Македонија
Над 30 предмети што произлегуваат од „бомбите“ и се предадени на Јанева
Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформени се три предмети против функционери од власта кои произлегуваат од „бомбите“ коишто ги објавуваше опозицијата, а во Основното јавно обвинителство – Скопје се оформени 30 предмети кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите.
Сите овие предмети и се предадени на Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, која според договорот заедно со својот тим треба да ги работи. Од јавното обвинителство соопштуваат дека за дел од предметите веќе биле донесени јавно обвинителни одлуки.Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформени се три предмети што произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите. Првиот предмет е оформен по кривична пријава на СДСМ против директорот на управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков за примање поткуп, злоупотреба на службената положба и овластување.Вториот кривичен предмет е оформен по кривична пријава на СДСМ против премиерот Никола Груевски, Миле Јанакиески и други лица, меѓу кои и правни лица од Белизе и Лугано за злосторничко здружување, перење пари и за злоупотреба на служената положба. Третиот предмет е оформен по кривична пријава на СДСМ против Никола Груевски, Сашо Мијалков, началникот на УБК, Горан Груевски и други лица за злосторничко здружување, неовластено прислушување, злоупотреба на службената положба и овластување, Злосторство против човечноста.Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се заведени и се постапува по предмети што не произлегуваат од неовластеното следење на комуникациите, но беа спомнати во медиумите и јавноста, па од тие причини на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите му беа доставени податоци и за овие предмети.Во Основното јавно обвинителство – Скопје се оформени 30 предмети кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите.Таму е заведен предмет против Мијалков и Горан Груевски за неовластено прислушување и тонско снимање. За ова испитани се Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Тито Петковски, Оливер Спасовски, Стево Пендаровски, Сашо Мијалков, Горан Груевски, претставник на Министерството за внатрешни работи, три лица вработени во МВР-УБК-ООТПП, тројца професори од ФИНКИ – Скопје како технички советници, а во функција на утврдување на процедурата на примена на посебната истражна мерка – Следење на комуникации.„Исто така, надлежниот јавен обвинител изврши непосреден увид во службените простории каде што се спроведува оваа мерка, за што е сочинет записник од Министерството за внатрешни работи и службена белешка од страна на јавниот обвинител. Направени се обиди да се испита и Андреј Жерновски но, досега тој не е испитан. Имено, до истиот доставени се две покани за испитување на кои не се јави, ниту, пак, на кој било начин го извести јавното обвинителство за неговото нејавување на доставените покани. Адвокатот Филип Медарски, усно го известил јавниот обвинител кој постапува по пријавата дека тој ќе го обезбеди за да биде испитан, но и покрај тоа истиот досега не се јавил во Основното јавното обвинителство“, соопштуваат од Обвинителството./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

