Македонија
Mаричиќ – Фајон: ЕУ отвора шанса што не се пропушта, Словенија со поддршка за следниот чекор
На маргините на Бледскиот стратешки форум, денеска, вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, оствари конструктивна средба со заменик-претседателката и министерка за надворешни и европски прашања на Република Словенија, Тања Фајон, на која беше испратена порака дека ЕУ создава позитивен политички момент, кој е погоден за брз напредок на Северна Македонија на европскиот пат.
„Одлучни сме во нашата посветеност да се усогласиме со стандардите, вредностите и политиките на ЕУ и да ги направиме следните чекори за да останеме во процесот и да напредуваме во преговорите со ЕУ. Во овој сложен процес од клучно значење е да знаеме дека држава како Словенија, со силно европско искуство, ја имаме за партнер и сојузник во исполнувањето на ЕУ-агендата“, вели тој.
Заменик-претседателката и министерка за надворешни и европски прашања, Тања Фајон, на средбата ги поздрави политичката волја и заложбата на македонската Влада за успех во преговарачкиот процес и со охрабрување порача Северна Македонија да продолжи напред, а поддршката Словенија останува до исполнување на нашата стратешка цел – полноправно членство во ЕУ.
Во фокусот на нивниот разговор беше темата за уставните амандмани, кои стојат како обврска за продолжување на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, а за кои и Маричиќ и Фајон се согласија дека амандманите не се само уставни дополнувања, туку дека тие ја симболизираат нашата посветеност на забрзување на реформските процеси, европеизација на македонското општество, демократските принципи, владеењето на правото и човековите права.
Соговорниците разговараа и за децениското искрено пријателство и соработка меѓу двете држави и двата народа, со кое дополнително ги унапредуваат нивните односи придонесувајќи во промоцијата на заедничките европски вредности, особено солидарноста во справувањето со последиците од климатските промени и природните непогоди.
Маричиќ денеска учествува на Бледскиот стратешки форум на панелот со наслов: „Збогум, Европо! (?) – Глобален вазал или глобален лидер: Европа во новата геополитичка доба“, на кој учествуваат и неговата словенечка колешка, Тања Фајон, Федерика Могерини, Аранча Гонзалез, декан на Париското школо за меѓународни односи, Кристофер Смит, заменик-асистент секретар за Централна Европа и Југоцентрална Европа, и Мирослав Влачовски, министер за надворешни и европски прашања на Република Словачка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

