Македонија
МВР го назначи Џелал Лата за нов началник на Пограничниот Регионален центар – запад

Министерството за внатрешни работи на Македонија за нов началник на Пограничниот Регионален центар – запад со седиште во Охрид, го назначи Џелал Лата, инспектор при Полициската станица во Дебар.
Западниот регионален центар врши контрола на границата од Стразимир, па сè до Ресен. Под негова надлежност е и Охридскиот аеродром.
Џелал Лата има повеќе годишен стаж во ОВР Дебар и притоа до сега ги има извршувано функциите и работните задачи како началник на ОВР Дебар, инспектор и други значајни функции. /крај/мн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Работниците од месецов очекуваат поголема минимална плата, Владата чека договор

Во март минималната плата треба да биде повисока за 1.800 денари, што значи дека платата би изнесувала нешто над 24 илјади денари. Синдикатите бараат зголемување на минималната плата од 30 илјади денари поради зголемените трошоци за живот. Предлог е Владата да ги субвенционирала придонесите од 3.000 до 6.000 денари во период од една година. Владата кажа дека ќе го почитува она што ќе го договорат работодавачите и синдикатите.
Минималната плата ја примаат повеќе од 20 илјади вработени, од кои најголемиот дел работат во мали и микро фирми. Работодавачите сметаат дека минималната плата може да оди и над 500 евра, доколку за тоа се обезбеди реална основа, односно доколку се зголеми продуктивноста.
Висината на минималната плата не може да биде пониска од 57 отсто од висината на просечно исплатената нето-плата во државата, велат синдикалистите.
Опозициската СДСМ вчера критикуваше дека Владата не се грижела за работниците и нивниот стандард. Најавуваат законска иницијатива за минималец од 500 евра.
„Ние во наредниот период ќе продолжиме со политики што се поддршка за животниот стандард на граѓаните, и ќе поднесеме законско решение за покачување на минималната плата на 500 евра“, велат од СДСМ.
Синдикални организации на Македонија вчера побараа од Владата и од Министерството за енергетика да преземеат мерки за да се реши проблемот со високите сметки за струја за кои се жалат граѓаните и побараа да се стави ред во читањето на броилата.
Се очекува овие дилеми да бидат решени на наредната седница на Економско-социјалниот совет.
Македонија
Денес променливо облачно со дожд, од утре сонце

Времето денеска ќе биде променливо облачно, наутро по одделни котлини со услови за појава на магла. Во текот на денот ќе има врнежи од дожд, наместа пообилни (до 15 l/m2). Во попладневните и ноќтите часови поради продор на постуден воздух од север на планините и на некои повисоки места претежно во северозападните делови врнежите ќе бидат од повремен снег. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 8, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, слично време со повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Синоптичарите, од утре најавуваат период на стабилно, претежно сончево време со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.
Македонија
Инспекторите влегоа во маркети, аптеки, тобако-трафики…, констатирани се неправилности

Пазарниот инспекторат констатира неправилности при контролите во маркетите кај трговците на мало, а може да има и казни со затворање маркети, изјави денеска во Прилеп заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.
„На теренот се 50-тина тимови на Пазарниот инспекторат. Се контролираат маркети, аптеки, тобако-трафики, секаде каде се продава на мало. Констатирани се повеќе неправилности. Има неправилности во однос на означување на намалените производи, при утврдувањето на маржите, на цените, во сметководствената евиденција… Наредната недела ќе има изрекување казни за најнедисциплинираните, а не е исклучено некои маркети да бидат и затворени, што е една од најновите мерки во Законот за трговија“, истакна Ристески.
Идната недела, Инспекторатот ќе ги контролира сите дистрибутери и поголемите увозници во земјава. Комисијата за заштита на конкуренцијата работи на прибирање докази за најавата на таканаречено „картелско здружување“.
„Комисијата за заштита на конкуренцијата стручно си ја извршува работата и доколку утврдат такво здружување, ќе има казни предвидени со Законот за заштита на потрошувачите“, рече Ристески.
Ристески очекува владините мерки да дадат резултати.
„Мерките и одлуките се донесени за да го заштитиме животниот стандард на граѓаните. Со мерките се опфатени 102 групи производи или околу1.200 производи. Трговците мора да се научат да бидат дисциплинирани, да ги почитуваат мерките наменети за граѓаните. Како Министерство за економија и труд и како државна Пазарна инспекција онаму каде ќе откриеме недоследности на одлуките со кои се повредени правата на граѓаните, ќе има ригорозни казни’, нагласи Ристески.