Македонија
Лидерска за одредување датум за избори
Лидерите на четирите политички партии, потписници на договорот од Пржино, во среда во 13 часот, во Клубот на пратеници, ќе одржат лидерска средба, на којашто треба да одлучат дали се исполнети условите за предвремените парламентарни избори да се одржат на 11 декември.
Ад-хок телото коешто треба да ги мониторира медиумите пред изборите сѐ уште не е комплетирано, но сѐ поизвесно е дека петти член на ова тело ќе биде Сефер Тахири, откако другиот кандидат Даут Даути ја повлече својата кандидатура со образложение дека не сака да биде пречка за формирањето на ова тело и закажувањето на изборите. Четворицата членови на телото за медиумите делегирани од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, повеќе од една седмица не можат да го изберат петтиот член на ова тело, кој треба да биде Албанец. Со откажувањето на Даути, се очекува новинарите Цветин Чилиманов и Слаѓана Димишкова, предложени од ВМРО-ДПМНЕ и Горан Трпеновски и Љубомир Костовски, предложени од СДСМ, да постигнат консензус пред лидерската средба и да го изберат Сефер Тахири за член на ова тело и со тоа да биде задоволен еден од условите за одржување на изборите.„Го поздравуваме повлекувањето на Даут Даути од кандидатурата за петти член на Ад хок телото за мониторинг на медиуми за време на избори. Со тоа, веќе не постои натамошна пречка, четворицата избрани членови да го изберат единствениот преостанат кандидат и да го комплетираат составот на телото. Ги повикуваме да го направат тоа што поскоро, за да може Ад хок телото да почне со својата законски предвидена работа“, велат од СДСМ.Сѐ уште не е кандидиран ниту уредник на јавниот сервис МРТВ, а според неофицијалните информации коишто ги објавија медиумите, СДСМ ќе ја кандидира новинарката Санта Аргирова за нов уредник на МРТВ.И од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ претходно изјавија дека има услови да се одржат избори на 11 декември и дека ќе се одржи лидерската средба.Доколку лидерите постигнат договор за одржување на изборите на 11 декември, во тој случај 100 дена пред тоа треба да се избере преодна влада во која ќе учествува и опозицијата која ќе треба да предложи личности за министри за во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и дополнителни заменици министри во финансии, информатичко општество и администрација и земјоделство. /крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

