Македонија
Македонија во врвот според трансплантација од жив донор

Македонија се вбројува во листата на 10 земји со најразвиена трансплантација од жив донор, покажува најновиот извештај објавен на веб страната на Интернационалниот регистар за донирање на органи и трансплантација, (www.irodat.org).
Бројките се однесуваат за 2013 година и во истражувањето се вклучени 71 земја од целиот свет.
Според оваа листа, Македонија е на осмоместо според бројот на трансплантирани бубрези од жив донор,веднаш после Турција, Холандија, Кипар, Либан, Исланд, Северна Кореа и Иран.
Зад Македонија на листата се земји како Данска, САД и Велика Британија.
Големиот број на трансплантирани бубрези од жив донор, ја позиционира земјата високо и на генералната листа на трансплантирани органи од жив донор, каде што македонија е девета.
Ако во последните 30 години имаше направено вкупно 308 трансплантации на бубрези од жив донор, само во изминатите три години бројката на трансплатирани органи е 92, што значи дека секоја година има сè повеќе трансплантации.
„Во време кога правиме напори да ја заживееме кадаверичната трансплантација среќни сме како тим што на светската мапа за донирани органи и трансплантација сме забележани и како земја со голем број трансплантации од жив донор. Се надевам дека веќе следната година ќе не има и во статистиката на земји кои имаа забележителен успех и во делот на кадаверичната трансплантација“, вели др Аспазија Софијанова, Национален координатор за трансплантација
Таа додава дека изминатава година покрај трансплантациите од жив донор, се направени и направено и шест кадаверични трансплантации.
„Се надеваме дека годината ќе ја завршиме барем со уште две трансплантации“, вели Софијанова. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.