Македонија
Квалитетни и поевтини лекови за ХИВ во регионот
Подобро планирање и соодветно буџетирање за антиретровирусните лекови, но и оптимизирање на трошоците за лекување на ХИВ преку конкретни мерки.
Ова се дел од препораките на лицата со ХИВ и нивните поддржувачи од регионалната средба на тема „Пристап до терапија за ХИВ“ која изминатиов викенд се одржа во Скопје. Домаќин и организатор на средбата беше Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје, а на неа учествуваа 25 претставници од вкупно 18 земји од регионот на Централна и Југоситочна Европа.Ограничени и застарени тераписки опции, опасни прекини во континуитетот на терапијата, недоволен број на регистрирани антиретровирусни лекови и несоодветно буџетирање се дел од проблемите со кои се соочуваат луѓето со ХИВ во повеќе земји од нашиот регион. Во Повикот за акција упатен до владите, фармацевтската индустрија, како и до самата засегната заедница, лицата со ХИВ и нивните поддржувачи апелираат за поголеми напори во обезбедувањето одржлива и квалитетна терапија.„Фармацевтските компании ги повикуваме на социјалната и етичката одговорност што ја имаат да обезбедат брз пристап до животоспасувачки терапии по цени кои нашите влади ќе можат да ги плаќаат на долг рок. Тие без одложување треба да ги регистрираат своите лекови во сите земји од нашиот регион и да определат достапни цени. Од друга страна, дел од конкретните решенија со кои нашите влади можат да ги оптимизираат трошоците за лекување на ХИВ, при што истовремено ќе овозможат поголема достапност на современи тераписки опции, се: преговори помеѓу со фармацевтската индустрија, со рамноправно вклучување на претставниците на пациентите; создавање услови за поголема конкуреција на пазарот на антиретровирусни лекови, како и спроведување на регионални групни набавки на лекови со здружување на повеќе земји од регионот“, изјави Андреј Сених, извршен директор на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ.Во името на Мрежата на земји со ниска преваленца на ХИВ во Централна и Југоисточна Европа, извршниот директор на Здружението Кју-Клуб од Белград, Република Србија се осврна на предизвиците што ги носи ниската стапка на ХИВ.„Во услови кога проблемот со ХИВ-инфекцијата се перципира како релативно мал во нашиот регион, забележуваме недоволно внимание и заложби во врска со ХИВ, недоволно стратешко планирање и недоволни средства што се изделуваат за да се обезбедат квалитетни лекови и алатки за следење на инфекцијата, како и сеопфатна здравствена грижа. Но пациентите се повеќе од потрошувачи, лековите се повеќе од производи, а пристапот до најдобрата можна терапија и грижа се основни човекови права и му служат на јавното здравје. Како заедница, ќе продолжиме да ги едуцираме пациентите за важноста на доследното придржување до терапијата, и да обезбедуваме поддршка, со цел да осигураме најдобар можен резултат од лекувањето. Тоа е наш влог во справувањето со ХИВ во регионот“, вели Петковиќ.Својата поддршка на луѓето со ХИВ во регионот им ја дадоа неколкумина искусни активисти од САД и Велика Британија.„Живеам со ХИВ од 1981 година. Благодарение на тоа што се тестирав доволно рано, имав пристап до соодветна здравствена грижа уште од самиот почеток. Успеав да преживеам доволно долго, сѐ до моментот кога ефективната терапија стана достапна во 1996 година. Со добра терапија и грижа можам да останам здрав. Никогаш досега не сум бил хоспитализиран поради компликации поврзани со ХИВ. Во 20. век тоа беше реткост, но тоа е реалност кога луѓето навреме го откриваат својот ХИВ-позитивен статус и кога добиваат терапија и здравствена грижа. Јас единствено сакам и другите да ги имаат истите можности коишто ми беа достапни мене, но исто така знам дека раното тестирање и навремената терапија во крајна линија значат значителна заштеда на средства за владите“, изјави Бенџамин Колинс, меѓународен активист на полето на ХИВ и поддржувач на „Заедно посилни“./крај/со
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

