Македонија
МЗ:Охрид успешно се справува со последиците од топлотниот бран
Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски имаше работна средба со менаџерските тимови на Општата болница, Здравствениот дом и Итната медицинска помош во Охрид, при што беше констатирано дека здравствените работници од овој регион успешно и навремено ги обезбедуваат потребните здравствени услуги за граѓаните во летниот период и се справуваат со последиците од топлотниот бран што деновиве ја зафати нашата држава, соопшти Министерството за здравство.
„Здравствените установи во Охрид и во услови на високи летни температури обезбедуваат брза и квалитетна здравствена заштита за граѓаните од овој регион, и зголемениот број домашни и странски туристи кои престојуваат во овој град. Итната медицинска помош функционира со 13 тимови на територијата на Охрид и околните населени места. За потребите на Итната медицинска помош се доделени и три нови возила опремени со: ЕКГ апарат, дефибрилатор, респиратор и друга медицинска опрема“, беше истакнато на денешната средба на заменик-министерот Андовски.
Тој ја нагласи добрата организациска поставеност на Општата болница, Здравствениот дом и службата за Итна медицинска помош во Охрид. На ова подрачје, здравствена услуга обезбедуваат и 35 матични лекари и генерално, станува збор за добра покриеност како на итната медицинска помош, така и на примарната здравствена заштита.
На средбата беше потенцирано дека за жителите на Охрид и околниот регион се обезбедуваат здравствени услуги во современ објект, опремен со најмодерна медицинска опрема, за која се вложени 1.5 милион евра. Новиот објект на охридската болница придонесе кон унапредување на квалитетот на здравствени услуги, а воедно се намали упатувањето на дел од пациентите кон клиниките. Инаку, во изминатиот период е извршена комплетна реконструкција и адаптација на болницата во вкупна вредност над 300 милиони денари, која ги опфати
хируршкото и гинеколошкото одделение.
Набавена е и нова медицинска опрема, како што се: нов апарат за компјутерска томографија, најсовремени ЕХО апарати, апарати за анестезија, гастро кабинети, биохемиски анализатор со капацитет од 100-200 анализи/час, класичен РТГ апарат, инкубатори за недоносени новороденчиња со пациент монитор, и друга опрема.
Заменик министерот Јовица Андовски, при посетата, информираше дека е во тек набавката на 6 нови мамографски системи, при што еден мамограф ќе биде поставен во општата болница во Охрид.
На средбата беа потенцирани и позитивните ефекти од проектот Рурален доктор, кој опфаќа 34 насени места од овој регион и преку овој проект на жителите во селата им се обезбедуваат основните лекарски прегледи, мерење шеќер и холестерол, а исто така им се препишуваат рецепти и им се издаваат упати. Со проектот Рурален доктор се опфатени следните населени места: Климештани, Мешеишта, Горенци, Волино, Требеништа, Лактиње, Годивје, Врбјани, Арбиново, Оздолени, Сошани, Оровник, Слатино Слатински Чифлик, Издеглавје, Издеглавје, Горно Лакочереј, Долно Лакочереј, Велестово, Подмоље, Сирула, Вапила, Орман, Ливо Љубаништа, Трпејца, Елшани, Коњско, Завој, Свињишта, Куратица, Опеница. На територијата на Охрид функционираат и две аптекарски станици, во с.Лескоец и с.Пештани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

