Македонија
МО: Факти кои не може да се извртат за евтини политички поени
Во однос на обвинувањата на Социјалдемократскиот сојуз, Министерството за одбрана (МО) на Република Македонија го истакнува дека фактите кои никој не може да ги изврти во своја позла и за добивање политички поени, колку и да се обидува.
Истакнуваме дека минималната плата почетник – професионален војник е 19.000, а во зависност од единицата на која припаѓа таа може да достигне над 33.000 денари. Тоа е далеку над невистинитата сума пласирана од СДСМ.
Во однос на исплатата на надоместоците, фактите говорат дека истите за месецот кој го посочуваат, април, се целосно реализирани. Воедно, сакаме да нагласиме дека надоместокот за припадниците на Армијата ангажирани на јужната граница се зголеми за цели 30 отсто.
Министерството за одбрана функционира без никакви пречки ниту проблеми со средствата кои се одредени за одбраната. Истото се постигнува со добро планирање на расположливите средства и со домаќинско и ефикасно трошење на делот од буџетот наменет за одбраната, нешто што е незамисливо за Социјалдемократскиот сојуз.
Воедно Министерството за одбрана реновира објект на јужната граница во кој се создадени мошне добри услови за функционирање на АРМ.
Во поглед на модернизацијата, Владата на Република Македонија предвиде и одобри средства во висина од 300 милиони евра за период од 12 години. Потсетуваме дека СДСМ во Собранието гласаше против ослободувањето од ДДВ и царина за увозот на опрема за Армијата, со што всушност ги намали средствата за модернизација.
Како што во повеќе наврати е истакнато Владата и Министерството за одбрана обезбедија значајни средства за модернизирање на АРМ.
Во моментов два хеликоптери од воздухопловните сили веќе се во фаза на ремонтирање, а согласно плановите уште четири ќе се бидат упатени на ремонт до крајот на оваа година. Процесот на аквизиција на опремата е започнат. Станува збор за специјални средства кои не можат да се набават во локалниот супермаркет и за кои е потребно време да се произведат. Процесот на модернизација е започнат и истиот ќе се реализира, без оглед на невистините кои ги шири СДСМ.
За Проектот „АРМ – мој вистински дом“ ја известуваме јавноста дека обвинувањата што беа искажани денес се апсолутно невистинити. Имено, до крајот на месецов, поточно на 27 јули ќе има јавно отворање на понудите за избор на изведувач на првата зграда од проектот. По ова веднаш ќе се закаже електронска аукција за избор на најповолниот понудувач. Очекуваме во текот на месец септември да започне изградбата, односно да се стави камел темелникот. Досега веќе е направен избор на банка преку која ќе се кредитираат припадниците на АРМ при купувањето на становите, а Министерството ќе ја плаќа каматата за истите. Истакнуваме дека до целосната реализација на овој проект, Министерството и Армијата исплаќаат надоместок за закупнина на стан за припадниците на АРМ.
Реализацијата на „АРМ – мој вистински дом“ и изградбата на овие станови за нас е обврска, тоа е нашиот даден збор пред припадниците на АРМ. За разлика од СДСМ ние ги остваруваме нашите ветувања./крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

