Македонија
Oдѕивот на парламентарните избори надмина 50 отсто
Десеттите парламентарни избори завршија со одѕив од 50,86 отсто. На гласање излегле 922.678 гласачи од обработени 3.466 избирачки места од вкупно 3.480.
Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, рече дека очекува бројот да се зголеми со оглед на тоа што овие податоци се од петнаесетина минути пред затворањето на гласачките места.
Најголем одѕив има во Четвртата изборна единица – 59,79 проценти, а најмал и понатаму останува одѕивот во Шестата изборна единица со 39,23 проценти. Во Првата изборна единица одѕивот е 52,17, во Втората е 47,97 проценти, во Третата – 57,31 и во Петтата – 50,16 отсто.
Општини со поизразен одѕив во Првата изборна единица се Карпош со 53,73 отсто, Аеродром со 51,74 отсто, Кисела Вода со 52 ,77 отсто, Македонски Брод со 70, 09 отсто, Сарај со 52,02 отсто, Сопиште со одѕив од 59,55 отсто, Центар со 52,72 отсто и Чаир со 47,58 отсто.
Во Втората изборна единица поголем одѕив ДИК бележи во Арачиново – 47,21 отсто, Бутел – 50,67 отсто, Гази Баба со 50,69 отсто, Ѓорче Петров со 51,91 отсто, Старо Нагоричане со 53,64 отсто и Шуто Оризари со 33,58 отсто.
Во Третата изборна единица со вкупен одѕив од 57,41 отсто, поголем одѕив е забележан во Берово – 63,36 отсто, во Велес – 53,08 отсто, во Делчево – 58,67 отсто, во Штип – 56,65, 55,15 во Петровец, 72,32 отсто во Крива Паланка и Илинден со 52,44 отсто.
Во Четвртата изборна единица со вкупен одѕив од 58, 85 отсто, поголем одѕив бележат Василево – 58,07 отсто, Гевгелија – 69,25 отсто, Демир Капија со 69,47 отсто, Кавадарци со 62,53 отсто, Прилеп – 61,23 отсто, Неготино со 69,95 отсто и Струмица со 57,15 отсто.
Во Петтата изборна единица се издвојуваат Битола со 56,57 отсто, Дебар со 40,28 отсто, Кичево со 51,58 отсто, Крушево со 70,21 отсто, Ресен со 48,72 отсто, Струга со 41,92 отсто и Охрид со 54,63 отсто.
Во Шестата изборна единица Тетово има одѕив од 45,53 отсто, Гостивар има 37,9 отсто, Брвеница има одѕив од 39,64 отсто, Јегуновце – 45,81 отсто, делот од Кичево во „шестката“ има одѕив од 37,25 отсто и Врапчиште има одѕив од 31,09 отсто.
Претседателот Деркоски им се заблагодари на граѓаните за изборниот ден во исклучително комплицирани услови.
„Им честитам на граѓаните за изразениот демократски капацитет“, рече Деркоски и најави дека во ДИК за половина час ќе почнат да стигнуваат резултати.
Денес, гласањето, наместо вообичаените 12 часа, траеше 14 часа поради примената на здравствените протоколи за заштита од коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

