Македонија
Нема пари за новинарството
Медиумите во Македонија, во последно време, се финансираат на два начинa, и тоа медиуми кои се конторолирани од владејачката гарнитура и медиуми кои се плаќаат како проект, а и двата начини на финанисање се неодржливи на долг рок, сметаат говорниците на дебатата на тема „Кој го плаќа новинарството“.
„Ни едниот, ни другиот начин не се одржливи затоа што првиот може да замре со самото менување на власта, а второто затоа што оној кој го плаќа проктот може да изгуби интерес“, смета Горан Mихајловски, уредник и сопственик на порталот Сакам да кажам, и поранешен уредник на весникот Вест.
Тој додаде дека во општество во кое власта носи новинари на настани и им го плаќа дури кафето не може да очекувате критички новинар, туку се ствараат новинари податливи за поткупување од кој било.
Дополнително, според него работите се усложнуваат со нерегулираноста на интернет просторот, каде се појавуаваат разно-разни портали кои пласираат секакви вести. Вели дека постои една голема група публика кои вестите ги прима на мобилен телефон, а не како порано да чекаат вести во централниот дневник во 20 часот, и таа група треба медиумите да ја култивираат за да разликува кои вести се вистинити.
„Друга тема е како ќе дојдеме до пари. Затоа што пари нема“, вели Михајловски кој укажува на феноменот со стопанственици кои нема да ви платат доволно за да одржите редакции затоа што државното финансирање на медиумите доведе до намалување на цените за маркетинг просторот.
На овој проблем укажа и сопственикот на телевизијата Коха од Тетово, која постои веќе 25 години, Меваип Абдиу и кој во тоа време успеал да забележи дека на почетокот сопствениците на медиумите се знаеле кои се, а сега вели, едни менаџираат со медиумот, затоа што законски се наведени, а сопствениците се скриени.
Абдиу рече и дека во денешно време ни компаниите не даваат пари за реклами во одредени медиуми, ако медиумите не се наоѓаат на соодветната партиска листа.
Младен Чадиковски, уредник на телевизијата 24 Вести, и поранешен директор на неделникот Фокус, вели дека новинарството е до таа мера „загадено“ што може да се спореди со загадениот воздух со огромно количество недозволени честички ПМ10.
„Во едно систематско уништување на новинарството од актуелната власт, која тоа го прави повеќе од десет години, наметнати се лоши стандарди за новинарство“, вели Чадиковски, но смета дека работите се придвижуваат на подобро.
Билјана Петковска, директор на Македонксиот институт за медиуми (МИМ), која во соработка со Ррегионланиот проект финансиран од ЕУ, под наслов „Медиумска обсерваторија на ЈИЕ“, во четири години спровеле истражување на теми „Финансирањето на медиумите сфатено како јавно добро“ и улогата на државните институции во заштитата на медиумскиот интегритет.
„Медиумскиот систем во Македонија е заробен и се наоѓа во шема на едни коруптивни клиентелистички односи, коишто се на релација медиуми-сопственици на медиуми-поединечни новинари на високи позиции во медиумите-власта и бизнис елита, која најчесто има клиентелистички-коруптивни релации со власта, а тоа во најголем дел се финансира со јавни средства, со пари од Буџетот“, вели Петковска.
Таа нагласи дека постои трет столб, бидејќи истражувањата покажуваат дека квалитетното новинарство коешто навистина се покажува дека е во служба на јавниот интерес и на граѓаните е нешто што постои само кај портали и непрофитни медиуми и се занимаваат со истражувачко новинарство и во најголем дел, речиси стопостотно се финасирани од странски донации.
Милан Живковиќ, медиумски експерт, кој работел и во Министерството за култура во Хрватска на оваа проблематика посочи дека таму медиумите се финансираат и се помагаат со намалување на Данокот на додадена вредност за медиумите, потоа од Фонд за плурализам или фонд кој се полни од радиодифузна такса, а голема промена направила директната поддршка за непрофитните медиуми од Буџетот./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Измамена 76-годишна битолчанка: се претставил како лекар и ѝ зел 7.000 евра за да ја спаси внуката повредена во сообраќајка
Во полицијата во Битола, 76-годишна жена вчера пријавила дека била измамена за 7.000 евра.
„76-годишна жена од Битола пријави дека била измамена од страна на непознато машко лице, кое и се јавило на телефон и ѝ се претставило како лекар, по што и кажало дека нејзината внука е тешко повредена во сообраќајна несреќа и треба да даде пари за да ѝ го спаси животот. Пријавителката заедно со сопругот однеле 7000 евра и ги дале на едно лице кое, според договорот, ги чекало кај саатот во Битола. Подоцна, пријавителката сфатила дека била измамена односно дека нејзината внука не учествувала во сообраќајна несреќа“, соопшти МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Панична пропаганда се за Петрушевски обвинувањата од СДСМ за реформите во ВМРО-ДПМНЕ
„Обвинувањата на СДС се класичен пример на панична пропаганда без факти и без аргументи“, рече денес пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, одговарајќи на обвинувањата од СДСМ дека место нови лица старата банда е реформата во ВМРО-ДПМНЕ.
„Факт е дека Драган Ковачки поседува валиден НАТО сертификат, што целосно ги демантира лагите дека бил ’одбиен од НАТО’ или дека не исполнувал безбедносни услови. Сѐ друго е злонамерна конструкција за дневнополитички потреби. ВМРО-ДПМНЕ спроведува внатрепартиски реформи согласно Статутот и со јасна цел, ефикасна, одговорна и европски ориентирана партија. Обвинувањата за наводна контрола врз институции и медиуми се неосновани и доаѓаат од структури кои со години ја злоупотребуваа државата и сега се плашат од одговорност“, рече Петрушевски.
ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласи Петрушевски, останува цврсто посветена на политиките што значат Македонија интегрирана во ЕУ, стабилен НАТО партнер и заштита на државните и националните интереси.
Македонија
Во 15 контејнери собран над еден тон текстилен отпад во Кисела Вода: жителите на Расадник со најголем интерес
Еден тон текстилен отпад е собран за само еден месец од поставувањето на првите контејнери за текстилен отпад на територијата на општина Кисела Вода, соопштија денес општинските власти.
Според податоците добиени од лиценцираната компанија ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје, најголема количина е собрана од контејнерот поставен во населбата Расадник, што општинарите велат дека укажува на висок интерес и активна вклученост на граѓаните во процесот на селектирање и правилно одлагање на текстилниот отпад.
„Во моментов се поставени 15 контејнери на различни локации пред месните заедници, а паралелно се изработуваат уште 15 нови, кои во следната фаза ќе бидат поставени пред основните училишта и детските градинки. Со тоа, вкупниот број ќе достигне 30 контејнери, а иницијативата ќе добие и силна едукативна компонента, насочена кон најмладите“, велат од Општината.
Ова е првпат во општина Кисела Вода да се воспоставува ваков систем за собирање текстилен отпад, преку договорот што беше потпишан меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и Фаик Мифтари, управител на ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје.
„Со поставувањето на контејнерите за текстилен отпад правиме уште еден суштински исчекор кон современо, одговорно и одржливо управување со отпадот. Фактот што за само еден месец е собран еден тон текстилен отпад покажува дека граѓаните ја препознаваат важноста на оваа иницијатива. Ова партнерство не претставува само техничко решение, туку вложување во едукацијата, свеста и иднината на нашата заедница. Преку ваквите проекти испраќаме јасна порака дека заштитата на животната средина е заедничка обврска и трајна вредност. Искрена благодарност до ЕКО-ТЕКС ГРУП за нивната општествена одговорност и придонесот кон почиста и поздрава околина“, рече градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

