Македонија
Курц: Со фер избори до преговори со ЕУ
Спроведувањето на слободни и фер избори како и имплементација на итните реформски приоритети ќе и овозможат на Македонија да се врати на патот кој ќе ја води кон отворање на преговори за членство во ЕУ, изјави денеска во Скопје шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц по средбата со неговиот македонски колега Никола Попоски.
„Се надевам дека ќе успеете да направите важни реформски чекори пред се во правец на зајакнување на правната држава и она што сега е нужно, а тоа се слободни и фер избори кои треба да се спроведат. Доколку тоа успее, тогаш Македонија се наоѓа на добар пат кон ЕУ и секако ќе има и отворање на преговорите. За мене е тоа исклучително позитивно и коректно“, рече Курц.
На денешната средба двете земји усвоија Акциски план за соработка за 2017 година кој се однесува на интеграцијата во ЕУ, соработката во Берлинскиот процес, како и во рамки на претстојното австриско претседавање со ОБСЕ во 2017 година.
Курц повторно се заблагодари за активностите на Македонија за затворање на балканската рута за мигрантите што, како што рече, значително го намали притисокот врз австриската граница.
„Ние сме благодарни на поддршката која Австрија ни ја дава на патот кон ЕУ. Ова е многу значајно бидејќи се работи за наш највисок стратешки приоритет. Австрија е силен и убедлив поддржувач на овој пат и се надеваме и работиме интензивно во што е можно пократок временски период да отпочнеме процес на преговори со посебен фокус на фундаменталните поглавја 23 и 24 од преговорите“, рече Попоски.
На новинарско прашање за неговото присуство на синоќешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, министерот Курц истакна дека тука нема ништо спорно и дека бил присутен во својство на член на Европската народна партија. Вели дека стои зад секој збор и оти ги повикал граѓаните на Македонија да излезат на избори, а за кого ќе го дадат својот глас решаваат само и единствено тие./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

