Македонија
Oстанува на сила поништената аболиција на Иванов, продолжуваат судењата за обвинетите од страна на СЈО

Поништената аболиција на експретседателот Ѓорге Иванов е уставна и законска, одлучи Уставниот суд. Според уставните судии, не смее да им се скрати правото на граѓаните за повлекување на аболиција, доколку сметаат дека можат својата невиност да ја докажат во судска постапка.
Одлуката е донесена со пет гласа „за“ и со три „против“. Тоа значи дека членот 11а од Законот за помилување, кој пратениците го вметнаа во законот во 2017 година, откако Ѓорге Иванов прогласи колективна аболиција за 56 лица, е законски.
Имено, членот 11а мораше да се вметне во Законот за помилување затоа што Иванов немаше друга основа за повлекување на сите дадени помилувања. Откако пратениците му дадоа таква законска можност тој по нецели два месеца откако даде, ја поништи одлуката за аболицијата.
Претходно, Иванов за да одлучи да ги помилува сите осомничени, обвинети, па по грешка дури и сведоци во постапките на Специјалното јавно обвинителство, се повика на членот 11 од Законот за помилување кој практично не постоеше во правниот поредок. Затоа тогаш, во април 2017 година, правните експерти коментираа дека аболицијата воопшто не е можно да се даде затоа што членот на кој се повика Иванов не постои. Многумна признати професори, како Светомир Шкариќ, Гордан Калајџиев, па дури и Гордана Силјановска-Давкова, која е дел од партијата на Иванов, се противеа на така изречената аболиција без законска поткрепа.
Во 2016 година, со цел да му отвори пат на Иванов за поминувањата, Уставниот суд ги укина сите измени во Законот за помилување донесени во парламентот во 2009 година. Со тие измени во 2009-та практично се брише членот 11 од Законот за помилување од 1993 година, а токму тој член му давал право на претседателот, без процедура низ другите институции, самиот да определи кого и во која фаза од постапката ќе го помилува.
Но, тоа што во 2016 уставните судии ги укинуваат измените од 2009 година, не значи дека на сила го вратиле членот 11, оној кој му го дава тоа дискреционо право на претседателот во законот од 1993 година. Тоа е така бидејќи Собранието во 2009 година целосно го избриша тој член од Законот за помилување. Иванов сметајќи дека членот 11 е вратен во игра, иако тоа не е можно, одлучи да даде аболиција на 56 лица, колективно, без индивидуализација на решенијата, без конкретни кривични дела, па дури за некои од неговата партија, како Груевски, Јанкуловска, Јанакиевски… ги аболицираше по десетина пати.
Аболицијата се спроведуваше низ обвинителствата и судовите сè до моментот кога во јуни 2017 година Иванов, под притисок на јавноста, одлучи да ја поништи врз основа на член 11а, вметнат непосредно пред тој да се одлучи да ја отповика аболицијата. Токму тој член 11а беше тема на денешната седница на Уставен суд, за да се провери дали Иванов имал право да ја поништи еднаш дадената аболиција. Судиите одлучија дека законски ја повлекол. Со тоа се отвора патот за предметите на СЈО да се процесуираат пред домашните судови.
Аболицијата на Иванов ја користат и обвинетите од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ во нивните тужби пред Судот за човекови права во Стразбур, со кои тврдат дека им се ускратени човековите права со тоа што им била поништената аболиција. Со ваквата одлука на Уставиот суд, нивното тврдење останува непоткрепено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски е ист како Заев, им го продолжува мандатот на судиите и обвинителите за да може непречено да продолжи со криминалот

Власта на СДСМ и ДУИ целосно го партизираат правосудството и преку измени на Законот за работни односи сака да им го продолжи мандатот на своите политички извршители, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„ Насилното и недолично однесување на пратениците од владејачкото мнозинство на комисијата за европски прашања, ставањето на европско знаменеце на законот, недозволување на пратениците од опозицијата да дискутираат, е само уште една потврда дека владата на СДСМ и ДУИ им го продолжува мандатот на судиите и јавните обвинители за да може непречено да продолжат со криминалот како и до сега. Ковачевски сака целосна контрола врз судството и јавното обвинителство“ се вели во соопштението.
Од партијата велат дека СДСМ и ДУИ се на страната на криминалот и корупцијата, и , како што додаваат, токму поради тоа им го продолжуваат мандатот на партиските војници во судските органи.
„ Ковачевски е ист како неговиот шеф Заев, и сака на насилен начин да го продолжи мандатот на судиите и обвинителите кои до вчера носеа пресуди во корист на власта, занемарувајќи ја вистината изнесена преку материјални докази и факти. Јавноста е сведок дека до сега нема ниту една правна разрешница за криминалот на високите владини и партиски функционери на СДСМ и ДУИ.
Токму поради ова е ниската доверба од 8 проценти од страна на граѓаните во правосудниот систем во државата. Судството и јавното обвинителство се под партиска капа и идеолошка контола на владата на СДСМ. Ова е е најфлагрантното и најбруталното кршење на демократските процеси, а владата директно го урива уставниот поредок преку мешање на извршната во судската власт. Потребни се промени“ додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, единствен излез од ваквата состојба се предвремени парламентарни избори.
Македонија
Петровска од Мадрид: Отпорноста и моќта на институциите и граѓаните е клучно во борбата против хибридните закани

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, вчера во рамките на Самитот на НАТО во Мадрид учествуваше на работната вечера на министрите за одбрана на НАТО на која се дискутираше на темата: “Влијанието на Хибридните закани во Западен Балкан”.
Петровска во дискусијата со останатите министри за одбрана, потенцираше дека ефективна стратешка комуникација е клучна во борбата против ваквите закани и безбедносни ризици како и дека надминувањето на ваквите предизвици се еден од приоритетите на НАТО и дел од дискусиите на Самитот.
„ Она што нам ни е потребно е зголемување на ефикасноста и квалитетот на нашите институции преку професионализација на кадрите. Исто така, ни треба образование кое ќе ги оспособува граѓаните за критичко размислување. Отпорноста и моќта на институциите и граѓаните е клучно во борбата против хибридните закани за функционирањето на едно општество кое ќе се базира на доверба, а не на раздор”, истакна Петровска.
Таа се наврати на успехот на политиката на отворени врати на Алијансата и нагласи дека истиот потребно е да се преслика и со Проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан со што ќе се зацврсти безбедноста и ќе овозможи поголем просперитет, а во спротивно, отсуството на кредибилната европска перспектива може да има повеќекратни негативни тенденции на овие простори.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 38 степени Целзиусови

Сончево и многу топло со мала до умерена облачност ќе биде времето денеска во републиката.
Според информациите на УХМР, попладне ќе има развој на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени. УВ=9
Во Скопје и во околината ќе преовладува сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 36 степени.
И следните денови ќе преовладува топло време со дневни температури кои насекаде ќе бидат над 30 степени. Поради зголемената влага во атмосферата ќе има чувство дека температурата на воздухот е повисока.
И покрај топлото време, претежно во попладневните и вечерните часови поради влијание на циклонска активност од исток ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално и услови за појава на краткотрајно невреме.