Македонија
Македонски војници повторно заминаа за Авганистан и АЛТЕА во БиХ
Во рамките на долгогодишниот придонес на Македонија кон глобалниот мир и стабилност, во петок со официјална церемонија беше одбележана нова редовна ротација на македонски контингенти во рамките на мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан и во мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Во рамките на мисијата „Одлучна поддршка“ 13 македонски мировници ќе бидат распоредени во Командата за обука, советување и асистенција во главниот град, Кабул. Тие се дел од македонскиот контингент во мисијата „Одлучна поддршка“, каде Република Македонија придонесува со вкупно 39 припадници. На свеченоста по повод испраќањето на двата контингенти, министерот за одбрана, Зоран Јолевски посочи дека за министерството најважно е Македонија достојно да биде претставена во меѓународните мировни мисии и сите припадници на АРМ здрави и живи да се вратат назад кај своите семејства.„Вие сте високо обучени и јас сум сигурен дека одлично ќе ги завршите дадените должности и задачи“, рече Јолевски. НАТО и земјите партнери, рече министерот, се насочени кон зајакнување на Авганистанските безбедносни сили и со цел тие да ја преземат целосната одговорност за безбедноста на Авганистан.Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски посочи дека офицерите упатени во мисии се најдоброто што Армијата го има во своите редови. Тој додаде дека процесот на селекција е транспарентен, што овозможува избор на најдобрите од најдобрите.На свеченоста присуствуваше и амбасадорот на Турција во Македонија, Шолендил, имајќи предвид дека овој дел од македонскиот контингент е распореден заедно со турските сили. Тој посочи дека Република Македонија заслужува да биде дел од НАТО алијансата. „Не радува што македонските војници веќе одреден период служат со турските сили во Авганистан“, рече амбасадорот.Воедно, со денешната церемонија официјално се одбележува и упатувањето на два штабни офицери во мисијата АЛТЕА, Босна и Херцеговина, во рамките на долгодишниот придонес на Македонија кон оваа мисија на Европската Унија./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.

