Македонија
Mozzart донира над 300.000 денари за Клиничката болница во Штип

Со цел да ги поддржи напорите на државата, докторите и здравствените работници кои деноноќно се борат против коронавирусот, компанијата Mozzart издвои 50.000 евра за помош на болниците низ целата држава. Во рамки на тој пакет, повеќе од 300.000 денари, односно 5.000 евра лидерот во областа на приредување на игри на среќа донираше на Клиничката болница во Штип.
Директорот на болницата во Штип, д-р Ален Георгијев изрази благодарност за донацијата, кој истакна дека во овие моменти ваквите донации се од особена важност.
„Огромна благодарност до компанијата Mozzart за оваа донација во висина од 5.000 евра. Истата ќе биде од голема помош и ќе биде употребена за поголема заштита на медицинскиот персонал во борбата со епидемијата со корона вирусот.“ – изјави д-р Ален Георгијев, медицински директор на Клиничка Болница Штип.
Досега, од Mozzart Bet помош добија здравствените установи во неколку градови: Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, Општата болница во Куманово, Општата болница во Дебар, Клиничката болница во Битола и Клиничката болница во Штип. Во следниот период ќе се реализираат уште две донации наменети за болниците во Македонија, директно во подрачјата кои се најмногу погодени од коронавирусот, со цел што поефикасно згрижување на заболените пациенти.
„Општествено-одговорниот пристап на компанијата Mozzart за време на пандемијата е само еден дел од низата хуманитарни акции кои се важен сегмент во нашето работење. Со оваа донација сакаме да го поддржиме здравствениот систем во овие кризни моменти, со средства наменети за македонските болници кои се распределуваат по приоритет, онаму каде што е најмногу потребно во првата борбена линија за справување со коронавирусот.“ – изјавија од менаџментот на Mozzart Bet.
Mozzart Bet изминатиов период донираше и повеќе од 100 телевизори наменети за неколку Домови за стари лица, Детски домови и болници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Буџетот на Чаир, Бујар би го потрошил за една недела, државниот ревизор му ги извади валканите алишта на виделина

Кандидатот за градоначалник на Чаир од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, денеска реагираше на начинот на кој поранешниот министер Бујар Османи ги менаџирал јавните пари, предупредувајќи дека злоупотребите и вештачки надуените цени во тендерите се директна опасност за секоја институција и за буџетот на граѓаните.
„Ако само замислиме дека со вакви цени, со вакви рекетирања, Бујар ќе ја косеше тревата во Чаир исто како во салата ‘Борис Трајковски’, тогаш е јасно дека буџетот на општината ќе се проголта за една недела. Со таков начин на лошо менаџирање, наставниците ќе останеа без плати, а граѓаните без основни услуги“, изјави Меџити.
Тој се повика на последниот извештај на Државниот завод за ревизија, кој како што оцени, констатирал сериозни злоупотреби при организацијата на дводневен самит, за кој биле потрошени околу два милиони евра државни пари.
„Овде не станува збор за мои зборови или политички обвинувања. Овде зборуваат фактите, документите и официјалните извештаи. А кога еден министер троши два милиони евра за дводневен самит, додека граѓаните се мачат со инфраструктура, образование и основни услови, тоа е непростливо“, нагласи Меџити.
Тој потсети и на времето кога Османи беше министер за здравство, споменувајќи дека во Гинеколошката болница во Чаир тогаш добил прекар „пациентот“ – што според него е симболичен показател за неуспешното раководење со институциите.
Меџити кој денес оствари посета на ОУ “Васил Главинов” порача дека Чаир заслужува транспарентно управување, реални инвестиции и грижа за граѓаните, а не злоупотреби и тендери со рекетирање.
„Граѓаните имаат право да знаат каде завршуваат нивните пари. Моја обврска како иден градоначалник е да ја вратам довербата и да го заштитам буџетот на Чаир од вакви злоупотреби“, заклучи тој.
Македонија
На Табановце се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути, додека на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Градот Скопје известуваат дека утре (петок), во раните утрински часови ќе се изврши авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин.
Се известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.