Македонија
Mалите парламентарни партии: Да се донесе законското решение за една изборна единица
Малите парламентарни партии, кои со години се залагаат за промена на изборниот модел од шест во една изборна единица, сметаат дека постигнатиот договор помеѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е гаранција дека, конечно, ќе се донесат долгоочекуваните измени на Изборниот законик.
Пратеникот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, порача дека власта и опозицијата не смеат да бараат изговори ниту, пак, одговорноста да ја префрлаат на други партии, туку што побргу да завршат работните средби и да се изгласа законското решение.
„Знаете дека ние во Собранието веќе поднесовме законско решение за промена на изборниот модел, при што бараме Македонија да биде една изборна единица и притоа бараме да нема изборен праг. Се надеваме дека работните групи во Собранието ќе постигнат договор, кој е прифатлив за нас, а предлагаме и ограничување на амандманската расправа на најмногу 10 дена за да може побргу да се донесе законот. Доколку носењето на измените се развлече, ќе сметаме дека не се конзистентни на договореното. Инсистираме на носење на измените во најбрз можен рок бидејќи постои можност и за вонредни парламентарни избори, кои би се организирале во една изборна единица“, вели пратеникот Трајанов.
Поддршка на иницијативата за една изборна единица има од повеќе од 30 пратеници од малите парламентарни партии, кои се дел и од коалицијата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата ДОМ, која во неколку наврати го иницира предлогот за една изборна единица, стравуваат дека постои опасност од нова амандманска блокада во матичните комисии затоа што нема поддршка од ДУИ.
„Позитивно сме изненадени што лидерите постигнаа договор за една изборна единица, но сепак постои сомнеж дека може да ни се повтори сценариото од минатиот пат, да се соочиме со блокада од илјадници амандмани, овој пат од партијата ДУИ, во која не се расположени да го прифатат предлогот за една изборна единица. Не сакаме да веруваме дека и овој пат ќе бидеме изиграни и дека законот ќе биде предмет на политички пазарења и уцени. Добро е да биде донесен со консензус и сите партии да дадат поддршка. Ние имаме уште едно барање, а тоа е еднаква застапеност на мажите и жените на листите. Нашето барање ќе го преточиме во амандман за да биде дел од измените на Изборниот законик“, изјави Мирослав Богдановски, пратеник од ДОМ.
За малите партии, не е спорно дали ќе се разгледува постојниот закон, кој веќе е поднесен, или ќе има нов предлог сеедно дали од страна на група пратеници или предлагач ќе биде Министерството за правда. Велат не е проблем да го повлечат својот предлог и да му дадат поддршка на новиот затоа што суштината е иста.
Инаку, со договорот помеѓу Заев и Мицкоски работните групи на партиите СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во Собранието треба да постигнат договор за измените на изборниот модел во една изборна единица од досегашните шест, за отворени листи за советници на следните локални избори, избор на градоначалник во прв круг со одѕив од 30 отсто од вкупниот број запишани избирачи во општината и гласањето на дијаспората надвор од дипломатско-конзуларните претставништва.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

