Македонија
Mинистерство за здравство: Подобрени се условите во 28 здравствени установи
Министерството за здравство информира дека во изминатите две ипол години подобрени се условите во 28 јавно-здравствени установи. Со ова, здравствената заштита за пациентите е подигната на едно повисоко ниво, додека пак здравствените работници и соработници имаат значително подобрени услови за работа.
„Целосно се реновирани хируршките сали на Клиниката за ортопедија при Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ). Реновирани се одделенијата и на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, Клиника за хематологија, Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, Клиниката за неврохирургија, Клиниката за очни болести, како и болничкиот оддел на Клиниката за гастроентерохепатологија.
На Клиниката за ендокринологија извршена е комплетна реконструкција на кабинетот за интензивна нега и пристапните простории. На почетокот на 2020 година, се пушти во употреба новата хируршка сала и реновираниот болничкиот оддел на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија.
За првпат, по 4 децении се реновирани двете гинеколошки операциони сали во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, како и условите за престој на родилките во Клиниката за гинекологија и акушерство – бојадисани се сите 24 соби од одделението каде се наоѓаат родилките и бебињата.
Комплетно е обновена Службите за итна медицинска помош во Здравствениот дом во Битола и во Здравствениот дом во Велес.
Минатата година, во Општата болница во Куманово се отвори новиот Ургентен центар – кој претставува комплетно нов објект изграден од темел.
Во Градската општа болница „8 Септември“ се отвори нов Кардиоваскуларен центар во оваа болница, со што се подигна нивото на здравствени услуги.
Исто така, во 2019 година се пушти во употреба од темел изграденото ново одделение за акутни состојби во Психијатриската болница-Негорци, а по 63 години изграден е нов машки павилјон во Психијатриската болница во Демир Хисар. Клиниката за психијатрија во Скопје целосно е реновирана. Комплетно се реновирани и опремени болничките соби за третман на хоспитализирани пациенти, како и амбулантскиот дел и кровот на зградата.
Вакциналните пунктови во Поликлиниките „Чаир“ и „Ѓорче Петров“ се целосно реновирани.
Во општата болница во Охрид се отвори нов Центар за рани интервенции и третман кај деца со нарушувања од аутистичниот спектар, додека пак во Заводот за слух, говор и глас е реновиран одделот за интензивен рехабилитациски третман за деца со аутистичен спектар и комбинирани развојни нарушувања.
Подобрени се услови за пациентите и во Специјализираната болница за белодробни заболувања и ТБЦ-Лешок.
Со реновирањето на Институтот за трансфузиона медицина создадени се нови соодветни просторни услови.
Во Општата болница во Куманово, Клиниката за гинекологија и акушерство и во Клиничката болница Тетово се отворија три центри за упатување на жртви од сексуално насилство. Во овие центри се даваат услуги по стандардизирани оперативни процедури, со кои може да се превенираат животозагрозувачки последици.
Во Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје (стара градска болница) завршена е првата фаза од реконструкцијата на одделенијата.
Во 2019 година се отвори „Родителска куќа“, наменета за родители чии деца се на подолг престој во болница, а не живеат во Скопје.
Во изминатите две години се отворија шест Роса школи за родителство во Скопје, Гостивар, Битола, Струмица, Куманово и Охрид“, информираат од Министерството за здравство преку соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

