Македонија
Македонци заработуваат на Трамп и по 3.000 долари дневно

Американските избори коишто треба да се одржат на 8 ноември и борбата на социјалните мрежи меѓу републиканскиот кандидат Доналд Трамп и демократскиот кандидат Хилари Клинтон им донесла голема заработка на голем број Македонци кои отвориле интернет портали за Доналд Трамп.
Американскиот портал Bazfid пишува, а српски „Блиц пренесува дека македонскиот град Велес, со 45.000 жители, станал вистински дигитален златен рудник откако голем број жители отвориле речиси 140 веб страници чии содржини се занимаваат со американската политика.
Имињата на порталите звучат „американски“ и може да се најдат портали под името WorldPoliticus.com, TrumpVision365.com, DonaldTrumnews.com, USADailyPolitics.com и слично. Секојдневно произведуваат вести кои агресивно го поддржуваат Доналд Трамп, чијашто целна група се конзервативните гласачи во САД.
Младите Македонци кои управуваат со овие портали не ги интересира многу Трамп, туку заработката за којашто најмногу придонесува социјалната мрежа Facebook. Стратегијата е едноставна, пишуваат текст со бомбастичен наслов, не мора да биде вистинит, и го објавуваат на социјалните мрежи. Што поупадлив наслов, тоа текстот е позабележителен, споделуван, коментиран, а со самото тоа на нивните сметки се сливаат повеќе пари.
Овие портали, благодарени на своите бомбастични информации отвораат огромна прилика за заработка.
Колку повеќе еден текст има кликови, има повеќе понуди за рекламирање, а тоа значи поголема заработка. Клучно за работа порталот е да добие дозвола од програмата на Google AdSense за поставување на огласи на нивната страница. Кога ќе се случи тоа, парите почнуваат да стигнуваат.
Страниците имаат и свои Facebook страници, на коишто ги следат илјадници луѓе.
Bazfid не е единствен медиум кои ги забележал овие како што ги нарекуваат мали интернет војници од Македонија.
Британски The Gardian во август идентификувал 150 политички портали од Македонија кои се однесуваат исклучиво на американската политика и предизборната кампања. Оние кои се согласиле да зборуваат за медиумите, под услов да останат анонимни, не кријат дека единствената причина за тоа е заработката.
„Го основав порталот бидејќи тоа ми беше прилика за лесна заработка. Економијата во Македонија е доста слаба, па мораме да пронаоѓаме креативни начини да заработиме пари. Јас сум музичар, но ми требаат и квалитетни инструменти. Додека не заработма пари да ги купам, ќе се занимавам со ова“, изјавил седумнаесетгодишен тинејџер од Велес за Bazfid.
Во еден момент се појавиле текстови и за Берни Сандерс, но тие не поминале добро на Facebook.
„Едноставно луѓето во Америка повеќе сакаат да читаат за Трамп“, вели еден шеснаесетгодишник којшто го води сајтот BVANews.com.
Повеќето приказни се измислени.
Студент од Велес признава дека поголем број информации се лажни, измислени и лоши. „Но пресметката е следна, ако насловите ги наведат луѓето да кликнат на веста, тогаш сето останато не е важно“, изјавил студентот.
Најуспешниот пост на Facebook од македонските портали кои го поддржуваат Трамп е базиран на приказна од лажен американски портал. Насловот на текстот објавен на ConservativeState.com, гласел: „Хилари Клинтон 2013 година: Би сакала да видам повеќе луѓе како Доналд Трамп како кандидати за претседател, тој е поштен и непоткуплив“.
Оваа објава за само една недела собрала 480.000 споделувања, реакции и коментари на Фејсбук. На пример, ексклузивата на угледниот The New York Times којашто откри дека Доналд Трамп во 1995 година објавил загуба од 916 милиони долари, собрала дури 175.000 фејсубук реакции за еден месец.
Приказната за лажната изјава на Хилари Клинтон протекла на порталот TheRightists.com, којшто призна дека целиот текст е измислен Клинтон во 2013 година изјавила дека би сакала во политиката да гледа повеќе деловни луѓе, но во ниеден момент не го споменала Трамп.
Четири од пет најчитани текстови од македонските портали се лажни и се покажале како неточни. Тие лажни вести на Фејсбук имале повеќе од милион споделувања, реакции и коментaри, генерирајќи огромен проток на корисници и воедно донеле голем паричен приход на сопствениците на сајтови коишто ги објавиле.
Кога многумина сфатиле дека на овој начин можат лесно да заработат огромни пари, пазарот станал претрупан со слични сајтови. Заработката опаднала. Освен за оние сајтови кои успеале да изградат своја публика на Facebook. Тинејџерот кој го води BVANews вели дека има околу милион посети месечно, но одбил да каже колку заработува.
Другите не биле толку таинствени и откриле дека во просек секој месец инкасираат по околу 5.000 долари, но велат дека цифрата била и поголема ако веста стане хит на Facebook, а тогаш заработувале по 3.000 долари дневно.
Многу од сопствениците на овие сајтови веќе почнале да го прошируваат бизнисот и се преориентирале на портали за здрава храна. Комбинацијата меѓу Трамп и Facebook им донела добра заработка, а парите ги вложиле во покренување страници со друга тематика, користејќи го истиот принцип. Тие велат дека освен што добиле солидна заработка со овој бизнис се чувствуваат горди, бидејќи една мала земја од Балканот успеала да извлече пари од Facebook, Google и Американците. Страниците ќе продолжат да се одржуваат само ако победи Трамп.
„Од се срце навиваме за него! Мора од нешто да се живее!, порачувaат студентите. /крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицкоски: Предупредував дека ќе има промена на учебниците по историја, СДСМ работи под диктат на Бугарија

Не е ова од комисијата денес, тоа е од претходните состаноци колку што јас знам и предупредував дека ние, наместо да зборуваме за 21 век, за 22 век, за иднината, ние ќе зборуваме за средниот век, како што впрочем видовте, и денеска се зборува за цар Самуил, за Климент, се зборува за Наум, Кирил и Методиј и се зборуваат неточни работи. И, практично, ние сега треба да ги менуваме, односно да им ги цензурираме учебниците на децата што ќе учат во училиштата под диктат и под притисок на Бугарија, изјави Христијан Мицкоски за денешната препорака на заедничката комисија.
Претседателот Мицкоски потенцира додека трае диктатот од бугарска страна, Македонија бележи дебакл на сите полиња потенцирајќи ја најновата шангајска ранг-листа, каде што од 2.000 универзитети во светот, Македонија воопшто ја нема.
Сега би сакал да ги видам сите овие фини господа овде во Европа и кои нѐ убедуваа дека нема да зборуваме за минатото, да нѐ погледнат в очи нас Македонците и да ни кажат дека не зборуваме за минатото, туку зборуваме за вештачка интелигенција, зборуваме за почист воздух, за почиста вода за пиење во Тетово, за канализација во Арачиново, зборуваме за асфалтирани патишта, зборуваме за завршен автопат, кој ќе ги поврзе Кичево и Охрид итн. Уште поголем срам е што кога зборуваме за средновековието, ни излезе новата квалификација на шангајската ранг-листа, па меѓу 2.000 универзитети во светот, нема ниту еден од Македонија. Тоа е уште поголем дебакл за овој режим предводен од ДУИ и СДСМ. И овој срам и овој диктат ќе продолжува и понатаму, така што темата е политичка и јас на сето ова континуирано предупредувам. Но, очигледно дека крајот доаѓа и за сето ова ќе има одговорност, еве јас ви ветувам, дециден е Мицкоски.
Македонија
Мицкоски до Ковачевски: Уставните измени ставете ги на седница следната недела, ајде на избори и соочување со народот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од Тетово им понуди на Владата на СДСМ и на Димитар Ковачевски на следната седница на Собранието веднаш да се стави на дневен ред предлогот за уставните измени додавајќи дека доколку власта собере 80 пратеници, тогаш тој ќе го исполни ветувањето и трајно ќе замине од политиката, а доколку не, тогаш Ковачевски да прифати предвремени парламентарни избори.
Верувам во секој еден пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на парламентот дека под овие околности нема да гласа за промена на Уставот и дека доколку се случи такво нешто, ќе заминам трајно од политиката затоа што има полна доверба во сите нив, потенцира тој.
Еве, денеска, ќе одам и чекор понапред овде во Тетово, порака до Владата предводена од СДСМ и ДУИ, до Димитар Ковачевски, веднаш откога парламентот, односно парламентарците, ќе се вртат од годишните одмори, првата точка на првата седница во парламентот да биде предлог за измена на Уставот на Македонија. И доколку тој собере 80 пратеника, јас следниот ден ќе го исполнам даденото ветување. Доколку тој нема 80 пратеника, да одиме на предвремени парламентарни избори. Еве чесна и фер понуда, порача Мицкоски.
Македонија
Почина професорот Димитар Бајалџиев

На 14.8.2022 година почина проф. д-р Димитар Бајалџиев, долгогодишен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Со неговата смрт загубивме драг и почитуван колега, доајен од областа на вовед во правото и автор на многубројни научни и стручни трудови, успешен интелектуалец, извонреден предавач, одличен педагог, посветен наставник и особено ценет пријател.
Проф. д-р Димитар Бајалџиев беше и поранешен министер за образование и наука, поранешен декан на Факултетот и член на деканатската управа.
Посмртните останки на проф. д-р Димитар Бајалџиев ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта во Бутел на 16.8.2022 година (вторник) од 13 до 14 часот.