Македонија
Ќе се утврдува дали се наместени наградите на „Скопски фестивал“
Министерството за внатрешни работи ќе ги проверува 2.500-те сим картички коишто ги заплени, по колку пати и за кој изведувач на „Скопскиот фестивал“ се гласало за да се утврди дали организираното гласање влијаело на изборот за песна на Евровизија и дали тие гласови биле давани за изведувачите кои ги освоија првите три места на овој фестивал.
Дали осомничените успеале во нивната намера да ги поделат парите кои се доделуваат на скопскиот фестивал, допрва ќе се утврдува.Сопственик на продукциска куќа и неговиот брат, автор и композитор на песни и сопственикот на фирмата која го организираше телефонското гласање се осомничени дека организирале поголема група на малолетници да испраќаат СМС пораки за да влијаат на изборот на првите три места на фестивалот. Ќе се утврдува дали има и други инволвирани и дали осомничените влијаеле на реузлтати на други фестивали.Засега нема приведено ниеден од изведувачите на фестивалот, а неофицијално изведувачите за кои организирано се гласало, се договориле со осомничените да им ги дадат парите, ако освојат некоја од првите три награди на фестивалот, а тие за возврат да им снимат песна или спот.„Четворицата првоосомничени се појавуваат во својство на организатори на криминалните активности и по претходен договор со лица вработени во мобилните телефонски оператори, купувале поголема количина мобилни телефонски апарати и СИМ-картички од трите мобилни оператори, кои што картички биле заведени на име ТЕСТ или на непостоечки лица со една или две измислени адреси (ул.„Беровска“ и „Партизанска“ ББ). Картичките биле активирани и подготвувани од вкупно четири IMEI односно ги отстранувале безбедносните ПИН и ПУК кодови на набавените СИМ картички сè со цел за нивно поедноставно користење за самото гласање“, изјави помошник министерот за внатрешни работи, Иво Котевски.Лице од фирмата која го спроведувала телефонското гласање и обработката на пристигнатите СМС пораки од гласањето, било ангажирано да дава инструкции на малолетниците, кои биле задолжени да гласаат, за текот на резултатите од гласањето, односно на кого од договорените изведувачи му требаат гласови. Според тие инструкции тие давале три гласа за договорениот изведувач кој требало да освои прво место, два гласа за оној кој требало да освои второ место и еден глас за оној кој требало да освои трето место.Првото место на фестивалот го освои Даниел Кајмакоски и доби 20.000 евра, второто место го освои Тамара Тодевска и доби 15.000 евра, а третото место и припадна на Евгенија Чанчалова и доби 10.000 евра. За наградите на фестивалот се обезбедени вкупно 45.000 евра од Министерството за култура.Засега не е утврдена никаква одговорност кај организаторот на Скопскиот фестивал, Македонската радио телевизија и нема индиции дека знаела за криминалот, ниту, пак, влијаела на било кој начин во однос на изборот на најдобар изведувач. /крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.

