Македонија
Kостадинов: Поради опструкции, заглавени се голем број предмети против кадри на ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, информира дека досега се поднесени 300 кривични пријави против кадри на ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво, од кои голем дел е заглавен во судско-обвинителските лавиринти поради опструкции.
„По демократските промени, на локално, општинско ниво, од страна на градоначалници, општини и други надлежни институции до денес поднесени се речиси 300 кривични пријави против поранешни градоначалници, претседавачи на совети и раководители на локално ниво, кадри на режимската ВМРО-ДПМНЕ. Од 300 кривични пријави, досега се процесирани 129 кривични пред надлежни судови. Но, опструкциите на последните остатоци на заробената држава во судството и Обвинителството многу предмети ги чуваат заглавени во судско-обвинителските лавиринти“, рече Костадинов.
Тој обвини дека структурите од, како што рече, сваровски-судството, ја опструираат правдата на секое ниво. Ова е само уште еден доказ за потребата од прочистување и темелни реформи во правосудството, рече Костадинов.
Тој порача до надлежните обвинителства и судови дека мора да ја зголемат својата ефикасност и да постапуваат по отворените предмети. Ова е важно, вели портпаролот на СДСМ, затоа што се работи за висока корупција, каде што се инволвирани носители на јавни функции.
„Процесите мора да добијат правен епилог, правдата мора да биде задоволена, а секој оној за кој ќе се докаже дека сторил криминал, да одговара. Нам ни треба судство што ќе испорачува правда, а нема да застарува дела и да ја попречува правдата. Бројот на поднесени и процесирани кривични пријави го покажува степенот на криминал во ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво. Истовремено, покажува дека нема разлика помеѓу ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски. Нема разлика помеѓу ВМРО-ДПМНЕ на централно и ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво. Тоа е истата режимска криминална матрица, која нуди само одбрана на криминалот и која уште еднаш мора да биде поразена“, рече Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температура до 20 степени
Утре, сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.
Македонија
Тошковски – Хани: Зајакнување на антикорупциските механизми и унапредување на регионалната соработка
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со директорот на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Алберт Хани, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката во насока на зајакнување на институционалните капацитети за спречување на корупцијата.
Во фокусот на разговорите беа обуките за изработка на Национална проценка на ризик од корупција и антикорупциската проверка на законодавството во областа на внатрешните работи, при што беше истакната активната улога на Македонија како потписничка на Меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба. На средбата беше нагласено дека нашата држава претставува водечки пример и референтна точка за земјите кои сè уште не пристапиле кон овој механизам.
Тошковски ја потенцираше важноста од системски пристап во детектирањето и намалувањето на ризиците од корупција во безбедносниот сектор, како и значењето на регионалната соработка и размената на искуства.
„Борбата против корупцијата е еден од нашите врвни приоритети. Преку зајакнување на интегритетот на институциите, унапредување на законодавната рамка и користење на современи механизми за проценка на ризици, создаваме систем во кој корупцијата станува сè потешка, поскапа и неисплатлива. Поддршката и експертизата на РАИ во овој процес имаат значајна улога, а Министерството за внатрешни работи останува силно посветено на развој на ефикасни и одржливи антикорупциски политики“, истакна Тошковски.
На средбата беа разгледани и конкретни можности за идна соработка преку заеднички активности, обуки и проекти насочени кон јакнење на превентивните и репресивните механизми во справувањето со корупцијата.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.

