Македонија
МВР: Ги следиме информациите за џихадистите, доколку е потребно ќе реагираме
Македонското министерство за внатрешни работи ги следи сите информации и сознанија и доколку е потребно, подготвени сме да реагираме, изјави за Макфакс помошникот на Министерот за внатрешни работи за односи со јавност, Иво Котевски по информациите објавени во косовските медиуми дека џихадистите подготвуваат напади во Приштина и во Скопје.
Според информациите објавени на косовската агенција Lajm.net, блиски луѓе на лидерот на Албанците, кои се во Исламската држава, Лавдерим Мухаџери, дале наредби за терористички напади на џихадистите во Македонија и во Косово, и тоа во Скопје и во Приштина.Агенцијата обезбедила соопштение во кое се дава наредби на косовската полиција да преземе активности за да одговори на овие закани.Се наведува дека едно лице од Македонија, инаку познато на полицијата, кое во моментот е во Сирија и се наоѓа во воените зони на Сирија и на Ирак, контактирал со негови соработници, за во јуни да има напади во Македонија и во Косово. Со терористичките напади, се додава во информацијата, во Скопје и во Приштина треба да се создадат што поголеми материјални и човечки загуби.На 22-ри мај според вештачење на видео поставено на интернет страниците коишто ги користат џихадистите, медиумите објавија дека човекот со брада, кој со базука убива сириски заробеник, е косовскиот Албанец по име Лавдeрим Мухаџери, кој се наоѓа на потерница на Интерпол.Името на Лавдерим Мухаџери беше споменувано во светските медиуми уште во август минатата 2014 година, кога беше наведено дека Муџахери, кој стана познат откако на интернет објави фотографии на егзекуција со момченце во Сирија, бил сменет од местото командант на албанските борци кои се борат на страната на џихадистите. На негово место бил поставен извесен Ридван Хакифи.Според порталот Ummeta, близок на радикалните исламистички групи во БиХ и на Балканот, во редовите на џихадистите на Исламската држава во Ирак и во Сирија се борат неколку стотини доброволци од Балканот, вклучително и околу 150 Албанци.Пред неколку дена Министерот за внатрешни работи на Македонија, Митко Чавков изјави дека МВР има сознанија за можни напади на поединци или групи, како одмазда за акцијата во Куманово.„Постојат одредени сознанија и сомневања дека поединци или групи ќе посегнат кон напади на поединци или на објекти во знак на одмазда за реализацијата на акцијата во Куманово, но во исто време морам да кажам дека безбедносната состојба во Македонија е стабилна. Овие сознанија индицираат на можности од асиметрични закани од поединци или групи, така што зголемувањето на нивото на безбедност, односно подигањето на оперативно ниво на македонската полиција е токму во тој правец на превенирање на евентуални такви активности, но во исто време сме должни да посочиме на можноста од такви ризици“ изјави Чавков./крај/мф/ффс/мн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јелиќ и Кајмакоски се разделиле околу два по полноќ пред клубот кадешто настапиле, потоа пејачот бил киднапиран
Пејачот Даниел Кајмакоски синоќа беше киднапиран на улицата Караѓорѓева во Белград, а драмата се случила пред клубот во кој настапувал. Нешто малку пред киднапирањето, со него бил Алекса Јелиќ, кој сега се огласи за „Блиц“.
Како што раскажа, вечерта била вообичаена и тие двајцата се разделиле по настапот.
„Настапувавме, но немам никакви информации, освен она што и вие го имате. Важно е дека човекот е жив, здрав, дека е како што треба. Тоа е најважно, а останатото не можам да го коментирам“ рече Алекса Јелиќ, а на прашањето дали се слушнале, додаде: „Не, се разделивме синоќа меѓу еден и пол и два часот и оттогаш не успеавме да се слушнеме“ наведе тој за „Блиц“.
Претодно со официјален допис се огласи Mиланка Рашиќ, која е задолжена за односи со јавноста за Даниел Кајмакоски. Таа рече дека утрово разговарала со него по ноќта помината во полициска станица. Потврди дека пејачот бил киднапиран синоќа во близина на „Бетон хала“ во Белград и сега е дома, но потребен му е мир.
Според досегашните информации, киднаперите се движеле во правец кон Рума, кога сообраќајната полиција се обидела да го запре возилото. Во обид да избегаат, тие удриле во банкина, излегле од автомобилот и побегнале. Даниел бил пронајден врзан, а потоа поминал неколку часа во полициска станица, давајќи искази за настанот.
Српските медуими во текот на денот објавија и видео од полициската потера, а разговараа и за мајката на Кајмакоски, која изјави дека е во шок.
Македонија
(Видео) Договорено покачување на платите за околу 11.000 административци до 2028 година
Околу 11.000 вработени во јавната администрација, судовите и обвинителствата ќе добијат покачување на платите од речиси 40 отсто до 2028 година, објави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Станува збор за нов договор меѓу Владата и синдикатите УПОЗ и САДУ, за кој Мицкоски оцени дека претставува историски момент, бидејќи, како што рече, никогаш досега немало толку јасен и временски прецизиран план за усогласување на платите и нивно достоинствено ниво.
„Ова е поширок пакет кој ќе ги опфати вработените во администрацијата, судовите и обвинителствата – вкупно околу 11.000 луѓе. Договорот има рок до 2028 година и претставува целосна регулација на односите меѓу Владата и вработените во овие институции“, изјави Мицкоски.
Тој потсети дека Владата веќе има постигнато слични договори со вработените во образованието и здравството.
Мицкоски најави дека паралелно ќе се работи и на нов општ колективен договор, во соработка со репрезентативните синдикати ССМ и КСС.
Македонија
Нелегален објект на аеродромот Стенковец, Николоски соопшти дека ќе бара конфискација
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека ќе почне постапка за конфискација на нелегално изграден објект на спортскиот аеродром Стенковец во Скопје.
„Во координација со повеќе институции – Министерството за транспорт, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Државниот градежен инспекторат и Аероклубот на аеродромот Стенковец – ќе се започне постапка за конфискација на објектот кој е целосно нелегално изграден на државно земјиште“, објави Николоски на својот фејсбук профил.
Тој информира дека ќе биде побарано од Обвинителството и Судот објектот да се одземе во корист на државата, со намера да се стави во функција на Агенцијата за цивилно воздухопловство – за обука на пилоти и други потреби поврзани со воздухопловниот сектор.
Николоски нагласи дека Министерството за транспорт, како институција надлежна за објекти од прва категорија како аеродроми, болници, универзитети, спортски сали и стадиони, „сериозно пристапува кон решавање на проблемот со нелегално изградени објекти“.
„Ова е јасна порака дека нема да се толерира нелегална градба на места каде што Министерството и Државниот градежен инспекторат имаат надлежност“, заклучи вицепремиерот.

