Македонија
Министрите за спроведување на изборите заминуваат од функциите

Државната изборна комисија, во среда треба да ги прогласи изборите за завршени, а министрите кои стапија на функција согласно Пржинскиот договор се повлекуваат.
По објавувањето на конечните резултати од предвремените парламентарни избори, во 14 часот овластените партиски претставници ќе ги подигнат уверенијата за освоените пратенички мандати.
Министрите од СДСМ, согласно Пржинскиот договор, за внатрешни работи Оливер Спасовски и за труд и социјална работа Фросина Ташевска – Ременски ќе бидат разрешени од функциите, како и дополнителните заменик-министри во министерствата за информатичко општество, земјоделство и финансии. Од местото дополнителни заменици-министри си заминуваат и Диме Спасов од министерството за труд и социјална политика и Оливер Андоновски од Министерствотот за внатршени работи.
ДИК, до Собранието ќе го испрати и извештајот од изборите по што спикерот Трајко Вељаноски најдоцна до сабота на полноќ треба да ја свика конститутивната седница. На оваа седница не се очекува да биде избран претседател на Собранието и Владата бидејќи партиите што освоија пратенички мандати се уште немаат договор за формирање на влада. Тоа значи дека додека да се договори ова прашање со собранието ќе раководи Бранко Манојловски од ДУИ, како најстар пратеник.
На местото на Спасовски, во МВР ќе дојде заменикот Агим Нухиу од ДУИ. Од Министерството за труд и социјала освен Ташевска – Ременски ќе си замине и Диме Спасов, а министерството ќе го води заменикот Ибрахим Ибрахими од партијата на Амди Бајрам.
Откако Собранието ќе се конституира, претседателот на државата е должен, во рок од 10 дена, мандатот за состав на новата влада да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена до Собранието поднесува програма и го предлага составот на Владата. Потоа, Собранието ја избира Владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
На овие избори ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, СДСМ – 49 мандати, ДУИ – 10, движењето Беса – 5, Алијанса на Албанците – 3 и ДПА – 2 мандати./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изет Меџити заложник на индустријата за игри на среќа, да ја запре еколошката катастрофа на Кожув, бара АА

Неприфатливото однесување на министерот за екологија, Изет Меџити, укажува на политичка и финансиска заробеност, што го прави заложник на индустријата за игри на среќа и го спречува да преземе неопходни мерки за заштита на животната средина. Упатуваме јасен повик до Меџити и надлежните институции итно да преземат конкретни чекори за запирање на еколошката катастрофа на Кожув, повика Алијанса за Албанците.
„Алијансата за Албанците најостро го осудува невиденото уништување на животната средина што се случува на планината Кожув, каде компанијата во сопственост на Ѓоко Стерјоски – сопственик на мрежата на казина и обложувалници „Спортлајф“ – уништува илјадници квадратни метри шума за тесни бизнис интереси, притоа загрозувајќи ја биодиверзитетот и сериозно ризикувајќи го еко-системот и квалитетот на живот во целиот регион“, велат од АА.
Ова не е само прашање на животна средина, додаваат од партијата, туку и национално и социјално правно прашање.
„Кожув не е приватна сопственост за бизнис интереси – тој е заедничко богатство на граѓаните и мора да се заштити од секоја закана. Алијансата за Албанците ќе продолжи одговорно и целосно ангажирано да ја следи оваа тема и ќе бара одговорност од секој службеник што ги штети интересите на граѓаните и животната средина. Во следните денови ќе објавиме нови факти за поврзаноста на претставниците на коалицијата ВЛЕН со бизнисите на казина“, велат од АА.
Македонија
Арсовска до амбасадорката Агелер: „Не ви е малку незгодно во листата на ВИП гости што ви беа лица кои треба да ви се на црна листа на санкции“

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска преку социјалните мрежи упати прашање до американската амбасадорка Анџела Агелер.
„Добро утро Амбасадорке Агелер, среќен нека е денот на независноста на САД.
Само да прашам, не ви е малку незгодно во листата на ВИП гости вчера што ви беа лица кои треба да ви се на црна листа на санкции.
Овие двајцава незгодно насмеани на фотографијава, за кои имаат институциите цврсти докази за криминал во најмалку 152 случаи и за кои се спроведуваат сериозни истраги во моментов, наместо да ви се на црна листа на санкции на САД насочени против поединци и бизниси вклучени во корупција и нарушување на човековите права, ви беа во прв ред во Амбасада вчера.
На листа на санкции со децении се наоѓаат лица ПОРАДИ НАВОДИ за корупција и поткопување на демократските процеси, меѓу нив се наоѓаат политичари, поранешни премиери и министри, градоначалници, судии, а САД ги санкционираат таквите поединци како дел од напорите за промовирање одговорност и борба против корупцијата во регионот на Западен Балкан“, напиша Арсовска.
Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)