Македонија
(Видео) Mицкоски: Досегашните мерки беа брутална манипулација за организирање на талибански избори

Четвртиот пакет на мерки на мафијата во владата е последниот обид за сламката за спас во услови кога економијата пропаѓа, рече денеска на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицскоски.
Тој смета дека овој пакет не само што е задоцнет и нема да одговори соодветно на потребите на граѓаните, туку и дополнително ќе ја продлабочи тешката состојба во државата.
„Кога веќе се прави четврт пакет на мерки треба да се види искуството од претходните три. А, тоа е поразително и се вика нови дополнителни најмалку 40 илјади невработени за 5 месеци и минус речиси 13% намалување на бруто домашниот производ, рекорден во вториот квартал. Токму затоа и четвртиот пакет на мерки е промашен обид да се дефукусира вниманието од вистинските проблеми. Мафијата ќе стане побогата, а народот посиромашен“, обвини Мицкоски.
Според него, досегашните три пакети на мерки биле лошо насочени и недоволни за да ги амортизираат негативните ефекти од кризата, а како потврда за тоа го посочува фактотшто покрај платежните картички кои, како што рече, служеле за изборен поткуп и манипулација, најголем дел од мерките за поддршка на стопанството и економијата останале нереализирани.
Мицкоски исто така обвини дека владата дека има историски најниска реализација на капиталните проекти.
„Резултатите од таквите погрешни политики се историски пад на индустриското производство и извозот, пад на економската активност во вториот квартал со индиции тој негативен тренд да продолжи до крајот на годината, зголемување на јавниот долг за повеќе од една милијарда евра за само еден квартал, а тоа е вториот квартал, раст на невработеноста од 40.000 лица со најава за дополнителни масовни отпуштања, тотален колапс на туризмот и многу затворени бизниси во државата“, рече лидерот на ВМРО-ДМПНЕ.
Во своето обраќање тој даде и коментар за некои од, како што рече, бомбастично најавуваните мерки за помош на македонската економија за кои оцени дека биле брутална лага и предизборна манипулација за реализирање на талибански избори.
„Мерки се носат за да се помогне на економијата, за да можат да се спасат што е можно повеќе работни места и да се намали колку што е можно повеќе оној пад кој што секако се случува во нашата држава, но, фактот е следен. Денеска броиме троцифрена бројка на луѓе кои што се инфицираат на дневно ниво. Броиме повеќе од десет или околу десет луѓе кои што на дневно ниво го губат животот поради вирусот. Броиме илјадници луѓе месечно кои што остануваат без работа и броиме и броиме десетици бизниси кои што ставаат клуч на врата поради неможноста да опстојат“, рече Мицкоски.
Тој додаде и дека владата ги нема парите за реализација на овие мерки, туку треба да се позајми од извори дома и од извори надвор.
„Ќе имаме побогата мафија, а посиромашни граѓани, за да може да се врши институционален поткуп. А, со тоа ќе се зголеми државниот и јавниот долг, со тоа ќе се зголеми дефицитот на буџетот, а тоа на крајот на денот ќе го платат сите граѓани солидарно без исклучок и на вера, нација и на социјална положба“, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Османи: МНР ќе ѝ предложи на Владата да го прифати предлогот на ЕУ, за продолжување на нашите европски интеграции

„Имајќи ги предвид досегашните консултации, Министерството за надворешни работи ќе ѝ предложи на Владата да го прифати предлогот на Европската Унија за продолжување на нашите европски интеграции“.
Ова меѓудругото попладнево на својот Фејсбук профил го објави министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Бројните денешни консултации, според него минуваат во позитивна атмосфера, во која, како што посочува, францускиот предлог детално се анализира.
„Различните групи и поединци се фокусираат на суштински прашања кои се важни за граѓаните и за идниот процес на преговори:
– Македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на Европската Унија, чисто формулиран и без ниту една забелешка или објаснување наведени во преговарачката рамка.
– Протоколот, како и делот кој упатува на историските прашања, остануваат во сферата на билатералните односи и не се дел од Преговарачката рамка.
– Одобрувањето на овој предлог ќе значи одржување на првата Меѓувладина конференција, започнување на процесот на скрининг – суштинско отворање на преговорите во полн капацитет – и тоа веднаш!
– Имајќи ги предвид досегашните консултации, Министерството за надворешни работи ќе ѝ предложи на Владата да го прифати предлогот на Европската Унија за продолжување на нашите европски интеграции.
– Процесот на консултации продолжува меѓу Владата и другите институции, заинтересирани групи и целокупната јавност, по што Владата ќе ја донесе конечната одлука“ стои во објавата на Фејсбук на Османи.
Македонија
Николовски на жетва на јачмен: Постигнавме висока откупна цена, очекуваме добар принос

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска изврши увид во текот на жетвата на јачменот и беше во посета на младиот земјоделец Славче Костев, производител на јачмен од Свети Николе.
„Цената за откупен килограм јачмен изнесува високи 17 денари, за разлика од ланската година кога цената изнесуваше 10 денари. Очекувам вкупната количина на јачмен за оваа сезона да достигне до околу 140.000 тони. Ме радува кога директно од земјоделците го слушам нивното задоволство и од цената, но и од мерките кои изминатиов период како министерство ги носиме за поддршка на земјоделците“ – изјави министерот Николовски.
Преку мерките од Националниот план ги поддржуваме земјоделците за набавка на вештачко ѓубриво и даваме дополнителна поддршка до 100 евра по хектар за зголемен принос на житни култури, како мотовациска мерка на земјоделците кои ќе го предадат во домашни преработувачки и откупни капацитети. Оваа мотивациска мрека за остварен принос, од оваа година, важи за сите површини од 1 хектар па нагоре, без ограничување.
Министерот Николовски ги повика сите земјоделци производители на житни култури да аплицираат и да ја искористат оваа мерка, краен рок за аплицирање по мерката за дополнителна поддршка од 100 евра за зголемен принос е до крајот на октомври оваа година.
Исто така, министерот Николовски потсети дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на располагање стави и нови дополнителни 5.722 хектари земјоделско земјиште за одгледување житни култури распределени во 14 региони низ државата, за кои аплицираа и договори се склучуваат со 258 земјоделски стопанства.
Македонија
СДСМ: Мицкоски нема чувство за државност и одговорност

„Предлогот на француското претседателство е објавен и граѓаните можат да се уверат дека имаме чист македонски јазик во ЕУ, идентитетските прашања се заштитени, историските прашања не се дел од преговарачкиот процес. Ова Мицкоски упорно не сака да го види и заради политички интерес се обидува да претстави нешто различно“, соопштуваат од владејачкиот СДСМ.
Од партијата велат дека „Мицкоски сака отворениот процес на широки консултации да го попречи на самиот почеток, преку протести. Со месеци Мицкоски бараше предлозите да се консултираат со него и опозицијата, а сега кога ја има можноста тој од тоа бега“.
„Повеќе од јасно е дека Мицкоски никогаш не сакал и немал интерес за конструктивен дијалог, туку го интересирал само личниот интерес. Тој не сака јавноста, политичките партии, експертите, граѓанските организации да го искажат својот став за предлогот, туку да го наметне својот недржавнички став. Неговата цел никогаш не била државата ниту иднината на граѓаните. Неговата цел никогаш не бил македонскиот идентитет, македонскиот интерес. Единствено Мицкоски сака да предизвика некоја штета, ако може да за закочи државата, да доживеа некаков неуспех, да биде заглавена“, велат од СДСМ како реакција на денешната прес-конференција на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на која тој посочи дека предлогот што е на маса, а Владата го криеше, всушност е истиот што веќе еднаш беше одбиен.