Македонија
МВР: Повредени 23 полицајци и војници во нередите со мигрантите
Вкупно 23 службеници и тоа 14 полициски службеници и девет припадници на АРМ биле повредени во нередите што се случија во неделата на македонско – грчката граница кога група мигранти ги каменуваа македoнските безбедносни сили.
Во судирот оштетени се три возила на МВР и пет возила на АРМ, како и повеќе полициски штитови и друга опрема.Околу 1000 и 2000 лица, според официјалното соопштение од МВР, почнале со насилни протести на околу 100-200 метри деснo од граничниот камен 59, со извикување, фрлање на камења и разни предмети.Протестите следуваат откако претставници на мигрантите се сретнале со претставник на македонските гранични служби за да се уверат дека не се точни информациите дека границата е отворена и се интересирале кога ќе биде отворена границата.Во протестите полицијата и армијата употребила солзавец за да ги растераат мигрантите. По половина час мигрантите ја пробиле заштитната ограда и група од 20 до 30 мигранти се обиделе илегално да влезат на територијата на Македонија, но веднаш биле вратени на територијата на Грција. Друга група мигранти, пак, според проценките меѓу 500-1000 лица се обиделе да направат пробивање на оградата и лево од граничен камен 59, со каменување кон нашите безбедносни сили. Во 14.00 часот поголем дел од мигрантите се повлекле на околу 50-100 метри на грчка територија и состојбата делумно била ставена под контрола, со тоа што во тој период во функција беа ставени и водени топови.Во 14.45 часот е добиена информација дека мигрантите подготвувале Mолотови коктели за да ги фрлат кон нашите безбедносни сили, при што е издадена наредба безбедноста да се подигне на највисоко ниво. Сѐ до 18:00 часот група од околу стотина мигранти од грчка територија континуирано ги каменувала нашите служби. Половина час подоцна околу 18.30 часот состојбата се нормализирала, а сите групи на мигранти се повлекле во длабочина кон грчка територија./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

