Македонија
Лидија Неделкова: Не сум добивала подароци, повеќе сакам бисери, отколку „Сваровски“
По снимките што ги објави опозицијата во коишто наводно судиите се избираат партиски и се колнат пред носителите на извршната власт, првиот судија, односно претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова уверува дека граѓаните треба да веруваат во правораздавањето на судиите во Македонија, бидејќи, според неа, имаат капацитет да се справат со сите предизвици, пред сé, затоа што имаат професионални знаења и вештини и постојано го надградуваат своето знаење.
Неделкова вели дека ги слушнала објавените разговори на опозицијата, но за неа не е познато дали тоа било навистина така. „Не ми е познато што се правело, тоа треба да ги прашате тие што тоа го правеле“, вели.Името на претседателката на Врховен суд се споменува во еден од објавените разговори во коишто наводно директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков зборува со судијката Софија Лаличиќ и ја информира дека ја избрале за судија во Основниот суд Скопје 1, иако конкурсот за избор сé уште не бил завршен.Во разговорот Лаличиќ вели дека „токму Лидија“, се претпоставува дека мисли на претседателката на Врховниот суд, лобирала да се избере судијката Лидија Петровска за судија во Основен Суд 1, на истиот конкурс заедно со Лаличиќ. Втората во презентираниот разговор уште тврди дека Петровска ја „купила“ со подароци „Сваровски“.Неделкова, пак, не е сигурна дека токму таа е судијката за којашто разговараат, но тврди дека никогаш не добивала подароци. „Јас немам што да го коментирам тоа, бидејќи јас не чув дека токму јас сум таа (што лобирала –з.м.). Беше споменато Лидија, но има многу Лидии во судството, не знам дали сум баш јас таа. Не сум добивала подароци, како што гледате повеќе сум љубител на бисери отколку на ’Сваровски’“, изјави Неделкова. Таа вели дека резултатите и знаењето никој не може да им ги земе на судиите. Кога Законот дозволувал 50 отсто од судиите да се избираат од стручните соработници односно од другите кадри, а 50 отсто од завршените судии во Академијата за судии и јавни обвинители, оние кои ги предлагале морале да имаат познавање за нивните квалитети.„Не е дозволено да се предлага кандидат кој нема одредени квалитети. А квалитетите се манифестираат преку резултатите кои никој не може да му ги земе на судијата, професионалноста, знаењето и интегритетот никој не може да му ги земе на еден судија, и затоа верувам дека секој го предлагал судија го имал ова на ум“, рече Неделкова.Одлуките на судиите, според неа, се проверуваат редовно во две инстанци – Основните судови, кога ги носат одлуките, и Апелационите судови, кога ги проверуваат тие одлуки по жалба, а секако и пред Врховниот суд по вонреден правен лек.„На општа седница на Врховен суд не се разговараат вакви теми, но може да се отворат на Комисии и етичките совети кои се формирани преку кодексот за судска етика. Јас мислам дека Здружението на судии, на кои сум и јас член, даде изјава без разлика дали на некој му се допадна. Навистина сметаме дека судиите имаат интегритет и знаење, и треба да верувате во работата на судиите. Ова се претвори во јавно судење. Треба да се почитува судството, а дали и тоа се случувало не можам да коментирам, бидејќи не знам“, истакна Неделкова.И претседателот на Здружението на судии, Николчо Николов не ги коментира објавените снимки и тврди дека судиите судат по Устав, закон и меѓународни договори. Здружението имаше средба и издаде соопштение во кое тврдеше дека судиите работат професионално и чесно.„Евентуалните обвинувања за тоа како се избираат судиите, мислам дека треба да ги упатите во Судскиот совет, дали тоа што се пласира во јавноста преку некои наводни прислушувани разговори, автентични или неавтентични затоа што за мене секое прислушување е забрането надвор од она што е дозволено со евентуалните одобрени ПИ (Посебни истражни) мерки во законска постапка. И оттука не сакам да навлегувам и да коментирам што се зборува во тие изјави и соопштенија. Она што здружението може да го коментира е во врска со работата на судиите и нивното поимање и прифаќање на судскиот кодекс“, рече Николов.Врховниот суд во вторник одбележа 70 години јубилеј од своето постоење, токму на Денот на правосудството.Неделкова го промовираше издавањето на „Збирката судски одлуки 2004-2014“ на Врховниот суд , додека Николов “Кодексот за судиска етика на судиите во Република Македонија“ донесен од Собранието на Здружението на 20-ти јуни минатата 2014 година.На приемот присуствуваше и јавниот обвинител Марко Зврлевски, поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева, сегашни и поранешни судии./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

