Македонија
Маричиќ: Размената на искуства и добри практики со Бугарија се чекор кон нови проекти
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, го отвори денешниот состанок на меѓувладината работна група за европска соработка изразувајќи го своето задоволство од досегашната комуникација со своите колеги од Бугарија и можноста за интензивна соработка потенцирајќи дека веќе дава резултати.
Веќе поставивме стабилна основа во областа на евроинтеграциите, зелените политики и доброто владеење, сега е време само да ја надградуваме, рече вицепремиерот Маричиќ додавајќи дека соработката е клуч на добрососедските односи и напредокот на регионот.
Според Маричиќ, размената на искуства и добри практики во овие три клучни области преку дискусијата на се чекор кон нови проекти и конкретни иницијативи за соработка за понатамошно зближување на двете земји и општества.
„Средбите и новата комуникација што ја воспоставивме значи дека постои перспектива, дека имаме добри односи и дека имаме политичка желба и одговорност да гледаме во правец на развојот и нови можности, од кои двете земји и граѓаните од двете страни на границата може само да имаат корист“, додаде Маричиќ на состанокот.
По отворањето на состанокот, следуваше посебна сесија, на која вицепремиерот Маричиќ, заедно со Славица Грковска, заменичка на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, на темата: „Партнерство со граѓанските организации“, дискутираа со нивната бугарска колешка, заменик-претседателка на Владата за добро владеење, Калина Константинова, за следните чекори во активностите за системско вклучување на граѓанскиот сектор во сите работни групи и за проекти на кои граѓанските организации од двете држави може заеднички да работат.
„Во таа насока отворени сме за идејата да имаме заеднички фонд за финансиска поддршка на граѓанските организации, со точна идентификација на приоритетните области, распределбата на средствата и дефинирана процедура за селекција, која треба да се заснова на отворен, инклузивен, конкурентен и транспарентен процес“, рече Маричиќ.
По завршувањето на воведниот поздравен ден, следуваат паралелни состаноци на теми на кои надлежните министери ќе дискутираат за заедничките можности и потреби од соработката во конкретните ресори, а беше потпишана и декларација за заемна соработка помеѓу Министерството за електронско управување на Бугарија и Министерство за информатичко општество и администрација на Северна Македонија од страна на Божидар Божанов и Адмирим Алити.
Третата сесија на меѓувладината работна група за европска соработка – зелена транзиција и дигитална трансформација, владеење на правото, македонските и бугарските владини претставници ја одржаа во Скопје, а следната нивна средба е планирана за почетокот на мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

