Македонија
Oсмани на средба со австрискиот амбасадор по повод терористичкиот напад во Виена

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска оствари средба со Георг Вуцас, вонреден и ополномоштен амбасадор на Австрија во земјата, по повод последните трагични случувања и грозоморни убиства во Виена.
Како што информираат од Министерството, на средбата Османи ја пренел македонската поддршка за Австрија во справувањето со вчерашниот акт на тероризам и притоа изразил сочувство за семејствата на жртвите и настраданите пренесувајќи ги и желбите за што побрзо заздравување на повредените.
Османи истакнал и дека за радикалниот ислам и сите форми на екстремизам нема толеранција и оправдување.
„Силно го осудуваме синоќешниот терористички напад во Виена и ја споделуваме болката со нашите австриски и европски пријатели. Тероризмот не признава ниту нација ниту потекло и цврсто стоиме против сите негови форми, без разлика од кого е сторен. Сега е најважно да се покажат солидарност и координација во заедничкиот одговор против ваквото зло, кое ѝ штети на толеранцијата и се заканува да создаде раздор помеѓу Европа и други делови од светот. Одговорот треба да биде едногласен и одлучен, солидарноста на Европа е клучна во овие моменти на заштитата на нашите демократии“, истакнал Османи посочувајќи притоа дека Република Северна Македонија и како членка на НАТО, и како земја кандидат за членство во Европската Унија активно придонесува кон меѓународната коалиција за борба против тероризмот од каков било вид.
На средбата тој изразил и целосна подготвеност на нашите безбедносни структури за активна соработка со безбедносните органи на Австрија и Европол.
„Со оглед на појавените информации за можните двојни државјанства на некои од учесниците, добив потврда од нашите безбедносни структури дека се во целост ставени на располагање за потребите на органите на прогон на Австрија, како и на Европол. Северна Македонија ќе се залага безрезервно во справувањето и сузбивањето на ваквите и какви било други видови тероризам и насилство врз невини луѓе, кои ги загрозуваат стабилноста и демократијата на Европа и ги нарушуваат нејзините основни вредности и принципи“, рекол Османи упатувајќи уверување за целосна соработка и отворена поддршка од нашата земја при расчистување на целиот случај и изведување на напаѓачите пред лицето на правдата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.