Македонија
Куќен притвор за двајца демонстранти кои учествуваа на протестите во средата
На двајца демонстранти кои учествуваа на протестите во средата против одлуката за помилување на претседателот, Ѓорге Иванов им е одреден куќен притвор во траење од осум дена и против нив се поднесени кривични пријави за учество во толпа што ќе изврши кривично дело.
Против останатите 11 приведени демонстранти е поведена прекршочна постапка.Како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи, сите во полиција тврделе дека биле присутни на протестот и дека мирно протестирале, но Јавниот обвинител и службеници од Единицата за насилен криминал по прегледувањето на видео записите, утврдиле дека двајцата скопјани кои добија куќен притвор учествувале во групата која ја демолираше народната канцеларија на Претседателот. На протестите во средата беше демолирана канцеларијата на претседателот и беше запален инвентарот од канцеларијата. „Откако кордонот од полициски службеници започнале да ја потиснуваат толпата во правец на Министерството за правда, толпата продолжила да фрла со разни тврди предмети при што е оштетен објектот на Министерството за правда и е повредено едно лице-новинар на медиумот “Плусинфо“. При потиснувањето на толпата од страна на УПС од ЕБР, лишени од слобода се 13 лица, меѓу кои и двајцата кривичнопријавени и истите биле однесени во ПС ОН Центар за понатамошна постапка“, се вели во соопштениетоo од Министерството за внатрешни работи.На протестите коишто се одржаа во четвртокот биле повредени пет полициски службеници и едно лице е приведено. Според официјалната верзија на Министерството, граѓаните во четвртокот попладне во 18 часот се собрале пред Собранието и по четириесетина минути бројката на демонстранти достигнала до 4000 граѓани кои ја блокирале улицата.Во еден момент дел од групата од околу 2000 лица започнале со движење кон улицата „Димитрие Чуповски“ во правец на Полициската станица Центар, а потоа се упатиле и во правец на улицата „Даме Груев“ кон објектот на ВМРО -ДПМНЕ каде во непосредна близина на ТЦЦ Плаза било блокирано од страна на Полициски службеници поставени во кордон. Дел од групата на граѓани поради незадоволството започнала со каменување врз полициските службеници, при тоа фрлале камења, цигли и во повеќе наврати фрлиле запалени бакли кон кордонот. „Без употреба на физичка сила, со употреба на тактичка техника – потиснување, масата од околу 2000 граѓани од страна на полициските службеници била потисната, а се со цел одбивање на каменувањето како и да се спречи оштетување на објекти и повреди на други лица. При каменувањето повредени биле пет УПС на кои им била укажана лекарска помош во ГОБ – Св. „Наум Охридски“ каде им биле констатирани телесни повреди и истите биле пуштени на домашно лекување“, соопштуваат од МВР. Откако групата почнала да се растура дел од околу 1000 лица се упатиле пред објектот на Влада каде по краток престој истите се растуриле во помали групи и се разотишле во различни правци. Собирот завршил во 22 часот./крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пожар во струмичко, поради силниот ветер огнот брзо се раширил
Пожар избувна денеска во 12.30 часот во атарот помеѓу селата Вељуса и Ангелци во Струмица, кој поради силниот ветер се ширел брзо.
Од Територијалната противпожарна единица Струмица соопштија дека била зафатена поголема површина од сува трева и трски.

„ТППЕ Струмица интервенираше со две ПП возила и шест пожарникари-спасители. Пожарот е целосно изгаснат околу 15.00 часот со што е спречено негово ширење и предизвикување поголема материјална штета“, велат од таму.
Во случај на пожар или друга природна непогода граѓаните може да се јават на 112 или 193.
Македонија
Милошоски на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од ЈИЕ во Будимпешта
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, на 26 и 27 февруари ќе учествува на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа, која ќе се одржи во Будимпешта, во организација на Националното собрание на Унгарија.
Станува збор за традиционален меѓупарламентарен форум што се организира од 2004/2005 година и претставува значајна платформа за политички дијалог и парламентарна соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа. Фокусот на конференцијата е насочен кон регионалната соработка, европската интеграција и заедничкото справување со актуелните политички, економски и безбедносни предизвици во регионот.
Во рамки на официјалната агенда, на 27 февруари ќе се одржи 12-тата Конференција на претседатели на парламенти, на која ќе учествуваат спикерите и шефовите на делегации од земјите на Југоисточна Европа, како и од земјите на Вишеградската група. Централна тема на првата сесија ќе биде „Состојбата на проширувањето во регионот на Југоисточна Европа“, додека втората сесија ќе биде посветена на „Економските инвестиции и енергетските поврзувања – предизвици и можности во регионот“.
На конференцијата се предвидени обраќања на високи претставници на земјата домаќин, како и на претставници на Европската унија и меѓународни организации, по што ќе следат дискусии и излагања на учесниците. Во завршниот дел е планирано усвојување на заедничка парламентарна декларација, како и билатерални средби меѓу делегациите.
„Собранието на Република Северна Македонија редовно учествува на оваа конференција, која претставува важен дел од напорите за унапредување на парламентарната дипломатија и зајакнување на европската перспектива на регионот“, пишува во соопштението.
Македонија
Предложени мерки за унапредување на правото на здравје на лицата со попреченост
Во Собранието се одржа настан на тема „Унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, во организација на Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) за правата на лицата со попреченост, во соработка со Зета – организација за попреченост и правда, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, Порака – Неготино и Еко – Живот – Кавадарци.
Настанот имаше за цел отворање институционален дијалог за унапредување на пристапот до здравствени услуги, подобрување на системските решенија и зајакнување на соработката помеѓу законодавната и извршната власт и граѓанскиот сектор, при што беа презентирани и наодите од анализата за предизвиците со кои се соочуваат семејствата на лицата со попреченост, како и можните решенија поврзани со нивниот медицински третман, со цел обезбедување еднаков и достоинствен пристап до здравствена заштита.
Претседателот на ИППГ за правата на лицата со попреченост, Никола Мицевски, истакна дека правото на здравје е фундаментално човеково право, нераскинливо поврзано со правото на живот и заштитата на човековото достоинство. Уставот гарантира здравствена заштита за секој граѓанин, што претставува обврска институциите континуирано да го унапредуваат системот и да обезбедат еднаков, квалитетен и навремен пристап до здравствени услуги за лицата со попреченост. Собранието останува отворено за предлозите и искуствата на граѓаните со цел носење одржливи и инклузивни решенија.
Во активна дискусија присутните имаа можност да ги искажат предизвиците со кои се соочуваат при остварувањето на правото на здравје, како и предизвиците со кои се соочуваат институциите и другите чинители во оваа област. Беше нагласена потребата од континуирани реформи во здравствениот систем, унапредување на законската рамка, обезбедување финансиска одржливост на услугите и воведување механизми за следење на спроведувањето на политиките.
Како предложени мерки за унапредување на правото на здравје на лицата со попреченост се:
· Ортопедските помагала кои се обезбедуваат на товар на Фондот за здравствено осигурување, да бидат целосно усогласени со индивидуалните потреби на лицата со попреченост, да овозможуваат избор и да бидат со подобар и проверен квалитет, во согласност со современите медицински и технолошки стандарди;
· Адаптација на здравствените установи на сите нивоа на здравствена заштита со цел обезбедување целосна физичка, сензорна и комуникациска пристапност за лицата со попреченост, во согласност со принципите на универзален дизајн;
· Воведување задолжителна, континуирана обука за здравствените работници за работа со лица со различни видови на попреченост, со фокус на пристап базиран на човекови права, достоинство, недискриминација и информирана согласност.
· Унапредување на системот „Мој термин“, со воведување механизми за приоритетно закажување за лицата со попреченост, особено за лица со попреченост кои имаат потреба од поголема поддршка, хронични состојби.
„Настанот се одржа во клучен момент – кога се подготвуваат измените на Законот за здравствена заштита и претставува значаен чекор кон градење поинклузивен здравствен систем, заснован на еднаквост, пристапност и почитување на човековите права. На истиот беа донесени заклучоци во насока на унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, се наведува во соопштението од Собранието.

