Македонија
МВР: Издадени лекарски уверенија на здрави лица, за да гласаат како болни и немоќни
Министерството за внатрешни работи известува дека постапува по пријава за незаконско издавање на лекарски уверенија на граѓани со цел тие наместо во недела на 11 декември, да гласаат во сабота на 10 ноември како болни и немоќни лица во домашни услови.
Имено, на 02.12.2016 година до Министерство за внатрешни работи e доставена пријава во која е наведено дека постои сомнение дека од страна на доктор М. И., вработена во ЈЗУ ,,Геронтолошки завод 13 Ноември” се издадени повеќе специјалистички извештаи за пациенти со невистинита содржина за нивната здравствена состојба (неподвижен) од што произлегува сомнение за сторено кривично дело Издавање и употреба на невистинито лекарско или ветеринарно уверение.
Од извршениот увид во доставената документација во прилог на пријавата е констатирано дека М.И. на ден 25.11.2016 година во временскиот период од 12.34 до 15.43 часот издала 15 специјалистички упати и 15 специјалистички-субспецијалистички извештаи, а на ден 28.11.2016 година во временскиот период од 11.11 до 11.38 издала 14 специјалистички упати и 14 специјалистички-субспецијалистички извештаи.
Извршени се проверки од страна на МВР во Државната изборна комисија на Република Македонија, при што е констатирано дека лицата наведени во Барањето до Општинска изборна комисија на Општина Ѓорче Петров, имаат доставено Известување со кое ја известуваат Општинската изборна комисија дека од здравствени причини не се во можност да го остварат своето избирачко право на избирачкото место на кое што треба да гласаат на престојните парламентарни избори во Република Македонија кои што ќе се одржат на 11.12.2016 година и воедно барат Општинската изборна комисија да им овозможи да гласаат во домашни услови. Во прилог на известувањето е доставена и медицинска документација, односно извештај на специјалистот-субспецијалистот од ЈЗУ” Геронтолошки завод 13 Ноември- Скопје”, заверен со факсимил и потпишан од страна на М.И.
МВР изврши службени разговори со директорот на ЈЗУ “Геронтолошки завод 13 Ноември”, со докторката М.И., како и со членовите на комисијата која ги посетувала подносителите на барањата во нивните домови и констатирала дека истите се “болни и неподвижни”, Ј.Ј, Л.Ј. и П.М., сите вработени во оваа институција како медицински лица.
По преземањето на повеќе оперативно-истражни мерки констатирано е дека дел од лицата на кои од ЈЗУ “Геронтолошки завод 13 Ноември – Скопје” им се издадени специјалистички извештаи со дијагноза ,,не се движи, односно тешко се движи” и истите од нивна страна се употребени во Државната изборна комисија, всушност се во добра здравствена состојба, а некои од нив редовно одат на работа.
Во текот на денешниот ден едно од овие лица, вработено во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје, е затекнато на работното место од страна на полициските службеници и е повикано на службен разговор во полициска станица. Во тек е проверка на останатите лица за кои се издадени вакви специјалистички извештаи.
По завршување на истрагата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци против сите инволвирани лица.
МВР постапува и по други пријави со слична и идентична содржина кои се однесуваат на други општини во Република Македонија и по завршувањето на истрагите јавноста ќе биде соодветно информирана./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

