Македонија
Kaзнети четири локали од 360.000 до 800.000 денари поради гласна музика во Центар
По зголемениот број пријави од граѓани за гласна музика од угостителските објекти во ноќните часови, особено во летниот период, Секторот за инспекциски работи на Општина Центар во периодот од мај до септември спроведе акции за мерење на бучавата од гласна музика.
Акциите се спроведени на разни локации на територија на општината во ноќните часови, по 23 часот. Акциите се спроведени на локации во Капиштец, Дебар Маало, Буњаковец, улица Македонија и на Кеј 13 Ноември, при што се поминати повеќе локали и опоменати се да ги почитуваат граничните вредности за бучава во животната средина.
Мерењата се извршени од овластена лабораторија за животна средина и мерење на ниво на бучава, со која Општината има склучен договор. Во согласност со извештаите од мерењата на бучава предизвикана од гласна музика, измерените вредности во сите случаи ги надминуваат дозволените гранични вредности во согласност со Правилникот за гранични вредности на нивото на бучава во животната средина.
За сите локали се почнати инспекциски постапки во согласност со Законот за бучавата во животната средина, при што правните лица се задолжени со решенија да преземат мерки во одреден рок за намалување на бучавата. При контролните мерења повторно се констатирани надминувања на граничните вредности за што локалите: „Мош“, „Мечос“, „Локал 45“ и „Интермецо“ се казнети со платен налог за наплата на глоба во висина од 360.000 до 800.000 денари во зависност од тежината на сторениот прекршок. Доколку правните лица не ја платат глобата, се поведува постапка во Основниот суд.
Општина Центар апелира до сите управители и сопственици на угостителски објекти во општината да се придржуваат до постојните правилници, да имаат обѕир кон жителите што живеат во непосредна близина на нивните локали и да го почитуваат Законот за заштита од бучава во животната средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 18-годишнината од хеликоптерската несреќа, положен венец на споменикот кај Катлановско Блаце
Денеска, 12 јануари (понеделник), министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на обележјето кај Катлановско Блаце положија венец со свежо цвеќе во спомен на единаесетмината припадници на воздухопловниот ВИНГ кои пред 18 години ги загубија своите животи, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Министерот Мисајловски по овој повод порача дека нивната мисија била благородна и дека никогаш нема да бидат заборавени бидејќи со своите дела покажале како се сака државата и како се сака татковината.
На спомен-обележјето кај Катлановско Блаце почит на загинатите припадници оддадоа членовите на семејствата, како и делегации од Командата за операции, Првата пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ и од општината Петровец.
Со едноминутно молчење и положување венци со свежо цвеќе од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ беше оддадена почит за единаесетмината загинати припадници и пред спомен-обележјето пред командата на ВИНГ-от во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во меморијалниот парк во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина, каде нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред осумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Јавните набавки се спроведуваат законски, СДСМ да одговори за сопствените скандали
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека обвинувањата изнесени од Социјалдемократскиот сојуз на прес-конференција, а се однесуваат на јавните набавки, се неосновани и дека станува збор за политички конструкции без докази.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека сите јавни набавки спроведени од општините и од Град Скопје се реализирани согласно Законот за јавни набавки, преку транспарентни и јавно објавени постапки, достапни за проверка од надлежните институции.
Во соопштението се наведува дека СДСМ, наместо да шири шпекулации и да се повикува на анонимни свиркачи, треба да одговори за сопствените корупциски скандали и за состојбата во институциите за време на нивното владеење.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека граѓаните заслужуваат сериозна и одговорна политика, а не, како што се наведува, импровизации за дневнополитички поени.
Македонија
Минчев на средба со амбасадорката на Република Словачка
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Н.Е. Ивета Хрицова.
На средбата беше истакнато пријателското партнерство меѓу двете земји, со посебен акцент на можностите за унапредување на соработката во областа на јавната администрација, реформските процеси и размената на искуства и добри практики насочени кон зголемување на ефикасноста, транспарентноста и професионализацијата на административните служби.
Министерот Минчев, ја нагласи посветеноста на Министерството кон спроведување на реформите во јавниот сектор, усогласени со европските стандарди, како и значењето на меѓународната соработка во овој процес.
„Реформата на јавната администрација претставува клучен столб за добро управување и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Искуствата и поддршката од пријателските земји, како Република Словачка, имаат значајна улога во унапредувањето на институционалните капацитети и имплементацијата на современи административни практики“, истакна Минчев.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка и поддршка на реформските приоритети во областа на јавната администрација, потенцирајќи ја важноста на континуираниот дијалог и институционалната размена.

