Македонија
Oбвинетите во „Титаник“ повторно ќе слушаат бомби во судницата
Во кривичниот суд во Скопје утрово треба да продолжи судењето за предметот „Титаник” за изборни измами, на кое треба да бидат преслушани дел од преостанатите над 600 необјавени бомби како докази на специјалното јавно обвинителство.
На минатото рочиште од бомбите се слушаше како ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, бара од неговите соговорници итно да најдат противкандидати на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2013 година, за да не пропадне изборниот круг, а за таа услуга да им нудат пари за поткуп на некои од противкандидатите.
Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во еден од разговорите откри и дека на една адреса се воделе по 50 луѓе и дека „индијански работи се прават за време на молк“.
Во „Титаник“ обвинети се 21 лице, меѓу кои, поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Побегна еден од осудените за автобуската несреќа со 16 жртви кај Ласкарци
Судот и полицијата уште трагаат по Ремзи Мифтари, осуден на 10 години затвор за автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 луѓе, а 30-ина беа повредени. Мифтари требало да оди во затвор уште во мај, а гостиварскиот суд пред четири дена испратил барање до МВР и СВР Тетово за присилно приведување на издржување на затворска казна.
Од СВР Тетово велат дека пред четири дена ја добиле наредбата, но гостиварската полиција не успеала да го најде дома, ниту на други локации и во тек се активности за негово откривање. Претходно, за Мифтари била изготвена покана да се јави на издржување на казната во затворот во Идризово, но откако не се јавил во наведениот рок, затворот го известил надлежниот гостиварски суд, по што е покрената постапка за присилно приведување.
Откако Апелација му ја зголеми казната од шест на десет години затвор, Мифтари бараше нејзино одлагање со лекарско уверение за операција на кила на тестиси, но одлагањето на казната одамна му е истечено.
Ремзи Мифтари, одговорниот за превоз во „Дурмо турс“, и сопственикот на фирмата, Дурмиш Белули, се осудени на по 10 години затвор за трагедијата кај Ласкарци кога неисправен автобус полн со патници излета од патот. Загинаа 16 патници, а повеќе од 30 беа повредени.
Возачот Маноил Трифуновски беше осуден на 14 години затвор, а тројца вработени во техничкиот сервис на „Дурмо турс“ добија една петгодишна и две седумгодишни затворски казни.
Македонија
Нема опасност од излевање на реките по обилните врнежи од дожд, велат од ЦУК
Центарот за управување со кризи информира за состојбата по обилните врнежи од дожд, според која состојбата со водостоите на реките на територијата на земјава до 18 часот е стабилна.
-На територија на Општина Куманово, Општина Старо Нагоричане, Општина Ранковце и Општина Липково нема излевање на реките. Нивото на реката Пчиња е во опаѓање и нема опасност за излевање, соопштува ЦУК.
Во текот на вчерашниот ден екипата на „Македонија пат“ интервенирала на отстранување на одрони на камења кај м.в. Чатал и отстранување на градежен материјал од стара напуштена куќа од една коловозна лента во с. Шлегово на патен правец Страцин-Пробиштип.
Исто така, додава ЦУК, на територија на Општина Кратово нема обилни врнежи од дожд. Водостојот на Кратовска и Крива река е зголемен.
Во Охридскиот регион по обилните врнежи од дожд во изминатите денови има навлезено вода во повеќе куќи во подрумите и дворовите каде се интервенираше од страна на ЈП-Нискоградба и остнати ЈП од општината. Локалната самоупрва кризен штаб Охрид со багер денеска ги расчистува запушените корита и канали на помалите реки во Општината. Поплавени подруми, дворови и бавчи имаше на ул. „Железничка“, „Ариф Мустафа“, „Аџи Мустафа“, „Лескајца“, „Долно Лакочереј“ и во други делови од грдот во помал обем. Во овој момент започнати се нови врнежи од дожд но со мал интензитет и нема пријавени дополнителни проблеми, наведува ЦУК.
-Во Битолскиот регион нема нови врнежи од дожд, реките се вратија во речните корита и се во тенденција за намалување односно нивото на водата е намалено. На територија на Општина Ресен како резултат на обилните врнежи повеќе нема излевање на реките од речните корита нивото на водата е значително намалено и во опаѓање. Во општина Демир Хисар повеќе нема излевање на реките од речните корита нивото на водата е значително намалено. Пријава за одрон на Патниот правец R-1305 Битола-Кичево кај с. Железнец. Известени МВР ПС Демир Хисар и Македонија пат. На расчистување интервенира Македонија Пат.
И во Скопскиот регион, додава ЦУК, во моментов во РЦУК Скопје не се пристигнати пријави за нарушуванье на редовната состојба во Градот Скопје и неговата околина како последица од врнежите.
И во Струмичкиот, Штипскиот и Велешкиот регион поради обилните врнежи, нивото на речните корита е зголемен, но не е забележано излевање и состојбата е мирна. -На територијата на РЦУК Велес, РЦУК Неготино , РЦУК Кавадарци и РЦУК Свети Николе нема нарушување на редовната состојба, нема излевања на реките, додава ЦУК.
Оттаму додаваат дека во северозападниот регион што ги покрива РЦУК Тетово и РЦУК Гостивар состојбата е стабилна, а има пријава за одрон кај патот Маврово – Дебар од ЈП Македонија пат е испратена екипа на отстранување на одронот.
Македонија
Облачно со повремени локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од југозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно, со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Денеска ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 40 l/m² за 24 часа), локално во форма на невреме со засилен ветер и појава на грмежи.
Од утре поради продор на постудена воздушна маса на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Во почетокот на следната седмица утринската температура значително ќе опадне. Нови локални врнежи од дожд се очекуваат од вторник.

