Македонија
Нов објект на полициска станица во Струмица во којшто ќе се сместат повеќе институции
За десет месеци на местото на старата зграда на полициската станица во Струмица ќе биде изграден нов модерен објект во кој ќе бидат сместени подрачни единици на повеќе институции. Проектот е вреден 1,1 милион евра, средства обезбедени од Буџетот на државата, најави премиерот Никола Груевски.
„После реконструкцијата тука ќе бидат сместени повеќе институции кои ќе им бидат на располагање на струмичките граѓани, како подрачните одделенија на Управата за имотно-правни работи, на УЈП, Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за матична евиденција. Сите овие институции ќе бидат на едно место без да треба граѓаните да шетаат од едно на друго место за да си завршат работа и извадат некој документ“, рече Груевски.
Премиерот Груевски имаше средба со жителите на Куклиш, на која тие ја поздравија изградбата на системот за наводнување со кој, како што рекоа, ќе имаат поголеми приноси и помали трошоци.
Жителите од Куклиш ја поздравија и одлуката за земјоделските пензии со носењето на Закон со кој се признава стажот, а земјоделските задруги побараа од премиерот и локација за изградба на дистрибутивен центар за земјоделски производи за што, Груевски го задолжи министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски да се ангажира по однос на ова прашање.
На средбата жителите од Куклиш реагираа и на проблемот што го имаат со опожарениот дом за кој иако од советниците беше предлагано да се реконструира, општината и градоначалникот Зоран Заев не го реновираа, а ниту пак изработија проект за реновирање за да добијат средства од Програмата за рурален развој.
За овој проблем иако од страна на Заев жителите добиваа ветување дека ќе биде реконструиран, со години тоа ветување не е исполнето. За овој проблем беше договорено советниците во рамки на нивните можности да продолжат со барањата да се реконструира домот./крај/мф
Извор: МИА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.
Македонија
Утре облачно време со температура до 14 степени, од недела заладување
Времето утре ќе биде облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m² , а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.
Македонија
Град Скопје најавува системско проширување на „Лајка“: 30 милиони денари за хумано решавање на проблемот со бездомните кучиња
Град Скопје почнува, како што соопштува, сериозен, хуман и системски пристап за решавање на проблемот со бездомните кучиња преку значително проширување на капацитетите на ЈП Лајка.
Од Град Скопје информираат дека по преземањето на функцијата градоначалник, ставен е крај на досегашната практика ЈП „Лајка“ да се користи за партиски вработувања, при што фокусот е насочен кон вистинско и одговорно справување со проблемот кој, како што се наведува, со години бил игнориран.
Во програмата на градоначалникот, се посочува во соопштението, предвиден е значаен фокус на ова прашање, а обезбедени се 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“ и за создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња. Станува збор за, како што се наведува, суштинска промена со цел постигнување конкретни и видливи резултати.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека нема да се дозволи Скопје да биде депонија за бездомни кучиња од други градови. Прашањето за нивното несовесно носење во главниот град веќе е отворено со надлежните институции, а со воведувањето на системот „Сејф Сити“ ќе се овозможи идентификација и санкционирање на сите прекршители.
Воедно, градоначалникот упатил апел до граѓаните да бидат активен партнер во овој процес и секоја појава да ја пријавуваат, посочувајќи дека само со заедничка акција може да се воспостави функционален и одржлив систем за справување со проблемот.

