства во вредност од околу 2 милиони евра, со што, според наводите, сториле кривично дело перење пари.
„Дали ЕСМ била претворена во организирана криминална каса за партиски и лични интереси? Зошто Јавното обвинителство не постапувало навреме и чекало да помине толку долг временски период? Дали осомничените се само извршители, а политичките нарачатели и заштитници сè уште се недопирливи?“, праша Петрушевски.
Тој порача дека времето на неказнивост, како што рече, поминало и дека мора да има правда и одговорност.
Македонија
На едно семејство со четири члена му биле потребни близу 1.100 евра за да го помине декември
Вредноста на синдикалната минимална кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за декември годинава изнесува 65.492 денари и е за 319 денари зголемена во однос на минималната кошница за минатиот месец кога изнесуваше 65.173.
ССМ денеска информираше дека со изнајмен стан од 60 метри квадратни за декември синдикалната минимална кошница изнесува 80 .867 денари.
Според пресметките на ССМ, во декември за храна и пијалаци се потребни 23.640 денари, за Образование 7.159 денари, за Станарина, вода, електрична енергија, и греење 6.130 денари, Облека и обувки 5.875 денари, Транспорт 4.636 денари, Ресторани и хотели 4.131 денар, Комуникации 3.417, Лична хигиена и оддржување на хигиена во домот 2.620 денари.
Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески на 17-ти месецов најави дека од 1 јануари освен што синдикатите ќе ја пресметуваат минималната потрошувачка кошничка и тие како Влада ќе прават пресметка за просечна потрошувачка кошничка, која ќе биде за најмалку четиричлено семејство. На оваа тема ќе се разговара на Економско –социјалниот совет, кој е закажан на 22 декември (понеделнк).
– Ќе бидат земени параметри од најголемите маркети во Македонија, ќе бидат земени параметри од страна на основните прехранбени производи, за се она што е потребно за еден просечен живот, за едно просечно македонско семејство. Исто така ќе бидат земени и од различни региони и најчесто овошјето и зеленчукот ќе биде земен она коешто е карактеристично за периодот, кога се пресметува во текот на годината, изјави Ристески.
Македонија
Боки 13 ја вознемирувал Русковска, таа го пријави во полиција
Поранешната обвинителка Вилма Русковска поднела пријава до полицијата против Бојан Јовановски – Боки 13 за телефонско вознемирување.
Според пријавата, инцидентот се случил вечерта на 18 декември 2025 година, кога Јовановски, додека бил во живо вклучување на „Јутуб“, повеќепати телефонски ја контактирал Русковска, и покрај нејзиното одбивање на повиците.
Од снимката што циркулира на социјалните мрежи може да се види дека разговорот бил проследен со навредливи и вознемирувачки изјави од страна на Јовановски. Русковска во еден момент го предупредила дека доколку продолжи со повиците, ќе го пријави во полиција, по што повиците сепак продолжиле.
Од Министерството за внатрешни работи за медиумите ја потврдија пријавата и информираа дека работат на расчистување на случајот.

