Македонија
Министерската Арсовска-Томовска со отворено писмо до ОБСЕ
Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска денеска, преку отворено писмо, ја информира Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР дека јавниот сектор во овој, како што наведува, специфичен политички момент, е предмет на систематска и оркестрирана злоупотреба од страна на политичари, носители на јавни функции, новинари и експерти.
Арсовска Томовска во писмото нагласува дека целосно ги поддржува активностите насочени кон спречување на какви било изборни нерегуларности, но најостро е против злоупотребата на вработените во јавниот сектор за политички маркетинг. Воедно повикува на политичка сериозност и зрелост на сите вклучени во изборниот процес, а од ОБСЕ/ОДИХР бара објективно следење на целата состојба, како и објективно известување за изборниот процес, единствено врз основа на, како што вели, докази и факти.
„Во изминатиов период вработените во јавниот сектор се предмет на систематска и оркестрирана политичка злоупотреба од страна на политичари, носители на јавни функции, новинари и експерти. Преку дел од медиумите се врши политичко етикетирање на вработените, тие се нарекувани со погрдни зборови, „крлежи“, „штетници“, „корумпирана стока“, а институциите „штали“. Истовремено, претходно дадените изјави за бркање од работа „од хигиеничар до министер” се прави обид да се неутрализираат со новата изборна платформа на опозицијата гордо дадени ветувања дека никој нема да биде избркан од работа, како тоа да е највисок политички дострел“, посочува министерката во писмото.
Според неа, ова говори за фактот дека на вработените се гледа само како на „број на гласачи”, при што целосно се деградира и руши нивниот углед и достоинство, како нивната егзистенција да треба да зависи од нечија политичка милост, а не од оцената за квалитетот и од нивната работа.
Опозицијата, додава Арсовска Томовска, континуирано обвинува за мешање на партијата со државата, а нивните претставници во институциите ги користат институционалните ресурси за партиски активности.
„Во простории на државни институции се држат пресконференции на кои се промовираат партиски политики. Со партиски ресурси или од партиски спонзори се финансираат постери, летоци и веб страници на кои се става државен потпис и со кој се повикува на авторитетот на државни институции, постојано се надминуваат законските надлежности и овластувања и се припишуваат туѓи надлежности. Ова е во целосна спротивност со целта која требаше да се постигне со влезот на опозицијата во институциите, зашто наместо за организација на изборите, опозицијата ги користи институциите за нивно рушење одвнатре, а истовремено и за сопствена промоција“, вели министерката.
Од друга страна, стои во писмото, опозицијата посветено работи на создавање перцепција за постоење политички притисоци на вработените во јавниот сектор од страна на партијата на власт.
„Секојдневното држење пресконференции на кои постојано се повикува да се пријават притисоци се заканува со кривични пријави, посетите на јавни институции и делењето на летоци и плакати за пријава на притисоци (кои не се одобрени ниту финансирани од јавни средства и чија содржина ги надминува законските надлежности на функциите кои ги извршуваат), неовластеното прибирање пријави (кои содржат лични податоци на граѓани, на приватна веб страница регистрирана на домашна адреса на опозициски функционер), како и јавно изнесените шпекулации за ослободување од работа на вработени во јавните институции заради нивно присуство на партиски настани (за кои нема докази ниту информации дека е поведена постапка), веќе создадоа перцепција во јавноста дека во јавниот сектор се вршат масовни притисоци“, додава таа.
Додека вели „држете го крадецот”, опозицијата, укажува министерката, во општините со кои раководи, во работно време ги користи вработените за снимање партиски спотови и за делење летоци за отворање партиски штабови, за што постојат сериозни индиции.
„Ваквата перцепција во јавноста дека во јавниот сектор се вршат масовни притисоци дополнително ја зајакнуваат невладините организации кои изнесуваат тврдења, но никогаш не доставуваат докази, ниту поведуваат соодветни постапки до надлежните органи за да се расчистат овие тврдења, што остава простор за злоупотреба на оваа тема. Она што исто така е зачудувачко е што невладините организации никогаш не ги забележуваат и јавно не ги изнесуваат случаите на партиски злоупотреби од опозицијата, дури и кога тие се евидентни, забележани од медиумите и документирани“, забележува Арсовска Томовска.
Факт е, вели, дека на две недели до завршување на изборната кампања и одржување на изборите, ниту една од институциите кои се надлежни за процесирање случаи за изборни притисоци и изборни нерегуларности (Јавното обвинителство и Државната изборна комисија), нема официјално информирано за пријавен случај на изборен притисок, уцена, или закана.
Тоа не ја исклучува можноста во следниот период да се пријават изолирани случаи, за кои доколку ги има, треба веднаш да бидат процесуирани, што е од исклучителна важност за задоволување на правдата и одржување на кредибилноста на самиот процес.
„Евтиниот политички маркетинг и создавањето перцепција за изборни притисоци можеби некому денес ќе му донесе ситни политички поени, но утре може да го наруши кредибилитетот на изборниот процес и со тоа да нанесе огромна штета на државата“, вели Арсовска-Томовска во писмото до ОБСЕ/ОДИХР./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

