Македонија
Македонија го одбележува 11-ти Октомври, Денот на народното востание
Македонија во недела одбележува 74 години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна.
Организираното востание почна во 1941-та година, кога Првиот прилепски партизански одред го нападна бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12-ти октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.
Денот на народното востание е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.
Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција, Македонија застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.
Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.
За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58 илјади лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети. Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.
Традиционално по повод празникот, во недела во Собранието на Република Македонија ќе бидат врачена државната награда „11-ти Октомври“. Во текот на денот бројни делегации ќе положат цвеќе на спомениците и паметниците на народните херои.
Во Прилеп кадешто и започнува антифашистичкото востание ќе биде одбележан празникот со низа манифестации. Честувањата започнаа уште во петокот, а централната манифестација ќе се одржи во недела со импровизиран напад на градот и огномет, а ќе им биде оддадена и достојна почит на дејците, борците, народните херои и жртвите што градот ги дал во народноослободителната војна./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Фрчкоски од СДСМ обвинува: 51 тендер добила иста фирма по локалните избори
Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска изнесе обвинувања за сомнителни тендери, посочувајќи дека фирма блиска до ВМРО-ДПМНЕ добила 51 тендер во вредност од околу 16 милиони евра.
На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, изјави дека станува збор за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, која, според тврдењата на СДСМ, од 2022 година, односно од периодот по локалните избори до денеска, добивала тендери во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Фрчкоски наведе дека само во општина Аеродром фирмата добила 22 тендери, во Гази Баба 10, како и во општините Ѓорче Петров, Прилеп, Битола и Гевгелија. Според СДСМ, дел од тендерите биле финансирани и со средства од унгарскиот кредит.
Како последен пример, од СДСМ го посочија тендерот од декември 2025 година со Град Скопје, во вредност од 320.000 евра, кој, според нив, бил доделен веднаш по преземањето на функцијата градоначалник од страна на Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Непознати глутници се појавија преку ноќ – пронајдени улични кучиња од Албанија во Скопје, се бара истрага и проверка на безбедносните камери
Здружението за заштита на животните Анима Мунди алармира и јавно бара итна, темелна и независна истрага поради сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во град Скопје, појава која, како што наведуваат, директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и владеењето на правото.
Од здружението информираат дека во изминатите денови, на територијата на општина Карпош се појавила нова глутница кучиња кои се целосно непознати за локалното население и не се дел од постоечката улична популација. Според Анима Мунди, станува збор за нестерилизирани и необележани кучиња, што, како што наведуваат, исклучува можност за природен прираст и укажува на насилна дислокација.
Во соопштението се наведува дека јавното претпријатие ЈП Лајка нема оставено, ниту испуштено ваква бројка нестерилизирани и необележани животни на ниту една локација во Скопје, при што се посочува дека граѓаните со години ги познаваат уличните кучиња во своите маала, а овие животни не се дел од таа популација.
Анима Мунди информира дека на терен биле пронајдени и кучиња со ушни маркици од Република Албанија, што, како што наведуваат, отвора сериозни сомнежи за нелегален и можен прекуграничен транспорт и напуштање на животни.
Здружението бара целосна проверка на сите јавни и приватни безбедносни камери на локациите каде што кучињата се појавиле, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје. Се бара од Министерство за внатрешни работи и Јавно обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара животните, наведувајќи дека, според нив, не станува збор за изолиран случај, туку за логистички организирана активност.
Во соопштението се наведува дека масовното напуштање и дислоцирање кучиња претставува суровост и сериозна општа опасност, поради што Анима Мунди поднела конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, како и предлог-измени на Кривичниот законик, со кои напуштањето миленик, суровоста и предизвикувањето општа опасност би се третирале како кривични дела, по примерот на Република Хрватска.
Истовремено, од здружението упатуваат итен јавен повик до ЗЕЛС ова прашање да се отвори и дискутира на ниво на сите градоначалници, нагласувајќи дека секоја општина мора хумано и законски да ја третира проблематиката со уличните кучиња, преку масовна стерилизација, јасна евиденција и најстроги санкции каде што ќе се утврди масовно дислоцирање.
„Ова не е проблем на една општина. Ова е системска злоупотреба и мора да биде санкционирана“, се наведува во соопштението, со барање за итна истрага, одговорност и преземање мерки за сторителите да бидат најстрого санкционирани согласно закон.
Фото: илустрација (pexels)
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ по повторените локални избори: Народот ја казни неконструктивноста на СДСМ
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека повторените локални избори во државата завршиле со, како што наведуваат, уште еден дебакл и пораз за таканаречениот „клан Дубаи“.
Според соопштението, со победата на Онер Јакупоски во општина Маврово и Ростуше со повеќе од двојна разлика во гласови, ВМРО-ДПМНЕ освоила вкупно 56 општини, додека СДС останала на, како што се наведува, минимални шест општини.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека овие локални избори ја извадиле на површина „болна вистина“ за опозициската СДСМ предводена од Венко Филипче, наведувајќи дека тој, како лидер на партијата, загубил сè што можело да се загуби и дека СДСМ е сведена на четврта политичка сила на политичката сцена во Македонија.
Во соопштението се наведува дека, според ВМРО-ДПМНЕ, неконструктивниот пристап на опозициската партија бил жестоко осуден и казнет од граѓаните, кои бараат работа и резултати, а не инает и пропаганда за ситни политички поени.
Партијата оценува дека станува збор за пораз на политика која, според нив, со години произведувала криминал, конфликти, национални предавства и деструкција, и ја држела државата во застој.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека СДСМ мора да се соочи со своето коруптивно минато и со криминалците во сопствените редови, наведувајќи дека без такво расчистување партијата нема да има кредибилитет, доверба ниту иднина.

