Надворешна политика
Османи се сретна Ескобар, тензиите меѓу Србија и Косово ставени на маса
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан.
Во фокус на разговорите беа актуелните состојби во Западен Балкан, при што Османи го брифираше високиот американски претставник за Планот од 9 точки за деескалација на тензиите меѓу Србија и Косово, кој го иницираше во својство на Претседавач со ОБСЕ.
Воедно, беше разговарано и за потребата од забрзување на евроинтегративните процеси на Северна Македонија и земјите од регионот како споделена стратешка цел.
“Процесот на проширување на Европската унија претставува безбедносно прашање, и оттука забрзувањето на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан е од клучно значење за зачувување на стабилноста во нашиот регион, но и Европа кало целина. Високо ја цениме континуираната поддршка од САД во таа насока, што е споделен стратешки интерес, но и гаранција за ограничување на влијанието од трети страни”, истакна Османи
На средба стана збор и за развојот на билатералните односи во рамки на Стратешкиот дијалог, како и за целокупната поддршка за зајакнување на демократските институции, напредок во владеењето на правото и борбата против корупција.
Воедно, на средбата беше поздравено сојузништвото меѓу двете земји во рамки на НАТО, при што беше истакната поддршката за Украина и заедничките заложби за одбрана на современите демократски принципи и вредности, како и силна осуда за руската воена инвазија.
На маргини на Дубровник форум 2023, Османи оствари средба и со Претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Ренауд- Басо, додека посебни средби ќе реализира и со заменик претседателката на Владата и министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Марија Габриел и со министерот за надворешни работи на Република Ерменија, Арарат Мизорјан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.