Македонија
Над илјада луѓе во поворката за поддршка на болните од рак на дојка
Повеќе од илјада луѓе се собраа од цела Македонија, меѓу кои и многу жени кои што во моментов се борат или веќе се избориле со рак на дојка, во саботата со традиционалната ткн Розова прошетка и трка во Градскиот парк во Скопје им изразија поддршка на сите заболени од овој вид канцер.
Хуманитарната манифестација „Напред розово“ годинава беше организиран по осми пат, а сите собрани средства ќе бидат наменети за реализација на планираните активности на Здружението „Борка“ за различна помош на болните од овој вид канцер. Прошетката и трката се дел од манифестацијата „Напред розово 2016“, која традиционално се одржува по осми пат во организација на Здружението „Борка“ – За секој нов ден, со поддршка на амбасадата на САД во Македонија и компанијата „Пелистерка“. Годинава, во рамките на манифестацијата, за првпат се организираше и хуманитарна трка во Градскиот парк во должина од километар. Рекреативни тркачи, професионални атлетичари, мајки со бебиња во колички, мали девојчиња, повозрасни жени, но и членови на нивните семејства, беа дел од розовата трка која нема натпреварувачки карактер. По завршувањето на трката, сите учесници на манифестацијата облечени во розови маички заедно се упатија на симболична прошетка низ паркот преку која ја искажаа својата поддршка за оние што се борат со рак на дојка. Пред официјалниот стар на трката учесничките се загреваа со зумба, а забавата продолжи и по завршувањето на трката со диџеи и лотарија за сите учесници на манифестацијата. Притоа, голем дел од нив дома заминаа со награди кои ги обезбедија компании-поддржувачи на настанот: „Пелистерка“, винарија „Еземит“, „АВОН“, „ДМ маркети“, болницата „Филип Втори“, „Медикус хелп“, „Фармаген“, како и донација на книги од писателите Драган Танески и Ана Бунтеска. Претседателката на „Борка“ и на Алијансата на пациентски организации во Македонија, Биба Додева, пред стартот на прошетката истакна дека ракот е потенцијално излечива болест која што може да се победи исклучиво преку вложување во професионално и етичко работење. „Тоа подразбира навремена дијагноза, ефективно лекување и достапност до современ третман и терапии. И покрај сите заложби на граѓанскиот сектор, здравствените институции и Владата, состојбата во нашата земја е алармантна и ни укажува дека малигните заболувања мора да станат приоритет на здравствените власти преку интензивно градење на одржлива Национална стратегија за контрола на ракот со цел да се подобрат поразителните факти“, рече Додева. Сите собрани средства од регистрацијата за трката и прошетката ќе бидат наменети за реализација на планираните активности на Здружението „Борка“ во делот на психосоцијална помош и поддршка на заболените од рак на дојка, обезбедување перики за жените кои не можат да си дозволат да ги купат, посета на болните на Клиниката за онкологија, обезбедување секојдневна комуникација со психолог и едукација на населението од цела Македонија.
Маркетинг-директорката на компанијата „Пелистерка“, Тања Панделеска, истакна дека манифестацијата се организира со цел учесниците да им дадат поддршка на сите блиски луѓе кои се борат со рак на дојка. „Денеска се собравме за вистински да им покажеме дека сме тука за нив. И како индивидуи и во името на општествено одговорните компании. Истовремено, тука сме да ја рашириме свеста дека ракот на дојка не се случува само на другите, за нас непознати лица и имиња, туку сите ние и нашите најдраги, сме негова потенцијална мета. И затоа мора да се заштитиме. Ракот на дојка може да се третира и да се победи, благодарение на раното дијагностицирање“, рече Панделеска. Заменик-шефот на мисијата на амбасадата на САД во Македонија, Михаела Швајцер–Блум истакна дека амбасадата е горда што може да ја поддржи манифестацијата „Напред розово“. „Среќна сум што денеска гледам дека дојдоа толку многу луѓе за оваа важна цел. Ракот на дојка е една од водечките причини за смртност меѓу жените во САД и во Македонија. Настани како денешната прошетка се одлична можност за споделување информации, како што се важноста на самопрегледите и на раното откривање, што може да им помогне на луѓето да живеат подолг и поздрав живот“, порача Швајцер–Блум. Ракот на дојка е најчестиот тип дијагностициран рак кај жените во светот, а по смртноста овој вид карцином е на прво место во светот и во Македонија. Минатата година во земјава се откриени околу 1.200 нови случаи на рак на дојка или просечно по три до четири жени дневно. Македонија е една од ретките земји во Европа каде што смртноста од канцер се зголемила за околу 9 отсто во последните 15 години. Според бројот на смртни случаи од рак, Македонија е на трето место во Европа./крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.

