Македонија
Министерот Спасов на регионална тркалезна маса во Софија
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов во вторник учествува на Петтата регионална тркалезна маса „Социјалниот дијалог во Југоисточна Европа“, што се одржува во Софија, Бугарија.
Целта на тркалезната маса е продолжување на традицијата на претходните тркалезни маси за дискутирање на реформите во трудовото законодавство и развојот на социјалниот дијалог во земјите на Југоисточна Европа. На тркалезната маса покрај министрите свое учество најавија и претставници на синдикатите и организациите на работодавачи во регионот со цел истите да ги презентираат нивните ставови на оваа тема.
Во рамките на дискусијата посветена на “Реформите во трудовото законодавство во земјите на Југоисточна Европа – направени и планирани измени и дополнувања”, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов имаше своја презентација на тема “Социјалниот дијалог во Република Македонија”.
Присутните се запознаа со начинот на функционирањето на Економско социјалниот совет како тело кое е надлежно за развојот на социјалниот дијалог во државава, при тоа информирајќи дека станува збор за трипартитно тело составено од членови на владата, на репрезентативните синдикати и репрезентативните работодавачи на Македонија.
Спасов потенцираше дека најмалку еднаш на секои два месеци ова тело се состанува и разговара за законите, стратегиите и акциските планови поврзани со сферата на работните односи и пазарот на труд. Па така во 2014 година некои од прашањата на агендата на ЕСС беа значајни законски измени како што се измените и дополнувањата на Законот за работни односи, измените и дополнувањата на Законот за мирно решавање на работните спорови, на Законот за безбедност и здравје при работа, на Законот за минимална плата во Република Македонија и други.
Како особено значаен во рамките на подигнување на капацитетите на социјалниот дијалог Спасов го посочи Проектот за социјален дијалог имплементиран од страна на Меѓународната организација на трудот којшто опфаќа 3 компоненти: Зајакнување на капацитетите на националниот економско-социјален совет и локалните економско-социјални совети, Колективно договарање и Систем за мирно решавање на работни спорови има за цел да се зајакнат капацитетите на креаторите на политики, како и на телата за спроведување на законите, да му помогне на Министерството за труд и социјална политика во преземањето на потребните правни и институционални мерки коишто ќе го овозможат воспоставувањето на економичен и функционален механизам за мирно решавање на работни спорови; да се креираат специјализирани корпуси на помирувачи и арбитри за работни спорови, како и да се развие база на податоци за управување со спорови и сет на индикатори на реализација.
Посетата на Република Бугарија беше заокружена со потпишување на Меморандум за соработка на полето на трудовото право, пазарот на труд и борбата против непријавената работа помеѓу Министерството за за труд и социјална политика на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика на Република Бугарија, со кој се потврди заедничкиот интерес за зајакнување на билатералната соработка меѓу двете земји,со желба за проширување и зголемување на соработката на полето на трудовото право, пазарот на труд и борбата против непријавената работа согласно со постојните закони и регулативи во двете земји. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Не е точно дека со ДУИ подготвуваме сценарио за бојкот на вториот круг на претседателските избори“, кажа Ковачевски
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски кажа дека не е точно дека подготвуваат со ДУИ сценарио за бојкот на вториот круг на претседателските избори на 8 мај.
„Тоа не е точно, јас вчера имав многу јасна порака на митинзите во Сарај и Чучер Сандево. Ги повикувам сите гласачи масовно да излезат на 8 мај и да ги поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата За европска иднина на парламентарните избори. Да избереме и претседател и парламентарен состав, Македонија да продолжи на својот пат на европските инетеграции“, рече Ковачесвки.
Тој кажа дека никој не ги има гласачите под своја контрола за да ги наведува како да гласаат.
„Ја примивме пораката во првиот круг за сите грешки кои ги направивме минатите седум години. Очекуваме да ја добиеме поддршката во вториот круг. Нормално е дека нашето членство го повикавме на изборите. Свесни сме дека граѓаните испратија јасна порака до СДСМ, дека граѓаните укажаа на грешките. Работевме во услови на голема пандемија, енергетска и економска криза предизвикани од војната во Украина. Свесен сум за нивото на инфлација и цените. Се обидовме да ги зголемиме и платите и пензиите секој да се справи на најдобар начин со оваа криза. Знам дека тоа не беше доволно, знам дека треба повеќе. Во новата програма имаме и зголемување на платите и на пензиите и секако многу јасни мерки во однос на владеење на правото и борбата против корупцијата“, кажа Ковачевски.
Тој очекува во вториот круг поддршка од сите граѓани во Македонија.
Ковачевски кажа дека Пендаровски е граѓански кандидат и ја бара поддршката од граѓаните, а не од претседателските кандидат коишто не се пласирале во вториот круг.
„Имаме разговори со политичките партии на различни нивоа и ги повикувам сите да имаме масовна излезност на 8 мај. Да избереме претседател на државата со којшто ќе имаме сигурна европска иднина и да избереме парламент што ќе носи храбри одлуки за државата, за да го дадеме на граѓаните она што го заслужуваат и очекуваат“, рече лидерот на СДСМ.
Тој додаде дека со крената глава продолжуваат во вториот круг и знае од што се незадоволни граѓните.
Македонија
(Видео) Стојаноска: Време е да се обединиме сите околу тоа повеќе да не функционираме како до сега
„Во текот на вчерашниот ден направивме анализа од резултатите од првиот изборен ден на претседателските избори и истото покажува дека голем број на нашите сограѓани Албанци, Турци, Роми и Бошњаци го имаат дадено својот глас за нашиот претседателски кандидат Гордана Силјановска Давкова“, рече Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6.
„Во име на тоа, од срце им се заблагодарувам на сите мои сограѓани и ги повикувам истото да го направат да го направат и во вториот круг имено ВМРО-ДПМНЕ подава рака кон сите, време е, момент е да се обединиме сите околу тоа повеќе да не функционираме како до сега, туку да вложиме да инвестираме во вистинска слобода, вистинска благосостојба и вистински соживот особено за нас особено во шестата изборна единица. Време е заедно да се спротивставиме на криминалот и Македонија да ја направиме своја и горда“, изјави Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6.
Македонија
„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма
Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април.
Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17 април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.
ПР