Македонија
Кабинет на Иванов: Досега нема поднесено барање за поништување на помилувањата
Досега нема пристигнато ниту едно барање за поништување на помилување, од лицата чии помилувања не беа поништени со новата одлука на Претседателот, потврдуваат од Кабинетот на Иванов.
Претседателот Иванов во средата ги повика сите кои не сакаат да бидат помилувани да си поднесат барање за поништување на одлуките кои се однесуваат на нив.
„Поништувањето на одлуките за помилување се однесуваше на политичаритe што беа опфатени со помилувањето. Законот овозможува за сите други лица да си поднесат барање, како што претходно изјавуваа дека се подготвени. Јас се уште ги очекувам нивните барања“, изјави Иванов.
Согласно новите измени на Законот за помилување, што Собранието ги изгласа на 19-ти мај, лицата помилувани од страна на Претседателот, имаат можност самостојно да поднесат барање за поништување на нивните помилувања, по што, шефот на државата има временски рок од 30 дена да постапи по нивните барања.
Иванов, согласно измените на Законот за помилување, ја поништи аболицијата на дваесет и две лица, главно политички експонирани, меѓу кои поранешeн претседател, министри, функционери во полицијата, лидери на политички партии, поранешни и актуелни градоначалници.
Од останатите триесет и тројца кои не се опфатени со оваа одлука на Иванов, ниту еден досега до Кабинетот нема поднесено барања за поништување на помилувањето.
Со измените на Законот се отвора можност за поништување и на претходно донесени одлуки за помилување. Лидерот на СДСМ Зоран Заев иако јавно најави дека ако постои правна можност ќе бара повлекување на аболицијата за случајот „Глобал“, се уште нема поднесено такво барање и покрај што измените на Законот за помилување го овозможуваат тоа.
„И аболицијата од 2008-ма ако ми се даде можност веднаш ќе побарам да биде повлечена или ако има било каква можност Ѓорги Иванов или било кој во оваа земја барам да биде укината. Затоа што законот мора да важи поеднакво за сите во Република Македонија“, изјави Заев на 19-ти мај.
Што се однесува до оние 12 лица кои претходно веќе побраа претседателот Иванов да ги поништи нивните помилувања, доколку навистина го сакаат тоа, како што и јавно најавуваат, ќе мора повторно да поднесат нови барања. Имено, по старите барања Претседателот не може да постапи, бидејќи се поднесени пред донесувањето на законските измени, односно во услови кога не постоеше правна можност за поништување на одлуките.
Пред измените на Законот, поништување на нивните помилувања побараа 12 лица: Никола Груевски, Зоран Заев, Трајко Вељаноски, Бранко Црвенковски, Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Бедредин Ибраими, Живко Пејковски, Владимир Талески, Божидар Јанковски и Владимир Тодоровиќ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Во минатото, географијата ги одредуваше можностите, а денес знаењето и храброста ги надминуваат границите
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на 24-часовната виртуелна конференција на Women in Tech, глобална организација насочена кон поттикнување на инклузија, разновидност и еднаквост на жените во STEM професиите (наука, технологија, инженерство и математика).
Во обраќањето, Сиљановска-Давкова ја опиша конференцијата како „невидлива линија што го поврзува светот од една временска зона до друга, од еден континент до друг“, нагласувајќи дека ако некогаш географијата ги одредувала можностите, денес знаењето и храброста ги надминуваат границите.
Според неа, жените повеќе не се исклучок во технолошките процеси, туку нивни креаторки: истражувачки умови, основачки на стартапи, инженерки и визионерки, кои ја градат инфраструктурата на иднината.
Таа потсети дека секој напредок е плод на споделено знаење и солидарност и дека кога една жена успева, отвора простор за другите, а кога создава, ги проширува нивните хоризонти.
Обраќајќи им се на младите девојки, претседателката порача дека „иднината не е однапред напишан код“, туку се гради со љубопитност, креативност и визија.
На крајот, таа укажа дека технологијата мора да биде водена од етика, емоционална интелигенција и човечко достоинство, додавајќи дека вистинскиот напредок се мери не само со иновации, туку и со вредности.
Конференцијата, во траење од 24 часа, се одржа во текот на вчерашниот ден, поврзувајќи илјадници жени од различни континенти, кои преку знаење, искуство и солидарност испишуваат заедничка женска глобална приказна.
Македонија
Македонско-француското партнерство и ЕУ-перспективата во фокус на средбата Карапејовски – Ле Риголер
Координаторот на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Бобан Карапејовски, оствари средба со амбасадорот на Француската Република, Кристоф ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Амбасадорот Ле Риголер и советникот Маршето со Карапејовски разговараа за долгогодишното македонско-француско пријателство и соработка, особено на планот на културата.
Карапејовски го истакна придонесот на македонските образовни институции во промоцијата на францускиот јазик и култура и му се заблагодари на амбасадорот за поддршката што ја дава Франција во различните области на меѓудржавната соработка. Тој ги истакна приоритетите на ЗНАМ во Собранието, програмските заложби и специфичната функција на партијата и на пратеничката група како дел од владејачкото мнозинство, каде што функционира и како коректив на власта.
Во врска со евроинтеграциите, беше реафирмирана поддршката на Франција на патот на Македонија кон Европската Унија. Координаторот на ПГ на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија го истакна ставот на пратеничката група и силната заложба за исполнување на обврските од реформската агенда во процесот, како клучен чекор во пристапувањето.

