Македонија
Meџити: Мајка Тереза е една од најсветлите личности на човештвото
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, заедно со делегации од Владата, Собранието и општините положи венец со свежо цвеќе на спомен-плочата во центарот на Скопје, посветена на албанската нобеловка Гонџе Бојаџиу – Мајка Тереза, по повод 115-годишнината од нејзиното раѓање.
По церемонијата, Меџити изјави дека на 115-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза – Гонџе Бојаџиу, родена во Скопје, се сеќаваме на една од најсветлите фигури на човештвото – мисионерката на љубовта и добитничка на Нобеловата награда за мир.
„Таа нѐ научи дека величината не се мери со функции и моќ, туку со служење, посветеност и љубов кон другиот. Нејзината порака останува водилка за нашата политика и општество, да работиме за мир, правда и солидарност, без да заборавиме никого. Мајка Тереза ни остави света порака дека љубовта се мери преку делата што ги правиме“, изјави Меџити.
Тој вети дека се гради иднина во која Скопје повторно ќе биде препознаено во светски рамки како центар на висока култура, развиено образование, наука и технологија, со перспектива за младите и хуманизам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Приведени две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“
Приведени се две лица од раководството на Комунална хигиена, соопштија од Основното јавно обвинителство.
Како што додаваат од таму, лицата се приведени во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик, или како што појаснуваат, станува збор за загрозување на животната средина и природата со отпад.
„Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик“, соопштија од обвинителството.
Дел од медиумите пренесоа дека е приведен директорот на „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми кој е кадар на ДУИ.
Македонија
Алиу: Континуирано ја унапредуваме јавната здравствена инфраструктура, обезбедена хипербарна комора во ГОБ „8 Септември“
Министерот за здравство Азир Алиу и заменик-министерот Јовица Андовски заедно со премиерот Христијан Мицкоски денес ја посетија ГОБ „8 Септември“, каде што беше направен увид на новата хипербарна комора. Опремата е обезбедена со поддршка од компанијата „Зегин“ во рамките на заеднички проект со болницата.
„Хипербарната кислородна терапија им помага на пациентите со хронични рани и рани што тешко заздравуваат, како што се дијабетично стапало, изгореници, состојби со нарушена микроциркулација и други индикации што ги третираат повеќе медицински специјалности. Упатувам искрена благодарност до компанијата за нејзината општествената одговорност, како и до менаџментот и медицинскиот персонал на болницата за професионалната подготовка и интеграција на комората во системот на болничкото работење“, истакна министерот Алиу при посетата.
Комората е поставена во одделот за физикална терапија и рехабилитација, а ќе им биде на располагање и на одделите за пластична хирургија, дерматологија и на други болнички оддели во согласност со потребите и медицинските индикации.
„Ова е пример како со партнерства можеме да ја унапредиме јавната здравствена инфраструктура од аспект на модерна опрема, која ќе го зголеми квалитетот на услугите што ги добиваат пациентите. На овој начин директно влијаеме врз исходите на лекувањето, ги намалуваме ризикот од компликации, престојот во болница и трошоците, а на пациентите им даваме поголема шанса за побрзо и поквалитетно оздравување“, посочи Алиу.
Македонија
Локацијата на ГОБ „8 Септември“ на Мицкоски му изгледа како одлична за нов клинички центар: Има три булевари, гасна поврзаност, но да оставиме експертите да кажат
Премиерот Христијан Мицкоски чека да завршат локалните избори за да распише повик за финансиски институции што ќе понудат кредити за болниците во Штип, Тетово и во Кичево, а веднаш потоа како следен чекор најави дека со партнерите од Обединетото Кралство ќе работат на нов клинички центар во Скопје. Локацијата на Градската општа болница „8 Септември“, според премиерот, е одлична за нов клинички центар.
„Чекор по чекор. Сега првин да завршат локалните избори, па да се распише јавен повик за финансиски институции за болниците, кои се поврзани со договорот влада со влада со Обединетото Кралство. Да заживее тоа, па следно е големиот клинички центар. Инаку, навистина овде изгледа како одлична можност, одлична локација – три булевари, гасна поврзаност, сообраќајна поврзаност, така што ајде да видиме, да оставиме експертите да си го кажат своето мислење“, рече премиерот Мицкоски денес одговарајќи на новинарски прашања по посетата на болницата „8 Септември“, во која почна да функционира хибербарната комора за третман на хронични рани, дијабетично стапало, изгореници, како и поддршка за пациенти од пластична хирургија, пулмологија, а ќе функционира и како поддршка за спортисти.
Премиерот Мицкоски ги повика експертите и Министерството за здравство да направат анализи за новиот клинички центар во Скопје за потоа Владата да изеле со конкретен став.

